„Низводно“ – роман за иделошките заблуди на малите народи

Деновиве во издание на издавачката куќа „Восток“ излезе романот „Низводно“ на познатиот и наградуван српски романописец, поет и есеист Ѓорѓе Д. Сибиновиќ.

Романот „Низводно“ од Ѓорѓе Д. Сибиновиќ е роман за текот на свеста на поединецот наспроти текот на епохата. Двете светски војни, Југославија во создавањето на новиот човек и новите вредности, студентскиот протест и распаѓањето на епохата, прикажани низ призмата на семејството, членовите на семејството и поединецот, Стеван Церовиќ. Во таквата трипартитна структура, авторот истражува зошто пропадна таа епоха чии темели беа удрени на искреноста, трудот, пожтрвуваноста, колективот и заедницата. „Низводно“ е автобиографија за секој Балканец во дваесетиот век. За опстанокот после југословенскиот бродолом, симболично прикажан во пластичното шише од двa литрa Kока-кола полно со валкан бензин. Преку експликацијата на личната драма се согледува симболиката на бремето на епохата. Во судбината на Стеван Церовиќ, военото сираче, добриот човек, вредниот работник и сведок на историјата, се гледа сиот трагизам на родот и поединецот, како поради неминовната деконструкција на епохата, така и поради личниот хибрис. Стеван Церовиќ е претставен како homo mensura на својата епоха и човек-херој на сите времиња. Во неговата судбина се отчитува повеќе од драмата на поединецот, можеби повеќе и од несреќата на еден народ. Несреќата на повеќе народи здружени во слоганот „братство и единство“!

„Низводно“ е роман во кој сè што е напишано е вистина и ништо не е измислено. Вистината започнува онаму каде што се прекршува историската и литературната вистина. Вистина, која авторот ја понудува на читателот само како текст преку кој треба да се сфати животот, изнесен како сведоштво на малите вистини од секој човек. Сечиј живот вреди да се раскаже. Животот, кој е единствената светиња во романот „Низводно“ и чиј тек се следи низ хрониката на четирите генерации. Во таквото раскажување, авторот не се појавува како „сезнаечки наратор“ или исчезнува пред фрагментираноста на текстот. Авторот се јавува како човек кој ја сведочи големата вистина преку малите вистини слушнати, доживеани и лично искусени. Токму тој дел ја сочинува автентичноста и неповторливоста на текстот, пишува во рецензијата Елена Богдановска, која воедно е и преведувач на романот од српски на македонски јазик.


Ѓорѓе Д. Сибиновиќ (Шабац ,1964), поет, прозаист, есеист, доктор на правни науки. Ги објавил книгите поезија Престол (1994); Плодови (1998), Нешто доверливо (2004), Населбата на белите куќи (2012), Речник на поезијата (2013), Илјада карактери (2013), Песни полни љубов (2014), Антологија на споредни соништа (2015) и Перото Вилијам Шекспир (2018). За поетското творештво ги добил наградите Мирослав Антиќ, Вукова Задужбина, Милан Ракиќ, и Мајевички Вијенац. Освен поетските книги, ги објавил книгите есеи Туѓи работи (2000), Fremde sahen (2000), Заклон и други есеи (2003), Букви црвени (2010), Глава без јазик (2014), Годината на бунтот (2015), како и романите Погрешно (2016) и Низводно (2018), како и книгата есеи Не вреди да се зборува (2018). Преведуван е на германски, француски, македонски, украински и англиски јазик. Живее и работи во Белград.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *