Игор Божовиќ (Мостар, БиХ, 1981) е босанско-херцеговски новинар и колумнист, автор на романот Al Gieba (прв херцеговински ноар). Тој е долгогодишен репортер на БХРТ, а последните три години и колумнист на еден од најчитаните босанско-херцеговски интернет портали bljesak.info. Тој е свој најдобар критичар, затоа и размислува за објавување на продолжение на циклусот Al Gieba, под наслов Pulsar.
1. Со кои актуелни прашања/проблеми од босанската книжевност ги запознавте останатите писатели и новинари на првиот дел од книжевната средба на Зларин?
На Зларин го истакнавме проблемот на малата поврзаност на регионалните книжевности, пример: мал е бројот на преводи на современата босанско-херцеговска книжевност на македонски и обратно, иако не постојат непремостливи јазични разлики. Мал е бројот на претставувања, гостувања, средби со писателите поради што авторите и не се препознаени меѓу потенцијалната публика. Исто така, во Босна и Херцеговина постои силен проблем со издаваштвото општо, се гаснат дневните весници, неделниците (најдобри примери се Слободна Босна, познат сараевски неделник или Република, мостарски неделник кои поради финансиските тешкотии станаа web списанија)… Во празнината која го погодува и новинарството и книжевноста зачестени се криминалните работи на штета на авторите, измамите, неисплатените хонорари, фиктивните тиражи и сл.
2. Со што се претстави босанско-херцеговската книжевност на Зларин?
На средбата на Зларин претставени се прозни автори, во расправата учествуваше босанско-херцеговскиот книжевник и новинар со хрватска адреса Емир Имамовиќ Пирке, додека во читачкиот дел имавме прилика да чуеме раскази на Берислав Јуриќ, добитник на наградата Грго Мартиќ 2013 година за кратка проза (тоа, воедно, беше и последно издание на оваа престижна награда), потоа Игор Божовиќ, новинар и колумнист, автор на првиот херцеговски ноар роман Al Gieba. На средбата беше и Глорија Кришто, во име на Хрватскиот културен дом на војводата Стјепан Косач во Мостар, најсилната културна институција во Херцеговина која сака во скоро време да ја пренасочи својата работа кон книжевноста.
3. Дали од она што имавте прилика да го чуете од промоцијата на македонските писатели ве заинтересира современата македонска книжевност/што поточно?
Особено како автор ме заинтригира тоа што мотивите во современата македонска и босанско-херцеговската книжевност се доста слични, се зборува за слобода, било за слободата како стил на живеење, било за слободата на изборот. Во тоа треба да ја препознаеме и заедничката книжевна публика и да најдеме начин пишаниот збор од обете земји да излезе од стакленото ѕвоно на изолацијата и самодоволноста. Не мислам дека во време на глобализација, големите светски имиња се многу понапредни и поквалитетни од, условно речено, малите балкански книжевности, неретко нас само имињата нѐ разликуваат на полиците, а тука регионалната книжевност е во предност затоа што имаме слично секојдневие, етничка нетрпеливост, политички турбуленции и живот помеѓу финансиски екстремности, што нас на Балканот ни е на сите разбирливо.