Балканвавилонци (извадок)

Извадок од романот „Балканвавилонци“ на Луан Старова.

Брзо, пребрзо минуваа париските денови на Климент Камилски во земјата на париските букинисти. Заминуваше рано наутро од хотелот, секогаш според истиот ритуал, по појадокот со тазе кроасани и бело кафе, со празното куферче се упатуваше кон мостот Сен Мишел. Како на географска карта, ги имаше обележано сите посетени букинисти и тие што преостануваа да ги посети.

Забележуваше дека дел од постарите букинисти беа исчезнати, а на нивно место беа нивни синови и ќерки. Се сретна и со други букинисти кои се сеќаваа на него, а запозна и нови. Речиси кај сите купуваше книги, се распрашуваше за новините во светот на букинистите, во мигови на занес и восхит посакуваше да се најде меѓу нив со свои кутии книги.

Навечер, кога заоѓаше сонцето зад ѓерданот од мостови на Сена, Климент Камилски се враќаше среќен во хотелот, како победник над заминатиот ден чија смисла не можеше никој друг да ја разбере, освен него…

Беше минала една седмица, половината од парискиот престој на Камилски во Париз. Тој не се појави на првиот закажан предоперациски офталмолошки преглед. Сотир Паскали за ова беше известен од клиниката. Реши веднаш да ги преземе потребните мерки.

Вечерта пред седмиот ден од престојот кога се очекуваше враќањето на Камилски од светот на букинистите со куферчето полно со книги, во холот на хотелот го чекаше загрижениот Сотир Паскали со својата работна чанта на враќање од париската опсерваторија.

Се однесуваше како да се работеше за неговите очи, а не за очите на Камилски. Толку многу беше вознемирен што се случуваше нешто што не можеше ниту да си го претпостави: Камилски како да се подготвуваше да ја одбие единствената можност да го запре губењето на видот. Тој се правдаше за испуштениот преглед, но вети дека нема да се откаже од операцијата.

Сотир Паскали, гледајќи го куферчето преполно со книги и тоа како Камилски со судни маки го влечка до својата соба, сепак, го претпоставуваше најлошото. На заминување му рече дека ќе дојде да го земе и однесе на денот на операцијата во очната клиника.

Камилски во знак на одобрување му одмавна со раката и исчезна со куферчето во својата соба, исполнета со книги. Сите рафтови веќе беа исполнети со цврсто стегнати книги, една до друга. Имаше и на неколку места од собата, книги една врз друга, на некои места стигнуваа до таванот. Камилски се чувствуваше како господар во лавиринтот од своите книги. Како да делеше заеднички сон со нив. И делеше…

Немаше сила која можеше да го сопре во преостанатите денови да продолжи да купува книги кај париските букинисти. Наврати и неколку пати во блиската книжарница за Источна литература на Армен Самуелиан, ги презеде нарачаните и најдени книги. Ги дополни последните празни простори во својата хотелска соба.

На закажаниот ден дојдоа во хотелот попладнето претставници од француската организација на шпанските доброволни борци за да го земат за свечената средба и вечера. Климент Камилски ја замоли собарката да му го испегла сивкавосиниот костум и за прв пат ја стави својата светлосина вратоврска купена при претходниот престој во Париз. На левиот ревер го постави за првпат по многу години медалот за заслуги од Шпанската граѓанска војна. Се погледна на малиот дел од огледалото, другиот беше зафатен од книгите кои, се чинеше, веќе се движат низ собата.

Камилски во животот доби и други медали, но, сепак, тој што го стави на градите го сметаше за најзначаен. Рецепционерот го виде Камилски без митското куферче, му се виде како друг човек и нешто запишуваше без да го покаже изненадувањето. Камилски му го остави клучот на собата 17 и замина со париските пријатели.

На малата свеченост која му се приредуваше на Климент Камилски дојдоа неколку поранешни шпански борци од некогашниот одред шпански доброволци „Диран” од Франција кои се бореле со македонскиот доброволец. Не им беше тешко да се препознаат. Сите го носеа истиот медал на реверите. Камилски не им ги заборави имањата. При поздравувањето тој им го нагласуваше името и цврсто се прегрнуваше. Не веруваа дека нивниот некогашниот поздрав на заминување – Hasta la vista – ќе се оствари.

По многу години Климент Камилски ќе им се заблагодари на француските леви интелектуалци, доброволни шпански борци, кои со интервенција до Тито и до тогашната Комунистичка партија ќе бараат нивниот соборец да биде ослободен од неправедното обвинение и затворот.

Париските комунисти, макар што меѓу нив имаше и од ултралевото сталинистичко крило, веруваа дека со нив ќе се солидаризираат југословенските комунисти, меѓу кои имаше голем број шпански антифашистички борци на врвни позиции и тие ќе придонесат да биде ослободен нивниот соборец од шпанските боишта. Тие упорно ја следеа судбината на Климент Камилски сè до неговото предвремено ослободување, макар што до тоа дојде со нормализацијата на советско-југословенските односи. Камилски невин поради свои идеи одлежа затвор.

Климент Камилски, откако беше на слобода, никогаш не се беше почувствувал позначаен отколку оваа вечер во Париз. Тој беше во средиштето на вниманието. Сакаше оваа вечер да трае, да трае. Сепак, крајот беше неизбежен. Му беше предаден медал за почесен француски доброволен учесник во Шпанската граѓанска војна.

Чувствуваше дека со оваа вечер завршуваше херојскиот период на неговиот престој во Париз. Сега го очекуваше операцијата на очите.

Кога се врати во хотелот едвај ја отвори хотелската соба зашто на другата страна од вратата беше паднал еден висок куп вертикално поставени книги. Уште го држеше високиот морал од по- честите што му беа укажани од француските доброволни шпански борци. Но набргу го опседна мислата како ќе се справи со книгите.

Погледна во пликот со парите наменети за операцијата на очите. Пликот беше тенок, речиси празен. Немаше пари да се плати операцијата. Имаше пари колку да се пренесат книгите во два-три сандаци до железничката станица и да се натоварат во вагонот кој пишуваше Gare de Lyon – Skopje. Камилски не склопи око ниту за миг од претпоследната ноќ од својот престој во Париз.

Ден пред закажаната операција, во хотелот, пред да оди на работа во Опсерваторијата, дојде Сотир Паскали за да провери дали е сè во ред со Климент Камилски во врска со неговата утрешна операција.

И покрај немарниот однос кон претходните контролни прегледи, Сотир Паскали не сакаше да помисли на најлошото: Климент Камилски да не дојде на операцијата.

Камилски се насладуваше на својот стандарден појадок: свежо печени кроасани со бело кафе. Не сакаше да се лиши од утринскиот ритуал. Сотир Паскали со чантата во рака нервозно чекореше од едниот до другиот крај на холот на хотелот очекувајќи го Камилски, кој спокојно му се доближуваше. Откако се поздравија, Сотир Паскали, веднаш мина на главното:

– Почитуван професор Камилски, утре е сè подготвено за Вашата операција на очите во познатата париска клиника Вал де Грас. Таму се лекувал и претседателот Шарл де Гол. Ќе Ве оперира конзилиум од познати париски офталмолози. Јас би требало денес да платам за операцијата, во цената е вклучен и престојот во клиниката, па дојдов по парите…

Климент Камилски не рече ништо, само го покани Паскали да појдат во неговата соба број 17. Овој претпостави дека Камилски ги чува парите во собата и претпочита таму да му ги предаде.

Паскали го следеше Камилски бавно искачувајќи се по дрвените скали до третиот кат. Собата не беше заклучена. Камилски го имаше клучот со себе. Со голема тешкотија започна да ја отвора вратата потисната од другата страна од нови паднати купишта книги.

Најпосле вратата попушти, се отвори. Немаше место да влезат двајцата. Камилски го пушти да влезе Паскали. Тој беше вчудовиден од глетката. Во мигот му беше јасно. Камилски ги пот- рошил сите пари за овие книги.

Паскали не може да најде зборови, немаше коментар, упорно молчеше. Камилски го расчисти влезот на вратата од неколку книги и влезе во собата. Со насолзени очи, тие најчесто му идеа кога беше со книгите, па речиси нечујно изусти:

– Јас, мој Паскали, си пресудив, овие книги пресудија, тие беа помоќни од мене, ме совладаа: не ми останаа средства за да одам на операција на очите. Ти благодарам за големата синовска грижа што ја покажа кон мене…

Сотир Паскали и натаму молчеше, како да немаше моќ да го разбере стариот професор пред својот пораз, пред мноштвото книги, чие откривање и поседување го сметаше за победа. Тој нај- после изусти:

– Јас се обидувам да Ве разберам, макар што тоа ми е многу тешко. Се вели дека книгата вистински се поседува кога се чита…

Камилски ја разбра ироничната алузија, имаше одговор и за ова прашање:

– Овие книги не се купени само за мене, со еден мој пријател, ги обединивме нашите библиотеки, и со нив сакаме да ја спасиме иднината на нашите чеда од балканското проклетство!

Сотир Паскали уште повеќе го изненади овој одговор како дел на поголема исповед, која во мигот му се стори патетична и химерична. Тој добро знаеше уште од студентските денови дека професорот Климент Камилски бил непоправлив идеалист, човек со изворна и ретка хуманост, добрина која не се сретнува, најсакан и најомилен професор, трибун во младоста со интелектуална храброст која ретко се сретнувала на Балканот. Така и замина во Шпанија. Тој имаше силна внатрешна моќ, широка и добра душа, но кревко срце кое лесно доаѓаше во судир со спротивставените властољубиви, кариеристички, бирократски сили. И во тој судир наоѓаше доза во својот идеализам и определувањето за вишите цели. Беше идеалист, но никогаш не беше конформист…

И Сотир Паскали беше еден од претставниците на расата балканските идеалисти. И нему му беше претесно на Балканот. Беше познат како одличен математичар. Замина во Франција на една година како стипендист на француската влада.

И тој беше незапирлив балкански идеалист, кој спас и излез на својот идеализам гледаше во бескрајот на ѕвездените пространства, колку и да беше запиран од картезијанскиот дух на француските институции.

Тој се сети и на другите балкански идеалисти кои црпеле од бескрајот на париските цивилизациски, уметнички, стилски, културни и други цивилизациски вредности на хуманизмот, ренесансата, класицизмот, рационализмот, реализмот, импресионизмот, авангардата (со кубизмот, надреализмот…) и се враќале во малечката родна земја надоени со уште поголеми дози на идеализам. Така, на пример, сликарот Мартин Николски, надоен од парискиот  импресионизам, кога се врати во Македонија, ја продолжи француската стилска формација со сликање мајки доилки, префинети танчарки, во духот на најубавите локални мотиви. Сотир Паскали имаше една од неговите слики и ја чуваше како култна творба.

Сотир Паскали, од еден голем хрватски есеист и франкофон, Матвеј Предраговиќ познат по својата интелектуална храброст во светот, особено кога се работеше за помош и поддршка на затворани писатели од автократските режими кои ја ограничуваа слободата на мислењето, дозна за случајот на хрватскиот сликар Јосип Рацич, кој сонувал да го стигне парискиот импресионизам и да им се придружи на париските импресионисти со својот незадржлив сли- карски порив и дарба. Но никако да стигне на време до својот идеал, до импресионизмот на живите париски сликари.

Судбината првин го носи во Минхен, против своја волја да изработува барокни бакрорези во едно познато ателје, оддалечувајќи го од неговиот идеал – импресионизмот. Но секое зло – за добро, барем на почетокот. Со заработените пари од барокот стигнува во Париз. Но овде во тоа време Гијом Аполинер, во еден текст по повод изложба на Пабло Пикасо го објавува почетокот на кубизмот и крајот на активниот импресионизам.

Сликарот Јосип Рацич тешко се помирувал со оваа непроменлива реалност. Крај брегот на Сена, како еден од илјадниците сликари, сликал импресионистички слики според видените слики во Музејот на импресионизмот. На крајот распнат помеѓу импресионизмот и кубизмот, тој си го одзема животот.

Според светски познатиот хрватски писател Мирослав Крлежа, пријател на Матвеј Предраговиќ, Јосип Рацич станува жртва на својот идеализам да се надоврзе на импресионизмот, кога тој неповратно исчезнувал и кубизмот кој настапувал!

Други балкански интелектуалци, најдени пред бедемите на Европа, или не успевале да ги прескокнат, па се враќале на време во родните краишта, другите кои ги прескокнувале, останувале во новата средина, на крајот се претопувале како дел од париската протоплазма.

Сотир Паскали беше свесен дека и тој неповратно станува дел од таа протоплазма, но врската со својата родна земја и пошироко од неа, ја гледаше во постојаното одржување на односи со луѓе кои доаѓаа во Париз, секој со грижа и мака, на студии и лекување.

Сотир Паскали ги прифаќаше сите, им излегуваше во пресрет на сите, без оглед на националност, вера, идеологија, пол или возраст. Беше човек куќа за сите. Но, сега прв пат се соочуваше со човек од ковот на Климент Камилски, кој не можеше да го класифицира во ниту една категорија на балканските идеалисти во Париз. Климент Камилски беше идеалист над идеалистите.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *