Во рамките на 5-тото издание на „Букстар“, во организација на Издавачки центар Антолог, вчера и денес, беа одржани две книжевни дискусии во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.
Во првата дискусија, на тема „Да се биде европски романописец денес“, учествуваа Кадер Абдолах од Холандија, Михал Вивег од Чешка, Луан Старова и Оливера Ќорвезироска. Модератор на средбата беше Соња Стојменска Елзесар, претседател на ДПМ.
Во втората книжевна дискусија, на тема „Во сенката на читателот“, учество зедоа Халдора Тородсен од Исланд, Калина Малеска и Фросина Пармаковска, а модерираше Весна Мојсова Чепишевска. Зошто се пишува? Дали се пишува на претпоставен читател? Кој е односот кон табу-темите? Кој е ставот за пишувањето по нарачка? – се само некои од прашањата околу кои писателките ги разменија своите мислења и искуства.