Случајот Енис Хилми и Тото или зошто животот е убав

Енис Хилми станува повидлива на македонската културна сцена (не дека таа нема свое место на охридската, а последниве години и на берлинската) токму преку својата прва збирка раскази „Градот што не го засакав на прва“ со која ја освои наградата „Новите“ за 2024 година. И самиот наслов е доволно провокативен зашто се чита како контрапункт на онаа скоро излитена фраза „љубов на прв поглед“. Расказите ги исчитав во еден здив и толку сакав нешто да напишам за нив зашто скоро ми беа многу блиски по сензибилитетот на Јерговиќевиот „Сараевски Малборо“, по тој микс на емоции кои час се радосни, час горки, час возбудливи, час изненадувачки, час смирувачки, час вознемирувачки. Згора на сè тие се нижат низ една постојана контрастност до контрадикторност. И скоро сите се натопени со некоја носталгија. Кога е во Берлин таа тагува за Охрид, кога ќе дојде во Охрид веќе неизмерно ѝ недостасува Берлин, зашто како што ќе напише и нејзиниот сограѓанин Милчо Јованоски овие раскази се и потврда за оваа слика: „Наспроти германската педантерија и сѐ да се стави под конец е нашиот балкански темперамент со бурек  во рака или кафе на маса да се споделат сите радости и таги со првиот којшто зборува на нашки“. И кога поентираше во својот осврт за „Градот што не го засакав на прва“ со мислата: „Длабоко во мене нешто ми вели дека за брзо Енис ќе нè израдува со нешто ново. Чекаме со ширум раширени раце.“, не очекував дека тоа ново толку брзо ќе се случи.

А сега чувствувам дека оваа најновата како да е исткаена од една љубов рамна на онаа во Константиновата „Т’га за југ“: „таму по срце в кавал да свирам / с’нце да зајдвит, ја да умирам“.

Но да почнеме со ред! Сепак ова е некаков случај (така го именувам овој мој текст).

Многумина писатели велат дека најважни во една приказна се првата реченица, или првиот пасус, и секако, крајот на приказната.

А еве како почнува приказната „Само уште еден скок“:

„Тој ден сонцето силно светеше, но не грееше, и мене многу ми студеше. Се стуткав до мајка ми, најблиску што можев. Тогаш живеев во еден голем двор. Дворот го гледав низ една ограда. Од таму често слушав бучава. Подоцна научив дека тоа биле возила. И дека најмногу треба да внимавам на нив.

Хмммм… можеби згрешив… требаше да почнам со нешто  потопло и потивко.“

А завршува:

„Ја оставив барем уште малку да сонува. И шепнав тивко… ти благодарам за овој  речиси совршено магичен и многу долг живот.

Токму таков каков што некогаш одамна кога за прв пат те видов си посакав.

Плаво розевата убавина веќе го боеше небото и тоа ме успокои.

Знаеш нели дека те сакам повеќе од себеси, воздивнав тешко и отидов да направам уште еден скок.

Еден додуша, малце подруг скок.“

И веднаш дилемата кој тоа раскажува? Кој тоа вели: „Но сега јас сум се уште многу мал, а светот е многу голем. Некои околу мене велат дека бил и страшен. Но јас не мислaм така.“?“ Кој си ја отвора душата и ни го раскажува својот живот? Кој така убаво ја започнува својата биографија па ни шепоти:

„Мајка ми нежно ми шепотеше дека моите очи биле без трунка страв и без капка знаење, но затоа љубопитни до небо. А и прво што здогледав беше небото. Низ меките свиленкасти влакненца на крзното на мајка ми. Каква сино розева  убавина беше тоа. Веднаш го засакав. Мајка ми  ми кажа  дека небото е многу  далеку. И  дека само љубовта може да сигне до него. Особено онаа  љубов кон човекот.“

Кој навистина треба да направи само уште еден скок, како што вели, малце подруг скок?

Не ми забележувајте што премногу ми давам право на глас на овој што треба да направи само уште еден скок. Зашто не сум му рамна, не можам на таков начин да го кажам тоа што тој сака да ни го каже, а не знам ни приближно да го парафразирам. Можам, ама нема да е толку убаво, нема да е толку ефектно. И ако на Енис Хилми не ѝ се случи засакување на прва со градот, овде се случува вистинска љубов на прв поглед. „Од тој миг започнав да ги бројам деновите за една извесна разделба. И една неизвесна средба. Наредните денови доаѓаа и други луѓе во дворот. Но јас постојано мислев на девојката со капутот во бојата на небото.“, пишува или подобро раскажува Тото (синот на Бела и Барт), а Енис Хилми го запишува тоа негово раскажување. Зашто факт е дека кучињата не знаат ниту да зборуваат, ниту да раскажуваат, а уште помалку да пишуваат. Или, можеби, сепак не е така!

