Вчеравечер, во кафе-барот Ла Кања, Или-Или го промовираше романот „Род“ од Миленко Јерговиќ со присуство на авторот. Воедно, тоа беше јубилејна, десетта промоција во делот од програмата Креативна Европа по гостувањето на големи писателски имиња како Георги Господинов, Кристина Тот, Оршоја Карафиат, Бруно Виејра Амарал, Филип Флоријан.
Посетеноста на промоцијата на романот на Јерговиќ беше огромна, а него го промовираа Оливера Ќорвезироска и Владимир Јанкоски. Авторот одговараше на прашања поврзани со неговиот роман и, општо, со неговото творештво, а по завршувањето на официјалниот дел од промоцијата, присутните имаа можност да се запознаат и да поразговараат со него.
Миљенко Јерговиќ (Сараево, 1966) е книжевник и новинар кој живее во село во близина на Загреб. Првиот новинарски текст го има објавено во 1983 година, а првата поетска збирка „Опсерваторија Варшава“ во 1988 година. Со неговата збирка раскази „Сараевско Марлборо“ (1994) критичарите сметаат дека почнува трендот на т.н. стварносна проза. Објавува уште неколку збирки раскази („Мама Леоне“, „Иншалах Мадона“, „Иншалах“), како и десетина романи. За романот „Род“ во 2015 година ја добива наградата „Његош“.
Делата му се преведени на повеќе од дваесет јазици.