Бог и бетон (извадок)

Извадок од романот „Бог и бетон“ на Ричард Мило.

Ги извлекувам двете торби убаво спакувани на дното од фиоката. Чеканот и шрафцигерот од другата фиока. Работам внимателно, полека да не ја разбудам сестра ми. Сè уште ја делиме детската соба.

Доцна е. Татко ми не дојде дома вечерва. Мајка ми спие како топ, нокаутирана од лексилиуми. Барем не се караат.

Вечерва е одлична за акција. Во стомакот чувствувам дека е вистинскиот момент.

Утре ќе бидам херој.

Има еден месец откога ја планирам кражбава на дневниците на сите осми одделенија во моето училиште. Никој не знае, тоа е главното задоволство.

Широките торби убаво склопени ги собира во џебот на виетнамката. Во другиот ракавиците, под каишот, шрафцигер и чекан.

Без звук излегувам од дома.

Надвор е студено и магливо. Полноќ, февруари. Живо Пиле нема на улица. Перфектно.

Додека одам накај училиштето се преслушувам.

Вртам околу школскиот двор за да поминам кај прозорците на домарот. Темни се, значи спие. Канцеларијата на наставниците во која се наоѓаат сите дневници е на другиот крај од училиштето, нема шанси да слушне кога ќе го скршам прозорецот.

Завчера ми се сложија сите коцки откако го видов оној филмот, кој не знам како се викаше, српски, за деца од домови. Имаше една сцена каде што бивш домец ги регрутираше клинците да крадат за него и им покажа како се прави дупка во џам, низ која може да се дофати кваката.

Се прилепува шрафцигерот на џамот и го удираш по рачката со чекан. Толку. На џамот се создава мало дупче и околу, во круг, распукано стакло. Тоа стакло го исчепкуваш со рака и ете ти дупка. Тоа уште не бев пробал да направам.

Доаѓам до прозорците на канцеларијата и седнувам на блиските клупи во мракот. Гледам, слушам… Срцето ми татни во ушите. Не сакам да излезам кукавица, ниту пред себеси.

Брзо се доближив до крајниот прозорец. Ги извлеков од појасот алатите, го наместив шрафцигерот и трас. Навистина се направи дупче со како розета испукано стакло наоколу. Не можам да проценам дали беше многу гласно, татнежот во главата ми ги дисторзира звуците. Морам брзо да завршам. Само го навилив шрафцигерот врз следното стакло, бидејќи дупли се прозорците и пак, трас. Неколку парчиња се откачија и заѕвонеа на подот од канцеларијата. Брзо се оддалечив кон другиот крај на дворот и седнав зад еден џбун.

Во мене беснееше адреналинска бура. Рацете и нозете ми се затресуваа, срцето ми маваше стравотно брзо и така силно што пред очите ми се појавуваа шарени дамки. Ништо не можев да слушнам. Толку бев исплашен.

Половина час останав во џбунот. Никој не се појави, а срцебиењето се смири.

Охрабрен станав и дошетав до прозорецот. Ги навлеков ракавиците, ги извадив внимателно парчињата стакло од двата џама. Ја протнав раката и ја повлеков нагоре кваката. Прозорецот се подотвори. Пак ми татнеше во главата. Постојав тука една минута гледајќи низ дворот. Штама. Го бутнав прозорецот и се прекачив. Однатре го подзатворив. Добро познатиот мирис на моето училиште. Отидов до орманот со дневници. Тука се. Седнав на столчето и ги извлеков сите шест на осмите одделенија.

Можеби не мора да ги земам, помислив, само да си ја поправам тројката по математика. Ама наставничката пишуваше во дневникот со „Пеликан“ пенкало со мастило, а јас не понесов ништо такво, плус сигурно памти дека имам тројка, бидејќи сите други ми се петки а и нема да настане никаков хаос утре во школото. Сепак ќе ги земам.

Дневниците ги собра кнап во торбите, по три во една. Беа изненадувачки тешки. Запалив цигара. Тресев во пепелникот на масата и отпушокот го оставив на заминување. Дома влегов неприметен. Ги скрив дневниците на дното од најголемата фиока во моето биро.

Следното утро првпат бев порано од седум во училишниот двор. Дотеран, возбуден, ненаспан, се приближував кон толпата деца збиени околу милициското возило додека ги гледаа десетината инспектори како со ракавици и четкички ги прашат прозорците на канцеларијата на наставниците.

Ох, каква глетка. Прекрасно. Се држев колку што можев помирно. Во грлото ми се собра кнедла, во градите мед, во стомакот бура.

Стојам меѓу децата од мојот клас, а до мене Пеце.

– Што е ова, бе, Пеце? – едвај изговорив.

Пеце отсекогаш беше најупатен во сите полициски, воени и државни работи. Директорот на училиштето му беше чичко.

– Ова е најверојатно некоја иредентистичка банда, може да имаат поставено бомба во школото!

– Кој ти кажа?

– Не мора никој да ми каже! Веднаш се гледа.

– Е, по ш’о се гледа бе, живти све?

– Начув бе, нешто од милицајците. Не може долго да лаже, многу добар е.

Знаев дека сум недопирлив. Носев ракавици, нема отпечатоци, утрото ги фрлив старите патики и никому не кажав што планирам. Почнав многу добро да се чувствувам, летав. Коментарите на другарите за целиот случај, кои патем на секој начин беа претерани, ги доживував како комплименти.

Тука во игра беа иредентистички терористи, странски шпиони во бегство, професионални крадци, кои најверојатно денес на друго место разбиваат банка додека полицијата губи време тука, и така натаму. Се укажуваше дека ова е дело на некој сериозен криминалец, а не на добро исфрустриран тинејџер.

А, ептен ми идеше да се пофалам, неиздржливо ме скокоткаше грлото од зборовите „Јас сум“.

Цела таа недела наставниците нè водеа по тефтери. Учениците од осмите беа апсолутни победници. Го воздигаа крадецот до небото. Стануваше очигледно дека е некој од нас. Се прашувавме едни со други:

– Ти да не си?

Во саботата бев дома, околу седум навечер, ѕвони телефонот. Брзо излегувам во ходник и подигам слушалка. Со крајот од окото низ отворената врата гледам кон спалната, татко ми лежи и чита на светлото од столната ламба. Тој ден со мајка ми не се расправаа со викање, ама се пикнаа во спална уште кај пет. Многу мирисаше на развод.

– Добра вечер, Поповски ќе ми треба – учтиво прозборе директорот на училиштето. Лично тој. И го бара татко ми.

– Димитар овде, знам за што ме барате, ќе ги донесам вечер – успеав да кажам без да ми затрепери гласот.

По кратка тишина.

– Каде?

– Кај домарот ќе ги оставам.

– Добро, тогаш дојди кај мене во канцеларија утре наутро.

– Недела е.

– Таму ќе бидам. Така ќе биде најдобро за тебе.

Вечерта ги однесов, а утредента директорот во присуство на еден во кожен мантил кој за цело време молчеше, ме испитуваше. Го молев да не кажува на татко ми.

Не само што му кажа, туку и цело второ полугодие ме викаа на разговори разни инспектори за малолетни деликвенти кои никако не веруваа дека сам сум ја направил кражбата на дневниците. Го викаа и татко ми повеќе пати, за на крај да му здодее и да им каже:

– А бе, носете го во дом ако треба, само не викајте ме веќе.

Кога им помина ним редот, требаше да даде свое мислење и „психолошката”. Некаде на вториот час ќе влезеше дежурниот:

– Поповски да се јави кај психологот!

Сите ми завидуваа, кој поради оправданото отсуство од часови, кој поради „славата”, а некои поради долгите саати поминати насамо со најзгодната психолошка. Понекогаш ми се чинеше дека ќе ми даде, толку се зближивме, постојано онанирав замислувајќи како се соблекува, тука во нејзината канцеларија.

Таа година моите се разведоа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *