Кон делото „Неми филмови“

Димитар Димоски е млад дебитански автор, роден во 1992 година во Охрид. После дипломирањето, студира продукција на Филмската академија во Охрид. Димоски последниве три години го привлече вниманието на македонската читателска публика, пред се на социјалните мрежи и интернет портали, но и како добитник на неколку значајни македонски признанија за краток расказ. Имено, Димоски е двоен добитник на конкурсот на Нова Македонија и тоа: второ место за расказот „Неми Филмови“ на конкурсот на Нова Македонија во 2016, и откупна наградата на истиот конкурс за расказот „Создавач на светови“ во 2014 година. Во 2015 година, победува и на конкурсот „Живко Чинго“ со расказот „Мојата куќа во Крст-џамија“.

Неговото прво дело „Неми филмови“ претставува збирка раскази кои авторот ги пишувал во текот на неколку години. Расказите претставуваат своевидна наративна мапа на животот во малите градови и заеднички мотив на секој од овие раскази е поимањето на провинцијата како начин на живеење или како својство на човековата природа. Ова дебитантско дело срамежливо кокетира со мали урбани херои – ликови кои не успеваат да си го пронајдат местото во животот или пак кои стојат и чекорат во место. Оттука, пишувајќи во прво лице, авторот насочено нè води низ темите што ги развива со колоритен јазик, ослободен од надворешната форма што би значела – опис на настаните и било какви стеги во изразот и стилот. Низ расказите провејува една топографска нестабилност, удвоени и исплетени нарации, а стилски книгата понекогаш продира отаде границите на магичниот реализам и надреализмот, па така авторот, доживувајќи го расказот како еден „краток миг“, мала мини експлозија, умешно си игра низ расказите. Како и истоимениот расказ од збирката, книгата „Неми филмови“ во својата суштина се занимава со проникливоста на љубовта, било да е тоа смешно, тажно или апсурдно и најчесто преку ликови кои често немаат што да си кажат меѓу себе, или имаат премногу, но го погрешуваат мигот и часот, живеат малку порано – во минатото, или час понапред – во иднината – но никогаш сега и тука.

Сè на сè, книгата на Димоски  е дело кое заслужува да би биде објавено и поддржано, бидејќи се работи за млад автор со огромен потенцијал и што е најважно тој успешно се приклучува на новата генерација млади македонски автори и полека, но сигурно ја освојува својата поетика и своето место под книжевното небо. Се работи за млад автор кој поседува огромен креативен потенцијал кој во иднина ќе се зголемува и обогатува. Затоа сметам дека поддршката на делото „Неми филмови“ е доста важна и претставува придобивка како за младата македонската книжевна сцена, така и за македонската култура воопшто.

Ненад Јолдески

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *