На 29 мај, со почеток од 19.00 часот, во книжарницата на Антолог, се одржа промоцијата на романот „Малиот бог на земјотресот” од бугарскиот писател и театарски режисер, Петар Денчев, во издание на Антолог.
Романот на македонски јазик го преведе Душко Крстевски кој на промоцијата, меѓудругото, зборуваше и за предизвиците во процесот на преведувањето. Покрај тоа, публиката имаше можност да го чуе и самиот автор, низ разговорот кој го поведе Пепи Стамков.
Петар Денчев е роден во 1986 година. Дипломирал театарска режија и поставил претстави во најголемите театри во Бугарија, но и пошироко. Книжевното деби го прави со раскази и поезија кои веднаш се наградени или номинирани на разни конкурси. Автор е на книги поезија, раскази и романи. Има објавувано во речиси сите бугарски весници и списанија како и во американското „The Litter Box Magazine“ и на хрватскиот сајт „Критична маса“. Преведен е на неколку јазици.