Синовите на Адам (извадок)

Извадок од романот „Синовите на Адам“ на Михајло Свидерски.

Често навраќав кај Филиз и кај мајка ѝ. И тие беа среќни што ги посетувам, штом ќе влезев очите ќе почнеа да им сјајат, се прелеваа од радост и нивните лица добиваа свежина, веќе ја немаа онаа малаксаност со чудна мачнина, какви што беа вообичаено. Но, во моите очите тие секогаш беа малку чудни.

Во нивниот дом постојано владееше таа чудна и длабока тишина, во која секаков шум, освен дишењето, претставуваше закана за  рамнотежата на нивното секојдневие, во кое задлабочени во мислите си ги прераскажуваа соништата што ги сониле претходната ноќ, Филиз седната во фотелјата до библиотеката, а мјака ѝ спроти неа, плетејќи внимателно ја слушаше и ги одгатнуваше скриените значења на сонот.

Во нивниот огромен дом, прозорците беа затворени со мрежи за комарци, секогаш беше ладничко поради тоа што таваните беа многу високи, а собите широки.  Нивните лица беа малаксани со некаква мачнина, ретко се смееја, сите предмети во куќата како да лебдат, како да се поместуваат од подлогата и да висат во воздухот, како сѐ да е оставено на времето во кое владее само тишината и колку што повеќе сѐ останува непроменливо, толку се посреќни сопственичките.

И денеска како и обично, мајка ѝ на Филиз плете шал и, само што ќе стигне до крајот, повторно ќе го распара и ќе го почне отпочеток. Филиз ќе ја отвори книгата, ќе се насмевнува, потоа ќе плаче, ќе ги брише солзите и ќе ја стави на масата, мајка ѝ плетејќи забрзано, овој пат понервозно, гледајќи во ќерка ѝ, уште пред таа да каже дека не сака книги со тажен крај, како да ѝ ги чита мислите, ќе ѝ рече не натажувај се, Филиз, знам дека не сакаш книги со тажен крај, и јас не ги сакам, не ги сакам ниту тие со отворен крај, вели и погледнува во прозорецот и широко ги отвора очите, облачно е, станувај, Филиз, да ги затвориме ќепенците, и ќе побрзаат да ја забарикадираат целата куќа, небаре дождот што ќе заврне ќе биде сулфур што гори и паѓа од небото.  И за час, во собата останува само бледата жолта светлина од светилката, веќе не може да се види небото, дали е тмурно, или можеби облаците веќе се разотишле, или, пак, изгреало сонце,  но тоа ним не им е важно, мајка ѝ одвреме-навреме ќе ја протресе малата масичка до неа, ќе види дека сѐ уште е нерамна и под ногалката ќе стави хартија, потоа уште еднаш ќе ја протресе, сега е во ред, ќе промрмори, и ќе продолжи со плетењето на шалот што го плете веќе неколку недели.  На денешен ден почина тато, вели Филиз и како со нож да ја пресече меланхолијата во собата,  мајка ѝ се штрекнува како да се пробола со иглата, ја протресува главата, ги затвора очите и гледајќи кон таванот вели,  ах, тој ден, каква поворка имаше, мислиш цел град дојде да го поздрави, луѓе, луѓе, од домот до гробиштата, човек до човек натиснати како јато птици. Се сеќаваш, вели Филиз во ковчегот му ставив неколку парички и мојата омилена играчка – телефонот, се сеќавам потврдува мајка ѝ, розовото телефонче што ти го донесе вујко ти од Германија, си го сонувала ли скоро? Не, вели Филиз, речиси пет години. Јас го сонувам татко ми, вели мајка ѝ,  убаво е да се сонува таткото, тоа значи остварување на некоја силна желба, тој што си го сонува таткото, што и да посака ќе му се оствари, тоа што му е потребно ќе го добие, и болка ако почуствувал ќе исчезне. А татко ми, кутриот, една ноќ кога едвај го фатило сон, дури во зорите, ја сонил мајка си, а болен кога ќе си ја сони мајка си  значи дека ќе умре, и навистина за три дена почина, дури не успеа ни докрај да ми го раскаже сонот. Навистина, прашува Филиз, не сум знаела дека дедо ја сонил мајка му пред смртта,  тоа не си ми го кажала, сум заборавила, вели мајка ѝ, го крева и го протегнува шалот. И како што мислев, повторно ќе го испара и пак одново ќе почне да го плете.

Стивнува дождот, вели Филиз, од каде знаеш, прашува мајка ѝ, слушам вели таа, капе полека, како да најавува ново невреме.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *