Извадок од романот „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски.
Бистра и Мартин, 1
Мартин ги подзатвора очите за уште посилно да го почувствува мирисот на жената што стои во лифтот пред него.
Лифтот треба да одработи уште четири ката.
Силно го вдишува мирисот што телото го создава.
Во следниот момент вратата на лифтот се отвора, жената динамично зачекорува надвор.
Таа засекогаш ќе исчезне во градот, претворена во сеќавање за едно можно вкрстување.
Мартин никогаш нема да дознае како се вика, која е нејзината професија, какви се нејзините опсесии.
Таа се вика Анастасија Димеска, 43-годишна фармацевтка. Не ја сака премногу својата работа. Помлада сестра во семејство на лекари. Како тинејџерка таинствено била опседната со најодвратните деца од населбата. Три години живее со Алекс, агент за недвижности и фанатик за италијански фудбал. Анастасија ништо не сака на фанатичен начин. Себеси се смета за некоја што умее добро да го одреди обемот на нештата. Тоа е точно. Често во мислите одговара на замислени интервјуа. Жали за: тоа што не може да живее неколку различни животи истовремено. Желба: наутро да го избира својот живот како што луѓето ја избираат облеката што ќе ја носат. Кога е пред огледало: ужива во лицето што ја гледа.
Павел, 1
Павел седи на металните седишта и на екранот ги набљудува имињата на градовите. На седиштето спроти него една Азијка втренчено, речиси без никаква дистанца меѓу очите и екранот, скрола по таблетот. До неа, нејзината пријателка или само сопатничка, внимателно ги набљудува лицата на луѓето што од безбедносната контрола се пробиваат до чекалницата. Сосредоточена е на нивните лица, движења, ги набљудува како во нив да ќе најде одговор на прашање што одамна си го поставила.
Изобилие на мигот. Така Павел би можел да ја опише оваа ситуација во која мноштво луѓе поминуваат низ топлото грло на аеродромот.
Павел продолжува немарно да разгледува, тој не е некој чиј поглед долго време може да се задржи на едно место. Ги набљудува луѓето што седат и најголемиот број од нив втренчено гледаат во своите телефони приклучени на најпопуларната социјална мрежа. Зјапаат во баналноста на туѓите животи.
Аеродромот е мелница на илјадници човекови егзистенции, кои во следниве неколку часа ќе се доближат, ќе поминат низ заедничката цедилка, а потоа процедени од другата страна ќе се распрснат насекаде. Ќе биде вистинско чудо доколку некои од тие приказни, допрени со посредство на ова неместо со стандардизирани елементи, повторно се вкрстат. Тоа невкрстување за Павел отсекогаш било ослободувачко.
Одеднаш, девојката што седеше до таблет-девојката станува, изодува бавен круг околу чекалницата, активност типична за ваквите ситуации, и застанува пред него. Тоа е првата нетипичност досега.
– Извинете, дали може да ве прашам нешто – изговара на добро извежбан англиски јазик.
– Да, секако – неговиот англиски е за нијанса полежерен.
– Можете ли да ми кажете која е вашата приказна?
– Молам?
– Вашата приказна. Во неколку реченици. Не повеќе од десет.
Погледот на Павел кажува дека му е потребно дополнително објаснување. Непознатата го разбира значењето на тој поглед. Изгледа како личност добро тренирана за да ги разбира потребите на другите луѓе. Затоа од внатрешниот џеб на палтото вади мобилен што ќе послужи како снимач на звук. Секое нејзино движење е во хармонија со соопштението што следува.
– Најчесто луѓето ме прашуваат да им дадам објаснување. Им кажувам дека секогаш кога имам можност за тоа, одам на патување надвор од мојата татковина, родена сум во Шведска. На тие патувања снимам случајно избрани луѓе. Секако, ако се согласат со тоа. Ги снимам како раскажуваат некоја своја приказна. За нив, за некој близок, за нешто што ги интригира. Претходно, само треба да ги соопштат името, презимето и градот од кој доаѓаат, некои ги прашувам и за годините… но тоа не е задолжително. Тоа правам – ги собирам нивните приказни за самите себеси. Ви пречи ли ако и вие ми ја кажете? Ќе ви пречи ли ако ве снимам?
