Виолета Танчева-Златева е поетеса, раскажувач, есеист, преведувач, лектор. Родена е на 25.4.1968 г., во с. Бориево, Струмица. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Југословенска книжевност. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2000 година и на Здружението на лекторите на Република Македонија. Била член на редакциите на списанието за книжевност и култура „АКТ“ и на списанието на ДПМ „Стожер“. Работи како лектор во Издавачки центар ТРИ – Скопје.
Ги има објавено следните книги:
Проза: Книга за сонот (куса проза, 1991), Враќања (роман, 1993), Враќајќи се во Бориево (раскази, 1999);епистоларниот роман за деца Шарени писма (2008), Раскази од минатиот век (2022), романот Бела Сама (2023).
Поезија: Мојот Пикасо (2007; и двојазично издание на српски и македонски јазик Мој Пикасо/Мојот Пикасо, Задужбина „Петар Кочиќ“, Бања Лука–Београд, 2008), Заробеници на молкот (2010), Огнена (2011), Нашата приказна (2013), Година без лето (2015, и на англиски A Summerless Year во издание на Струшки вечери на поезијата, 2016), Патот (2018), На работ на светот и Капе времето (2021), Глуво време (2023).
Застапена е во повеќе избори, панорами и антологии. Нејзини песни и раскази се препеани/преведени на неколку јазици и објавени во повеќе списанија на српски, црногорски, словенечки, англиски, бугарски, албански, романски, руски, турски, германски јазик.
Освоила четири награди на Анонимниот конкурс за краток расказ на „Андриќеви денови на културата“ во Травник во 80-тите години; прва награда за проза на анонимниот конкурс на Независни изданија „Ѓурѓа“ во 1991 г. за Книга за сонот; награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата во 2015 г. за најдобра книга за Година без лето; награда „Ацо Шопов“ на Друштвото на писатели на Македонија за најдобра поетска книга во 2018 г. за Патот;награда „Антев златник“ на Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за 2022 г. за поетскиот ракопис Глуво време.