Винка Саздова е родена во 1956 година, во Стрезовце. Завршила Филозофски факултет, на Катедрата по психологија, во Скопје. Работела како новинар во редакциите за култура на дневните весници „Вечер“ и „Република“. Животот и состојбите ја пренесле во издавачките куќи „Култура“ и ЗУМПРЕС. Основач е на издавачкиот центар „ТРИ“, каде што работи како главен уредник.
Досега ги има објавено романите: „Последниот чај“ (2009), „Полиња со диви нарциси“ (2011), „Понекогаш доаѓа среќа“ (2013), „Луна“ (2015) и „Вилино“ (2019). „Последниот чај“ е преведен на српски, хрватски и бугарски јазик. Двапати е прогласена за најчитан автор – во 2012 година од НУБ „Св. Климент Охридски“, а во 2014 година од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.