(за едицијата „Светулка“ од 15 сликовници на Арт & Арт студио Батев која се создаваше, пишуваше, црташе, објавуваше, читаше во периодот на двете пандемиски години)
Не можело да ѝ се случи поубаво име на оваа едиција: СВЕТУЛКА! Светулката е инсекче кое мислам дека повеќето денешни деца не ни знаат дека воопшто постои. А тоа мало суштество е нешто што свети во ноќта. Преку ден е грдо бубаче, но навечер станува ожарено и убаво светулче. Како во приказната за Пепелешка каде штом ќе отчука полноќ на часовникот, таа од принцеза повторно станува пепелава девојка. Така и со светулката. Штом ќе замине ноќта, ќе престане и магијата и таа повторно ќе стане обично, незабележително бубаче. И кога навечер ќе се фрли поглед на грмушките, на папратите, на нискорастечките стебла, ќе се види дека токму тие, светулките, ги украсуваат и притоа наликуваат на мали (портокалови или жолто-зеленкасти) лампиони или на сијалички слични на оние со што ги красиме новогодишните елки.
Такви светулки се и овие 15 топли, игриви, поучни сликовници на Арт & Арт студио Батев. Секоја од нив е мала светулка која му го осветлува патот на детето и низ приказната и илустрацијата му нуди задоволство и радост, но и му поставува прашања, му овозможува да почне да ги спознава своите емоции, но и емоциите на најблиските, на оние што му се најсакани. Овие 15 сликовници денешното наше дете го радуваат, но и го замислуваат, го веселат, но и му помагаат да излезе од некои невесели ситуации. Секоја светулка, сепак не живее само надвор во некоја грмушка. Таа треба да се побара и длабоко во нас, таа е и таму, во нас и во нашето дете (за да не бидеме како оној изгубен Диоген кој со својата светилка го бараше човекот околу себе, а заборави најпрвин да погледне во себе и таму да го најде).
Едицијата од 15 сликовници зад чии приказни стојат различни авторски имиња, е комплетно илустративно осмислена од Иванка Ниба (Иванка Ниневска Батева). Таа се отвора со сликовницата „Дрвото на животот“ на Ана Батева која најавува дека главните протагонисти ќе бидат животинките, инсектите, птиците, растенијата, дрвјата, цветовите и секако децата. Возрасните се јавуваат како помошници само во некои тешко решливи ситуации за детските главчиња и срциња, како оној дедо Јован што ќе му помогне на Филип да го отсини прстот и на тој начин Филип да може го одлути и своето срце (во сликовницата „Прстот што бои сино“ од Марија Петровска). И така од ова дрво на животот (како една детска перпектива на библиското дрво на животот) и од онаа акција на врабецот Цр-Цр и неговото семејство врапчиња (при што се јави една далечна алузија на извонредната книга за деца „Ние, Врапчињата“ од бугарскиот автор Јордан Радичков) помогнати од сите пчели и оси од градот, акција со која го спасуваат ова дрво почнуваат да се редат останатите 14 приказни/ситуаци/емоции… Па ги имаме:
ежето Снеже (на Неше Рамовиќ) кое исто како сите дечиња сака да се гушка, сака да гушка, но сака и да биде гушнато и кое гласно кажува и се натажува кога сфаќа дека никој не сака да го гушне зашто едноставно боцка и е поинакво од другите (како што е поинакво и Андерсеновото грдо пајче кое е сиво и големо и грдо наспрема неговите сестри и браќа кои се жолти и мали и убави);
потоа гулапчето Мики (на Стефан Марковски) кое не е ниту црно, ниту бело како што се останатите гулаби на Ники, туку е најмалото гулапче со необично жолти крилја;
или магарето Мирко за кое сите мислиме дека само знае да рика, но ете во приказната „Празник“ (од Ана Батева) покажува дека ако не знае да пее, тогаш знае да свири и на тој начин со својата гитара успева да ја врати радоста и атмосферата достојни за секој празник.
Го имаме и тестото и тоа не било какво, туку она што расте („Лепчето што расте“ од Ана Голејшка Џикова) не само заради квасецот, туку и од љубовта, тесто од кое потоа се раѓаат многу лепчиња, и други златни печива, гевречиња, кифли и меки кроасани.
Читајќи ги овие сликовници се исправуваме и пред дилемата дали мачето и кучето може да бидат најдобри пријатели како што се мачето Марко и кучето Дарко (на Неше Рамовиќ); или можат ли вечно да пријателствуваат детето Стефан и штркот (во „Пријателство“ на Ана Батева) кој пак, од друга страна, и покрај тоа што е сакан во новиот дом и од новото семејство, тагува за својот дом и за своето семејство (како што тагуваше и оној Силјан Штркот на Марко Цепенков); или станува ли лесно жалната врба пријателка со рипчето Хана и жапчето Жана, но и со езерските самовили како во приказната „Бисерното езеро“ од Неше Рамовиќ; или може ли да се сака некого до небото и назад како што Алекс, кој нема ни братче ни сестричка, го сака своето куче Бони („До небото и назад“ од Ана Јовковска).
Овие 15 сликовници се полни и со емоциите што ги имат децата а не ги покажуваат (или не знаат на кој начин), како страста за летање и мечтаење во сликовницата „Пријателство“ (а Икаровиот лет е обележје и на култниот Петар Пан), како солзите што се тркалаат и кога се радосни, а не само кога се тажни или навредени или повредени, како они солзи радосници на жалната врба од „Бисерното езеро“ на Неше Рамовиќ, како емпатијата што не знаат да ја објаснат ама знаат дека преубаво постапува лисичката која кога открива дека ѝ го нема торбулето со конци и волница, решава од својата опашка да извлече конци и да направи шалови и капи со ѕвонци за сите да ги топли во долгата и студена зима (како во сликовницата „Лисичката плетачка“ од Ана Голејшка Џикова), или знаат да му се радуваат на лепчето што расте зашто само така може да се нахранат сите деца, и сити и гладни, и да пораснат (како во сликовницата „Лепчето што расте“ од Ана Голејшка Џикова), како потребата тоа дете да припаѓа некаде, да е дел од нешто, од некоја група, да може своите таги и радости да има со некого да ги сподели, размени како во „Празник“ и „Танцот на природата“ и двете од Ана Батева, или во „Куклен театар“ и „Зградата број 16“ од Неше Рамовиќ (чија атмосфера ме потсетува на онаа од некое раскази од книгата „Орхан“ на Неџати Зекирија).
И патувањето кое ни започна со „Дрвото на животот“ (од Ана Батева) пополека се заокружува со „Магичното писмо“ (од Неше Рамовиќ) и „Прстот што бои сино“ (од Марија Петровска). Тоа се веќе сликовници кои го насочуваат детето и кон самостојното читање и пишување, (зашто возбуда е да ми се напише писмо на мачето црно мало колку зрно, а и црно-белиот свет да се направи шарен). А заплашувачки е сознанието дека ако толку многу лутина и тага ти се собрало во срценцето, тогаш може да го обојуваш светот само во сино/модро/тегет. А тоа е така, зашто, едноставно, сини се и лутината и тагата.
Овие 15 книжевни светулки се сликовници кои го водат детето и кон самостојното цртање и читање, но пред сè кон отвореното покажување на емоциите. Овие 15 книжевни светулки едноставно посакуваат да му го осветлат патот на секое дете.
Весна Мојсова-Чепишевска