На конкурсот за Роман на годината за 2018 година, кој беше распишан од 15ти декември 2018 и траеше заклучно 15ти јануари 2019, пристигнаа 36 книги објавени во текот на изминатата година. За изброт на Роман на годината беше оформена стручна жири комисија составена од: Фросина Пармаковска (минатогодишен лауреат и претседател), Богомил Ѓузел (академик и поет), Елизабета Баковска (писател), Катерина Богоева (претставник на фондацијата) и Александар Прокопиев (писател). Комисијата заседаваше четирикратно при што, на првиот состанок, беше направена селекција од 11 романи кои ја продолжија трката, на вториот состанок беше направен потесен избор од шест романи, на третиот состанок се изгласаа романите финалисти и тоа: „Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова (Темплум), „Страв од Варвари“ од Петар Андоновски (Или-Или) и „Маџун“ од Влада Урошевиќ (Магор). На четвртиот состанок беше избран романот „Некој бил тука“ за Роман на годината за 2018.
Бројот на пристигнати дела за годинашната награда „Роман на годината“ ја покажува пообемната книжевна продукција на дела на македонски јазик во 2018 што несомнено зборува за желбата и обидот да се пишуваат романи од кои голем дел, согласно ставот на жири комисијата, не задоволуваат некои високи книжевно-естетски критериуми. Од почетокот, околу 5-6 романи забележително се разликуваа во однос на преостанатите пристигнати книги и по однос на свежината на раскажувањето и по однос на јазичната подлога и токму тие, влегоа во потесен избор или во претпоследниот круг во трката за „Роман на годината“ за 2018.
„Некој бил тука“ од Нина Андова-Шопова е роман што се чита брзо и лесно, но истовремено е и приказна што не е ниту површна, ниту плитка. Тој е исклучително зрел и убедлив, тежок и емотивно напорен текст за читателот. Се работи за една долготрајна и мачна себеотуѓеност која, низ една необична и нималку наивна игра со и во просторот, резултира во една неопходно и неизбежно себесретнување. Раскажувањето на Андова Шопова со леснотија го повлекува читателот во морето од сомнежи, стравови и сеќавања, при што потребна е подготвеност за веднаш и бескомромисно да се нурне во длабокото. Технички и јазично, тој е компактен и стегнат, во него не недостасуваат и не стрчат ниту една реченица и ниту еден збор.