Ја гледа азиската Швеѓанка.
Сакај го мигот, биди добар кон него, препушти му се без да очекуваш ништо за возврат.
– Не, ама имам еден услов…
– Секако!
– Ќе го направам тоа што го барате од мене, ама на мојот јазик, на македонски јазик. Јас сум Павел Фирфов од Скопје, Македонија. Една земја во Европа, поточно во Југоисточна Европа, не знам дали некогаш сте слушнале или биле…
– Да. Сакам географија. Македонија – Охридско Езеро…
– Да, така…
Тогаш гласот од звучниците го најавува качувањето на авионот за Истанбул, летот на Павел.
– И вие одите за Истанбул?
– Не, Рим.
– Значи, имам малку повеќе од две минути за да ви го раскажам она што го барате од мене?
Девојката го подава мобилниот кон Павел.
Давид, 1
Давид лежи на креветот во својата соба и го набљудува плафонот на кој мајка му уште пред тој да се роди насликала небо кон кое полетуваат девојки облечени во широки фустани, а наместо раце имаат перки од риби. Со години го гледа овој плафон без да му стане досаден или да добие желба да го пребојадиса.
До него на портокаловиот кревет е поставен инструментот. Левата рака благо го допира лакираното тело.
Има 22 години и утре е еден од најважните денови во неговиот живот – концертот кој ќе означи што понатаму ќе се случува со него и со неговиот инструмент.
Бистра и Мартин, 2
На улицата градот нервозно ги камшикува лицата на своите жители. Го прави тоа со звуците што ги произведува, со глетките што ги создава, со воздухот што луѓето се принудени да го дишат.
Мартин застанува пред деловниот центар примајќи ги жестоките удари. Добро ги познава и, уште повеќе, ги сака. Во последно време тој и може да му биде издржлив единствено на тој начин – преку неговата суровост.
Иако во овој момент трајна врз лицето на Мартин е само трагата од мирисот на жената во лифтот.
Уршка Ловренц од Ново Место, Словенија; биографија во една реченица, во второ лице
Ти си онаа што мисли дека секој човек во себе носи по еден мал чудак, а животот се претвора во тага кога дозволуваме тој чудак во нас пречесто да спие.
Бистра и Мартин, 3
Бистра го праќа прегледот во ексел што го работеше цело утро, па погледнува кон големиот канцелариски прозорец.
Ноќниот дожд во соработка со правот на стаклото исцртал фигура: жена со пет глави.
Станува од столот, канцеларијата е празна, колегите се на пауза. Го залепува лицето врз студеното стакло. Нејзината е шестата глава. Или таа станува жена со шест глави.
Градот долу е тивок и каприциозен, разгален љубовник без јасна претстава како сака да ја заврши ноќта.
Бистра со показалецот исцртува една реченица врз студеното тело на стаклото.
Никој никогаш нема да ја прочита оваа реченица.
Тоа не ѝ пречи – таа не е некоја што сака да остава траги, да биде запаметена, спомнувана.
Лусијана Перес од Валенсија, Шпанија; портретистка Најдобри се оние фотографски потрети кои малку сурово се однесуваат кон фотографираниот. Не му дозволуваат да позира, да ја понуди онаа претстава за себе што сака да ја понуди. Вистинскиот портрет се случува во мигот кога ни е нарушена контролираната слика што сакаме да им ја испорачаме на другите, на оние спроти нас, на оние на кои имаме желба да им се допаднеме. Вистинскиот портрет мора да биде прекршување на лажноста… Сметам дека токму тоа е мојата работа – со својот фотоапарат да ја фатам лажноста во мигот кога таа прска.
Привлечно (атрактивно), современо, интересно (не здодевно), уваженувачко ( со уважуање на читателот)… цврсто стоечко, е … раскажувањево (напишаново)…