А Тото откако ќе се всели кај Е. целосно ќе ѝ го украде срцето, но не само тоа туку и креветот: „… креветот што си го бев замислил. Еден голем кауч сместен до балконската врата со  поглед кон калето и езерото.“ А оваа девојка, освен што е Е., станува и „девојката во сино“ рамна на оној познат рефрен на Пеперминт „Девојката со точакот“. Зашто, како што вели тој самиот: „На ова моево небо, најмногу сакам кога облаците ми цртаат приказни.“ Зашто овој Тото знае така убаво во детали да ни ја опише девојката која го сака најмногу на светот, да ја нацрта кујната во која нема пристап зашто таа е посебно место и единствено наменето само за девојката во сино, знае да ни покаже колку му се радува на местото за јадење во новиот дом, но и на местото за спиење, на легенот полн со играчки, на превкусните мини колачиња домашно правени, на… Ни признава и дека не сака да се капе во када, но дека го сака големиот жолт пешкир на бели пруги што го суши и притоа уште и го гали, а ја обожава и својата бањарка, иако го нервира нејзината капа, но и дека целосно е навлечен на џез па затоа и не му придава значење на пеењето ни на попот ни на оџата, дека од дно на душата го мрази зборот „чао“, а од овој збор единствено повеќе ги мрази куферите, оние кои ги пакува неговата Е., во која става сè и сешто, ама никогаш не го пакува/спакувала и него… Зашто: „ништо ама баш ништо не ми фалеше. Освен, таа. А тоа  е СЀ.“, вели Тото, чие вистинско име му е Тоторо, кое гордо му стои напишано само во пасошот заедно со неговата прва профил фотографија во боја.

Енис ја познавам и лично, ја познавам и пред да стане некој писателски фактор. Но за жал Тото не. И сега ми е криво што немав можност и лично да го запознам зашто можеби ако му се допаднев, па и ако не му се допаднев, ќе бев дел од оваа негова приказна. Па зошто само Марко (на сестра ми Маја и зет ми Џоле) да е лик во оваа негова исповед? Па дури и нивниот Бубу станал лик: „ Ах не ми го спомнувајте Бубу.“, вели Тото. „Многу бев љубоморен, многу. Што ќе им беше тоа изгужвано куче, кога ме имаа мене, и тоа секој викенд без промашај. Ах колку ги сакав тие викенди без Бубу, кога сите се притресуваа над мене и кога се тепаа кој побргу и подолго да ме шета. И после, замислете раскажуваа дека Бубу имал трауми од мене. Заради моето игнорирање. Па ќе има.“

Мора да признам малку им завидувам што ете и тој и Маја и Џоле и Бубу го познаваа Тото. А Марко добива и некоја нова димензија што можеби јас и не сум му ја забележала, и тоа преку очите на Тото, кога ми/ни раскажува:

„Како што еднаш Марко кога беше мал, праша зошто му даваме на кучето колачиња, а немаме појма каков вкус имаат. Замислете да се одвратни рече, и одма лапна еден кучешки бискрек на педигре, веројатно очекувајќи вкус на кекс со топено чоколадо. Никогаш нема да му ја заборавам фацата на избезуменост од гадење.

Затоа пак идеите на Марко беа фантастични. И кон мене секогаш фул заштитнички. Оваа баш му ја запаметив.“

И така пред нас оживуваат сите што го прават животот на Тото истовремено и убав и возбудлив како сестрата на девојката во сино со име Хуа која знае да му носи „некои фенси шменси тракатанци“, како онаа Лили што скришум му дава залче повеќе, како Луција, како кајчарот, докторот каде оди на редовни контроли и кој констатира дека расте и се развива брзо и правилно, ветеринарот Оливер, тренерот Ристе кој го дресира, Соња која го вози во жолтото возило, Павел и Сјајна со кои се вози на едно големо модерно кајче кое Тото го вика „соба на вода“, Влатко, летачот Борис, Горазд и Ангелина, планинарката Илина, персоналот од кафичот/кафулето под неговата, нивната куќа (и Саше и Кате и Џана и Климент и Благојче и Маца)… Оживуваат и времињата кога Тото е исклучително среќен како во времето на короната зашто тогаш ја има Е. само за себе… Оживуваат дури и некои необични постови како оној на Хуа за што пишува: „… еден друг пост многу ѝ го сакав. Кога под фотографијата на која занесено мижуркам кон езерето, напиша: Те сакам Тото онолку колку што ти го сакаш езерото. И уште додаде светкави емотикони со: Убавецот и трепкачот  со  најубавите бели трепки.

Трепкам и сега  и очите ми солзат  додека ви го раскажувам ова.“

Но, Тото е и општествено ангажиран и во тој поглед отвора многу значајни прашања, како проблемот со уличните кучиња во кој ја сместува и приказната за уличниот Перо кој го спасува од нападот на две хаски, но и проблемите кои третираат еко-теми, како: загадувањето, снемувањето на езерото, пастрмката, јагулата, палењето на езерската трска, пожарите на депониите, но и урбаната агресија:

„Пред моите очи се кастреа и касапеа здравите големи дрва за да никнат бетони. Сведок бев на цели шуми што ги снемуваше за уште поголеми бетони, реки пресушуваа од отпад, или се сливаа во езерото со разни гадотии во нив, зеленила и паркови се претвораа во зградурини, никнуваа хотели без некому да му е грижа за рипчињата, ракчињата, планктоните, птиците и чистата вода. Апокалиптично, велеа некои од еко активистите. Не знам што значи ни тој збор, но мене почнуваше сè полека да ми личи на не дај боже пустелија. Верувајте, воопшто не сум по природа песимист. Но белким ќе научите дека без природа сѐ е пустелија.“, го крева својот глас Тото.

И воопшто не е претерување, но Тото е на праг да стане вистински книжевен јунак. Тој го живее својот живот со полни гради, размислува, зборува, опоменува, сака, дури и се вљубува во онаа Кјара, дури и се гордее на своите потомци, тагува и се радува, пркоси и стравува, се разболува и боледува, расте и старее…

Македонската книжевност не познава волку полнокрвен јунак-куче како што е овој Тото на Енис Хилми. Енис која му го позајмува гласот и го прави Тото пар екселанс куче-раскажувач. Пред неа, само Оливера Николова ни го понуди својот роман „Песот со тажен поглед“ за кој во 2020 ја доби и наградата Роман на годината. Во него како контрапункт на човековите злосторства (зашто приказната е сместена во втората деценија од 20 век, времето на штотуку завршените Балкански војни и веќе разгорената Прва светска војна), на валканата совест и на животот полн со гревови се поставува чистината на песот. Што е најинтересно, иако му се посветени само неколку страници во книгата, воопшто не е случајно тој пес со тажен поглед да биде одбран за наслов. И покрај малата улога, песот станува важен елемент во приказната, затоа што со него на главниот лик му стануваат поподносливи деновите во војната, го тера духовно и морално да се пронајде себеси, му го разбиструва умот, му создава јасност среде хаосот.

Дури и светската книжевност не популаризира до тој степен куче како главен лик како што тоа го прави Енис Хилми. Освен ако го имаме предвид искуството што ни го дава Лоис Данкан со својот роман за деца „Хотел за кучиња“ (од 1971) кој всушност како да се надоврзува на многу попопуларниот роман „Сто и еден даламтинец“ на Доди Смит (од 1956). А тој, пак, продолжува да живее преку анимираниот од 1961 и уште пополурниот игран филм од 1996 (со Глен Клоус во главната улога). Но, секако, пред сите овие, е филмот „Леси се враќа дома“ (од 1943 со Роди Мек Дувал и Елизабет Тејлор).

Романот-првенец на Енис Хилми му дава право на глас на кучето Тото. А тоа максимално ја искористува оваа привилегија и започнува да раскажува низ една перспектива која толку убаво ја видовме во филмот „Животот е убав“ (на Роберто Бенињи од 1997). За Тото и за „девојката во сино“ убавината на живеењето е во тоа што се случува тука и сега, во тоа што Е, токму во овој момент. Затоа Тото се обидува да им објасни и на оние што се плашат и од него, но и од сите видови кучиња, па вели: „Морав да ѝ објаснам дека мојата единствена мисија е да ги сакам сите луѓе. И да ги натерам и тие да ме сакаат. Особено оние што се плашат и не сакаат многу многу кучиња.“.

„Само уште еден скок“ колку што е роман на и за Тото, толку е и роман за самата Е. која сака многу да чита и да гледа филмови, да плива, но најмногу од сè сака да го сака Тото. „Само уште еден скок“ е и за љубовта што Тото ја има кон Е., но и за љубовта на Е. кон Тото. Ова е роман кој ја испишува сагата од првиот до последниот скок на убавиот Тото. Развиена низ 24 епизоди оваа приказна на Тото како да е ставена во некоја временска машина од едно деноноќие, како да го слушаме отчукувањето на секоја секунда, на секоја минута, на секој час … секоја приказна е скок на стрелката од аналогниот часовник, секоја приказна е скок од 0, 1, 2, 3… па сè до 24 (и повторно од 0) на дигиталниот часовник…

Одбројување од моментот на љубовта на прв поглед кога Тото ќе ја здогледа „девојката со капутот во бојата на небото“ до оние негови последни силни желби врзани токму за таа „девојка во сино“: „ … колку се имав зажелено да си легнам на терасата и да си го гледам небото … (…) … мојата единствена роденденска  желба, беше токму тоа. Е. да не биде никогаш тажна. (…) И оставив скришум неколку влакненца на перницата. За да не ме заборави. И едно мини колаченце срценце, што го криев со денови. И тоа скришум и го протнав под перницата. За да ја чува.“

Драги Тото, Е. никогаш не може да те заборави и Е. само заради тебе не смее никогаш да биде тажна. А и кога е тажна не смее тоа да го покаже, зашто трепери дека ти некаде од горе ќе ја видиш таа нејзина тага.

Драга Енис, ти благодарам што ни подари една толку топла и несекојдневна кучешка приказна. Верувај, и Тото е спокоен и многу радосен што те имал токму тебе за најголема љубов.

Драги Тото, оваа книга е всушност твоето мини колаченце срценце. И таа ја чува твојата „девојка во сино“.

Весна Мојсова-Чепишевска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *