Последната средба

Извадок од книгата „Табакерата“ на Ѓорѓи Абаџиев.

Беше доцна ноќ, а Султана уште не можеше да заспие. Лежеше во постелата и напрегнато се вслушуваше во ноќните звуци. Преку прозорецот трепкаа ѕвездите и нивниот остар блесок ѝ ги боцкаше очите. Некаков црвец стругаше во старите штици од долапот. До неа, од кон ѕидот, бај-Кољо спокојно дишеше, потсвиркувајќи леоно со носот.

Султана се сврте со грб кон прозорецот. Темнината беше густа, слепа. Постепено во градите и се надигаше познатата тага, проникнуваше во неа и разбудуваше тешки мисли. Шест години веќе Гоце, најстариот сии, не си дошол дома, ниту пак пратил некаков глас или писменце, та да го знае каде е и што е со него.-

Секоја вечер, ќе притивнеше ли светот во ноќната тишина, Султана заночнуваше да живее во постелата во интересен свет, полн со спомени. Во паметта ѝ се јавуваше Гоце, таков каков што го виде пред шест години, кога незнајно од каде и како дојде за свадбата на сестра му Тина. Во ушите на Султана зазвучуваше тиха мелодија, се засилуваше како далечен бран роден во длабочините на морето, се надигаше и со опојна сила заливаше сѐ. Гоце пееше. Песната навлегуваше во крвта, ја распалуваше, во очите на свадбарите виваше дрска смелост; тогаш леснина и сила ги поткреваше од земјата во играорна ветрушка. Не истрпи ни бај-Кољо, го удираше фесот одземи и се фаќаше во орото до Гоцета, чие перче на челото се меткаше во такт со бунтовната јарост на песната.

– Еј-хеј-, еј-хеј. . . Ехе-хе. . . Така, синко! — подвикнуваше бај-Кољо, и лицето му пламнуваше во весела закана: — Играјте, нека пукнат проклетите поганци! Ехе-хе, хеј!

На другиот ден, уште неразденето, Гоце исчезна исто така неусетно како што дојде. Шпиони му потшушнале на кајмакаминот дека Гоце е во Кукуш. Онбашијата со петмина стражари веќе чукаше на вратата.

– Што направил син ми, ефенди, та го барате? — праша сметкана Султана.

– Еј, тетко, син ти тоа што направил, никој не може да направи — ѝ одговори онбашијата и сурово се потсмевна.

Времето течеше, а Султана живееше во страв и тревога. Познати и роднини зборуваа дека Гоце станал главатар на сите комити, се шетал под носот на полицијата, преправен како трговец, селанец, поп, чорбаџија, царски инженер. Тие слухови разбудуваа во неа плашлива гордост која час ѝ го стегаше час ѝ го отпушташе срцето.

Гоцевите помали браќа Милан и Мицо живееја восхитени од овие слухови и во крвта сѐ повеќе им гореше стремеж да тргаат по братовиот пат, таинствен и привлечен со својата убава и херојска неизвесност. Една утрина Султана ги најде празни постелите од синовите, избегале в планина. По некој ден ја известија преку доверлив човек да не се обеспокои — скоро ќе удри часот на слободата. Но таа сеќаваше во каква голема опасност се Гоце и браќа му и не можеше да најде утеха во безумните надежи на бујните глави. А бај-Кољо стана понамуртен и помолчалив. Густите, проширени веѓи му се спуштија пониско, да ја окријат маката што ги влажеше очите.

Лежејќи во постелата, во трескавиот ум на Султана владееше само тој — Гоце. Таа сакаше наполно да се осами со него, но стругањето на црвецот во долапот и лесното свиркање на носот од бај-Коља ја дразнеше и за да се ослободи од непријатните звуци, ја пикна главата под јорган и тука, во задушената и топла тишина, зафати разговор без почеток и крај. Тихо, со шепот, зборовите излегуваа од душата и како да се плашеа од непроѕирната густина на мракот, се враќаа пак во своето гнездо, плахи и тревожни. Нови и нови мисли бликаа, се вртеа бргу, се плеткаа, барајќи некого и, откако ќе го најдеа, срцето притивнуваше и снагата на Султана ѝ се топеше во некаква неискажлива пријатна топлина. Разговараше, а изгледаше дека таа само присуствува, наслушува разговор што се води меѓу нејзината душа и Гоцета. Ѝ се чинеше дека неговиот здив нежно ѝ го влажи образот. Во мисли, Султана му ја мазнеше со рака густата коса и нејзиното мајчинско чувство, неисцрпно во своето богатство, сега течеше како чист полноводен поток. Ги споделуваше со него своите стравови и мачни сомненија, го молеше, долго го молеше да не ја остава сама, да биде блиску до неа, до мајчините грижи. А Гоце ѝ зборуваше нешто чија смисла Султана не можеше веднаш да ја разбере, но од тоа ѝ стануваше сѐ потешко, ја сеќаваше со поголема болка неизбежната жестока судбина на луѓето што треба да страдаат и умираат. Нејзините напори да го зачува својот син, да го истрга од опасностите, се разбиваа во тврдиот ѕид од неговата волја и таа очајно се издишуваше, го проколнуваше Ајредин-бега, сите насилници, се обраќаше кон својот справедлив бог да им поможе на младите да ги изгони агите и беговите преку девет планини и мориња, та никогаш веќе да не се вратат по нашите места.

Вдадена сета во тревожната бркотница на мислите, Султана неусетно заталка во друг свет — во бесмислениот свет на соништата.

Чудно нешто — таа се наоѓа во непознато, туѓо место. Тука е сето особено, темно и диво. По земјата лазат огромни гуштери со опашки од два аршина и очи, едни така ококотени, како очи од бивол. Змии се преметкуваат, се вијат во клопче, висат по гранките од дрвјата како јамки од бесилки. Трње, црни и остри трње, го покриваа полето. Некакви интересни растенија, слични на исушени грозни грбави луѓе, испуштаат задушлива пареа. А она таму коприва ли е? Зошто има такви црвени заби? Никогаш Султана не видела коприви со заби од кои капе крв. А таму, потака, ножови играат, се удираат, ѕунат, се редат во колона и се скриваат зад корија. Оттаму се крева нагоре јадра месечина, црвена и жолта како бакрена тепсија. Но, не, не е месечина, ни тепсија. Султана трепнува. Тоа е главата на Гоцета — голема, тркалеста, усмевната. Толку силно свети, што Султана премижува. Тој нежно ја гледа. А вратот, телото — ги нема, и нозете ги нема. Устите му мрдаат. Се слуша мек глас:

– Ајде, мајко, дојди! Целивај ме! За тебе сум дошол, брзај! Зад коријата, во осоите, ги оставив телото и рацете, зашто голем бој водевме со турски аскер. Брзај, мајко!

Султана сака да се затрча. По земјата се посипани трње и срчи. Их, како си ги заборавив чевлите дома! Зар трњето и острите срчи ќе ја запрат да појде при него? Султана смело стапнува, боли. Од стапалката ѝ блика крв. Устите мрдаат:

– Побргу, мајко!

Мајката чекори, страшните заби од копривата ѝ ги апат нозете. Не може да оди веќе. Одеднаш нешто зафучи низ воздухот. Султана виде две огромни црни птици со клунови и нокти како железни ченгели. Птиците се вијат над Гоцевата глава и а да ја удрат со клуновите, Султана завика со сета сила:

– Гоце, Гоце, варди се!

Месечината се стопи во небото. На Султана ѝ притемне. Падна врз нешто тврдо, остро и се разбуди.

– Запри, мори, умот ли го загуби, хм . . . Не врескај, луѓето спијат! — промрморе срдито бај-Кољо и ја бувна со лактот во ребрата.

– Оф, колку страшно — стенкаше Султана, не можејќи да се уопокои.

– Хм, страшно, што тоа?

– Таков сон, — ѝ трепереше гласот.

– Бре сон, чудо големо, за тоа ли требаше да врескаш — се поруга тој, потоа се сврте кон ѕидот и замолча. По малку време запраша со смекнат тон:

– Го викаше, а?

– Кого?

– Син ти.

– Го викав.

– Ај раскажи ми го сонот — и гласот му стана тих и мек.

Придушувајќи се од возбуда, Султана му раскажа сѐ и на крајот не издржа, заплака.

– Спи сега. Ветришта, само ми го скрши спиењето.

Тој сакаше да ја успокои, но зборовите некако грубо му прозвучаа.

Султана никако не можеше да ги затвори очите, сето во неа беше разбудено и растревожено. Сеќаваше дека и бај-Кољо не спие, а нешто мисли и одвреме-навреме длабоко се издишува.

Синкавата виделина на утрото веќе освојуваше откај исток. По уличната калдрма тропаа копита од коњи. Двајца луѓе, веројатно ноќните стражари, разговараа гласно на турски. Од соседниот двор загровта прасе. Некој оттаму испцу. Одговори навреден женски глас.

Султана лесно, како мачка, се извлече од постелата. Главата ѝ тежеше. Стапнувајќи бесшумно, на прсти, за да не ги разбуди децата, мина во другата соба. Го запали кандилото. Жолто, мрзливо пламенче, ја лизна иконата нагрубена од масло и чад. Богородица гледаше оттаму строго, со темно и зло лице. Светицата беше од нешто незадоволна.

Пролетта истурила со штедра рака во дворот на бај-Коља разнобојна убавина. Во розовата пена од расцутените праски чуруликаа палави врапчиња, ги ронеа лисјата од цутот, кои паѓајќи на земја, блескаа на сонцето како малечки розови пеперуги. Сончевите зраци разливаа врз прозорците светло злато и целата куќа изгледаше како искована од овој сјаен метал.

Децата облечени во чисти алишта, излегле на улица и весело шумат.

Денес е Ѓурѓовден.

Султана секогаш чекаше гости ва овој ден. Но откако се заговори низ градот дека синовите на бај-Коља станале душмани на царштината, градските првенци, еснафите од чаршијата — пријателите на бај-Коља, роднините и блиските паднаа во малодушен страв и не се решаваа да го пречекорат прагот од куќата. Ајредин-бег и кајмакаминот го гледаа накриво секого што имаше нешто со оваа проклета каурска. куќа. Тешко беше тогаш да живееш под безмилосониот гнев на силниците. Судбината на рајата беше во нивни раце.

Но имаше луѓе што ни во тие тешки денови не ја заборавија Султана — сиромасите. Тие не трепереа за своите дуќани и трговија, зашто ги немаа, ни за несреќниот живот еднакво непотребен како за нив така и за оние што раздаваа царска милост. Сиромасите немаше што да загубат освен својата неореќа. А зар има на земјата такви луѓе што, откако ќе ја загубат несреќата, да жалат за неа?

Бај-Кољо, висок, плеќест човек, се променил во нови гајтанлии бечви и појас црвен како жар, наполу покриен со кусо џубе. Врз рамена му се растураат срмените реси на пискулт од фесот. Се движеше полека низ дворот, со раце ставени назад и ги броеше калибарните зрнца од бројаницата. Се запираше пред трендафилот, ги пофаќаше со прсти цветовите, клекнуваше пред каранфилите и со голема наслада ја вдишуваше нивната миризба. Сѐ така бавно и спокојно ги обиколуваше и шебоите, лалињата, зумбулите, темјанушките. Од расцутениот јоргован, сличен на огромен лилав букет, се растураше низ воздухот лесен, пријатен мирис. Пчелите, опиени од топлината на пролетта, си ги нуркаа малечките главички во тенките цветни чашки од јоргованот. Строгото лице на бај-Коља ја загубило суровоста и изразуваше внатрешно задоволство. Мустаќите, проширени со бели влакна, му блестеа на сонцето како растегнати крилја од ластовица.

Султана ја привршила домашната работа и стоеше на чардак, исправена и стројна во новата облека од темносина свила и гледаше како мажот го чисти бурјанот покрај корените на шебојот. Сеќавајќи се за нешто, таа слезе долу кај него.

– Гледај, кој го скршил ова? — ѝ се сврте бај-Кољо, покажувајќи ѝ ја скршената гранка од трендафилот..

– Мислиш нема кој — одговори Султана.

– Знам, ама ти варди.

– Деца, можеш ли сѐ над глава да им стоиш?

– Ако ги оставиш така, сѐ ќе испокршат — продолжи тој, претајќи со прачка во земјата околу коренот на шебојот. Сакаше да ѝ каже нешто поостро, но откако ги погледна нејзините навлажени, тажни очи опколени со сенки, продолжи здржано:

– Постегни ги, Султано, што ќе им текне, прават. Страв треба да имаат од тебе. Каде е Ружа?

– Ја испратив у Иринини.

– Пак нешто си измолкнала од килерот? — ја изгледа тој строго.

– Едно старо палтенце од Гоцета… децата на Ирина се голи, та . . . за Гоцево здравје.

– Не си куќница ти. Стискај, оти ќе се израмниме со твоите голтари. Овие надуени свирки, агине, мошне не навртуваат в дуќан. Алаш вериш . . . А, еве ги твоите, идат! Пречекај ги, ајде! — извика возбудено, ја фрли незадоволно прачката в земи и брзаница скршна во задниот двор.

Откај патната врата се појави висок, исушен старец, сличен на стап. Тој одеше претпазливо, и при секој чекор ситната глава му се нишкаше напред-назад. Лицето, со истегната темна кожа на јаболчниците, со малечки живи умни очи, му беше едновремено и како на скитник-светец и како на ѓавол, каков што фантазијата на луѓето си го создала. Султана се стрча, го фати под рака и го воведе вкуќи.

Старецот беше од оние ретки луѓе кои, бидејќи сами, бескуќници, секогаш имаа на уста благ, утешен збор, за секоја болка лек. Зборуваше меко и чисто и кога Султана го слушаше, ѝ се чинеше дека некој волшебник ја извлекува од грубата стварност и ја воведува онаму кај што човекот живее со надежта дека она што постои, грубо и навредливо за душата, не е вистина, а вистина е само добрата помисла и доверба меѓу луѓето.

Често Султана му ги раскажуваше своите збркани соништа. Синоќешниот сон многу ја обеспокои. И таа му го раскажа. Тој трпеливо ја слушаше, ги свиваше тенките суви бузи, така што место уста се образуваше права рецка, мигаше итро со малечките светли очи и кога Султана заврши со раскажувањето и плашливо зачека да ја чуе горчливата смисла на сето тоа што ѝ го свиваше срцето, старецот ги отпушти бузите, меѓу нив се отвори празнината, а очите му се загледаа некаде преку ѕидот, како тој да беше прозрачен.

– Месечината, Кољовице, месечината покажува дека скоро ќе добиеш абер од синовите. А главата… главата на Гоцета пожажува дека иде денот да го видиш. Срчите, оние гуштерите, оние змиите — тие се, Кољовице, маките што си ги претргала.

– Ами, нема ли веќе да има маки? — го запраша придушено Султана.

– И да има, ќе се малце, ситни, не ќе се такви — продолжи да поучува старецот.

– Ами птиците?

– Птиците, велиш. Птиците, Кољовице, не можат да ја стасаат месечината, никој не стасал до неа. Во сонот е кажано: главата — тоа е едно исто со месечината.

Султана се отпушти олеснето на столот.

– Кога ѓаволот не може да му направи зло на човека, тој на сон го мачи. Не верувај во лошите соништа, тие се од него, од лукавиот. Така да знаеш, Кољовице.

Дедо Стојан седеше на миндерот неподвижно, со исправена снага, а гласот му се изливаше како низ флејта, ја полнеше собата со ободрувачки звуци. Султана ги голташе жедно, тие ѝ ја пречистуваа душата од тажното и бојазливо чувство што како црвец ја разјадуваше. Во неа растеше сѐ повеќе измамливата надеж дека Гоце сега ќе се појави. Стапките по калдрмата на дворот ѝ се чинеа негови стапки. Не, тие беа стапките од гостите. Султана ги пречекуваше и испраќаше, раздавајќи им, едному кошула, другему износени чевли, леб или нешто друго, приготвено уште од вчера.

Тој ден Султана остана задоволна од луѓето и од себеси. Толку убави работи ѝ говореа за Гоцета, што таа се откина од вистинокиот свет, од неговата безочна вистина и ги претвораше соништата во стварност. Мислата за Гоцета ја тераше често да погледнува низ прозорецот, каде што чисто измиените камења од калдрмата ги одразуваа сончевите зраци, а цвеќињата образуваа раскошни килимчиња послани од обете страни на калдрмата. Гостите не идеа веќе. Султана остана сама со своите разбудени надежи. Таа го чекаше Гоцета.

И Гоце навистина дојде. Но не го пречекори прагот.

Чукаше некој на патната врата. Кога Султана отвори, пред неа стоеше еден Циган, ќумурџија, и питаше леб. Арнаутските бечви му беа искинати, налепени со латици, грубо сошиени со конци од лико, од калцмте му се влечкаа околу босите нозе врвки од распорениот гајтан. Џамаданот му беше нешто како партал наметнат на плеќи. Лицето извалкано од ќумурен прав, црно а на него светеа само очите.

– Немам леб за тебе — му се извика Султана огледувајќи ја јаката снага ва питачот. Но тој стоеше пред неа како закован за земјата и ја гледаше со раширени, среќни очи.

Тркалестото полно лице, како вишни темните црнки, од кои излегуваше умилна добрина, жарките усни, што некогаш, кога беше дете, му ги покриваа обравчињата со бакнежи, мајчината фигура, позната и мила, беше толку блиску до неа. Одвај се здржуваше да не се фрли на мајчините гради. Но спроти куќата гледаа прозорците од двокатницата на Ајредин-бега. Зад решетките од прозорецот не ретко се загледуваа очите на бегот кон дворот на бај-Коља. Дали и сега не се спотајува некој таму? Само една мала непретпазливост, и Гоце може да падне во рацете на душманот.

– Какво мажиште, оди работи! — го прекори Султана.

Ќумурџијата молчеше и ја гледаше жално, со нежна тага во големите очи. После бавно се сврте, како да не му се сакаше да го стори тоа и со колебливи чекори се оддалечи. На Султана ѝ се причини дека си ги забриша со ракав очите. Откако ја затвори вратата, за миг се замисли: „Дали навистина не беше гладен… Од далечни места треба да е…“ Нешто како да ја прободе в срце. Бргу излезе на улица. Таму немаше никого. Питачот беше си отишол.

Такво беше последното видување на Гоце Делчев со мајка му.

По две години тој загина.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *