Нов превод од шпански јазик во едицијата ПРОаЗА од Или-Или

Од печат излезе новиот превод од шпански на македонски јазик во едицијата „ПРОаЗА“ на преведувачката Катерина Јосифоска.

Се работи за збирката раскази „Сосем обична љубовна приказна“ на Лусија Ечебарија.“. Објавувањето на оваа книга е дел од проектот „Европска читература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“ на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

Книгата содржи дваесетина раскази во кои главни ликови се жени на различна возраст и сите приказни се инспирирани од вистински настани. Авторката ги преработува реалните случки и ги пренесува во фикција, создавајќи интересен и успешен хибрид на „документарна фикција“. Книгата завршува со поговор од авторката во кој е изложена документарната заднина за расказите и мотивите за нивното пишување.

Лусија Ечебарија (1966) е шпанска писателка и активистка. Студирала книжевност и новинарство во Мадрид. Досега објавила неколку романи: Љубов, љубопитност, прозак и сомнежи (1997), Беатрис и небесните тела за кој во 1998 година ја добила наградата „Надал“, Ние што не сме како другите (1999) итн. Освен романи, објавува есеи и песни, а учествувала и во пишувањето на сценарија за неколку филмови. Добитничка е на највисоката шпанска книжевна награда „Планета“ во 2004 година. Нејзините книги се преведени на петнаесет јазици, а шпанската јавност ја смета за една од најконтроверзните современи писателки. Обожава животни, вегетаријанка е и живее во Мадрид.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *