1. Што значи наградата Роман на годината за човекот Давор Стојановски, а што за авторот на „Собирачи на пепел“ на речиси една година после изборот?
– За човекот значеше искрена радост од признанието, чувство на чудна исполнетост, но и збунетост, каква што ме наоѓа секогаш кога ми се случува нешто што ми е од неизмерно и големо значење. А што се однесува до авторот – сметам дека делото е тоа што добива признание. Книжевната награда ја заслужува романот. И сметам дека во творечкиот процес, поривот за пишување треба да биде водилка што не зависи од патоказите на признанијата.
2. Читањето на „Собирачи на пепел“ е брзо, возбудливо, бескомпромисно како зависност што не може да се подмири пред да се исконзумира предметот во целост. Како беше со пишувањето?
– Пишувањето беше, исто така, возбудливо, но од друг аспект. Работата над книгата беше измачувачка и тешка пред да почне вистинското пишување. Мораше да се најдат правата атмосфера и тонот, освен што беше потребно да се формира целата структура. Првичната идеја и поголемиот дел од приказната беа одамна осмислени и тие повеќе време се испишуваа во главата, отколку на хартија. Бидејќи посакав приказната да се разоткрива во навидум нерамнотежна состојба и никогаш да не биде целосно податлива и извесна, постоеше обид да се создадат ситни и суптилни мигови, кои молчаливо ќе ја разоткријат „мистеријата“ на протагонистот – и баш во тоа се состоеја најголемата возбуда и мачнина при пишувањето.
3. Давор живее и пишува во Австрија. Како е таму расположението на книжевната сцена? Имаше ли можност одблизу да ја запознаеш?
– Сѐ уште не сум ја запознал австриската книжевна сцена во целост, пред сѐ поради тоа што е развиена во секој регион од државата, а не е центрирана единствено во главниот град. Во реонот каде што живеам јас (јужна Австрија), во контакт сум со неколку лица од театарската сцена, но и со припадници на книжевноста создавана на вториот автохтон јазик на Корошка – словенечкиот. Книжевниот акцент во овој регион, инаку, секогаш е ставен на Роберт Музил, Ингеборг Бахман и Петер Хандке (кои потекнуваат оттука). Инаку, во Авсртија општо, постои традиција на љубов кон пишаниот збор, а според анкетите, најчест облик на подарок во Австрија е токму книгата. Секогаш се радувам кога влегувам во книжарниците, кои во секое време се полни со читателска публика од предучилишна, па до пензионерска возраст.
4. Може ли еден млад австриски писател да живее од пишување (вечната болка на нашите писатели)?
– За жал, мислам дека одговорот е дека – не може. Писатели што живеат од пишување се само постари и веќе етаблирани имиња или, разбирливо, автори на бестселери. А кога веќе ги спомнавме младите писатели, само како забелешка, мојот впечаток е дека нивниот број во Австрија е далеку помал во сооднос на тоа колку млади луѓе пишуваат и објавуваат во Македонија (тука не се осврнувам на квалитетот, туку само на квантитетот).
5. Колку ги следиш македонските книжевни трендови и какви се твоите оценки за она што се случува на македонската книжевна сцена, а какви ти се претпоставките за нејзината иднина?
– Ја следам македонската книжевна продукција и сметам дека доживува убав напредок. Се појавија и се појавуваат (уште необјавени) неколку нови авторски имиња, кои имаат што да придонесат, така што, ми се чини дека ни претстои надежна иднина, ослободена од стегата на веќе застарените теми.
6. Имаш два одлични романи и мошне различни еден од друг. Што е тоа во твоето творештво коешто би можело да се нарече константа? Без што она што го пишуваш не би можело да постои?
– Тешко ми е сам да посочам што е константата, но веројатно е нешто во врска со стилот на пишувањето. Сепак, сакам да мислам дека тоа е универзалноста на темите на кои им се посветувам. А пред сѐ, во центарот на мојот интерес се лиричната и интимната историја, повеќе отколку епската и јавната историја. Ме интересираат длабоко човечкото, ме интересира односот кон туѓото и непознатото, ме интересира силата на носталгијата и моќта или беспомошноста на сеќавањето. Тоа што го пишувам постои само поради сите нешта, кои секојдневно ме предизвикуваат на размислување, а ми се непознати и неименливи.
7. Дали промената на твоето место на живеење или, преселбата од една во друга реалност, наоѓа некој екстремен израз во третата твоја реалност – онаа во која се изразуваш?
– Можеби сето тоа делумно најде израз во „Собирачи на пепел“, повеќе отколку во другите дела. Се одрази на темата на вдоменоста, која се проблематизира во романот на еден поинаков начин. Сметам дека човековата слобода се состои и во движењето од еден во друг дом, зашто со тоа не заминуваме, туку постојано преминуваме и се враќаме. Не постои дом, постојат домови.
8. Кога ја напушти Македонија, напушти и еден тон меланхолија, општествено-политички турбуленции, колективно разочарување, неизвесности во недоброј аспекти, но од друга страна, успесите на приватен и професионален план беа, исто така, непосредната слика пред твоето заминување. Каква е сликата сега? Каква е таму?
– Иако сум физички оддалечен од Македонија, меланхолијата, турбуленциите и неизвесностите сѐ уште ме следат, исто како и успесите. Реално, сѐ уште не сум сосема оттргнат од родниот град, затоа што во него живеат моите најблиски луѓе и најдраги пријатели, а и мојот книжевен придонес е втемелен токму таму. Од друга страна, ни Австрија не е лишена од политички турбуленции, особено по последните избори и доаѓањето на (ултра-)десничарските партии на власт – иако, сепак, сметам дека нивните општествени проблеми се од сосема различна природа од македонските.
9. Пишуваш ли нешто сега? Што?
– Во моментов повеќе читам отколку што пишувам, но веќе подолго време сум му посветен на третиот роман.