1.Чудесното или магичниот детал во текстот – од каде го црпиш односно како е мотивирано? Од желбата да се засили реалноста? Да се разобличи? Каква задача има оваа алтернативн стваност која ти ја создаваш? Да нѐ доближи кон оваа реалност која ја живееме или, пак, да се избега од неа?
– Мојата инспирација, изворот е воспримањето на „ нормалното“ , наспрема „ магичното“. Во ова двојство лежи зенитот на оваа збирка „Пластични раскази“. Темата е апсурд „Пластичната реалност и реалната пластика ?!“ Секоја засилена- масна реалност, по автоматизам има фикциска интервенција. Расказите се во функција на Фројдовиот мозаик, во кој, секоја реалност е веќе прераскажана реалност. Овие раскази ја негуваат двојната функција, подеднакво да нѐ доближат и истовремено да нѐ одвојат од реалноста.
2. Второво прашање повеќе го поставувам не како писател, туку под претпоставка дека би ја интересирало читателската публика – дефектот, отстапката, исклучокот заземаат значајно место во твоето писмо. Од каде фасцинацијата на Илија од естетиката на грдото?
– За мене грдото е рапаво и лесно се изделува. Мојата естетика не трпи материјална хирургија, ниту пак духот носи фрактура. Јас мразам да си поигрувам со вашата лесна емоција, не сакам лични ликови кои грешат и страдаат во незнање, јас сакам ликови со вроден предизвик. Го сакам грдото, затоа што во исто време создава двојно чувство на емпатија и апатија.
3. Физичката накажаност е неиздвоива од духовното страдање, девојка-киклоп, со едно накажано око, умира во еден мошне неправеден свет, но посредно одговорниот за нејзината смрт, истотака умира во болка веднаш после нејзината смрт. Те прашувам затоа што тоа ова не е изолиран пример туку се случува во повеќе раскази, убиецот е убиен и автоматски излегуваме од првиот слој на бруталност, брилјантност во описите, визуелна моќност и навлегуваме во една сфера на духовни преиспитувања, во кругот на гревот, вината и казната? „Дали убиецот е убиен од жртвата и целиот живот го живее своето убиство?!“ Колку твоите ликови ги стигнува казната?
Казната е сеприсутна во овие раскази, казнет е секој оној кој ќе почуствува дека е виновен. Јас верувам само во духовна казна, затоа физичкиот дефект е присутен за контраст. Можеби касапењето е мек и безболен чин, физички, лесно да се заврши дејството.
4. Раскажуваш прецизно, живописно, визуелно моќно со силен и убедлив детал, раскажуваш филмски. Колку филмот влијае или, можеби, служи како инспирација во твоето творење?
Уредувањето на кадарот е тоа што ме фасцинира. Секогаш ја имагинирам нарацијата. Кадарот е тој што ми го создава дејството. Мојата идеја е да создадам кратки сценарија од овие раскази кои ќе послужат за мини серијал. Мислам дека денес, филмот е виновен за брзината на примање и обработка на сликите, според него ние знаеме дали даденото време е реално или забавено.
5. Хируршката прецизност не е само метафора, медицинскиот пристап го сретнуваме во повеќе раскази и тоа не на ниво на некакво интернет-пребарување, туку мошне темелно, повторно детално, и стручно. На мометни, тој мошне успешно се надоградува со технолошките иновации создавајќи една атмосфера на Зона на самракот. Дали модерното општество е Зона на самракот и како книжевноста придонесува (или треба) да придонесе за некакво зазорување?
Во првичната верзија на расказите, болестите или медицинските феномени ги создавав како катаклизми на дејството. Во почетна точка, ликот од сипаници, со чешање можеше да добие сида. Но по заокружување на дејството, се враќам на ликот и ја вршам неговата обдукција. Секоја болест мора да се оправда, затоа лесно може да ја сменам болеста, дијагнозата, сѐ со цел да не се наруши поентата на расказот. Истражувањето медицински е обемно и целосно заокружено. Но, сепак болеста е украс на расказите и во ниту еден случај не е пресудна идеја на чинот. Технолошките иновации денес потпомогнаа во медицинско решение за јас-недостатоците. Зона на самракот, е слика на дигитализацијата. Затоа умреа големите нарации. Предиграта стана еротска задача на цртаните филмови, денес секоја експлотираност е еспресна. Не верувам дека друг медиум, освен некоја интернет алатка ќе помогне да го дочекаме зазорувањето.