Приказни за тревите и други приказни (извадок)

Извадок од збирката раскази „Приказни за тревите и други приказни“ на Живко Грозданоски.

Мојата девојка од супермаркетот

На М. С.

Мојата девојка од супермаркетот е убава, висока, има крупни, црни очи и црна коса, носи црвена престилка и лесна шминка. Штом се искачам по цементните скалила, и стаклената врата се отвори пред мојот капут од чоја, од зад касата ме пречекува таа со нејзината златна насмевка, и со едно „добредојдовте, млад господине“.
Откако ја запознав, често ми се случува јас да не сум доволно информиран, така што таа е секогаш тука за да ми покаже каде се наоѓа млекото од соја, отворачот за вино, или, како се мери овошјето. Тогаш таа ме поведува со себе низ полиците преполни со шарени кесички мелен лук, пилешка супа или пудинг од ванила, а јас ја следам. Се прашувам на што мисли додека чекори така пред мене, а јас…
Веќе одамна ги научив лежиштата на сите артикли, и сега со леснотија се движам низ тој огромен, осветлен и весел простор. Сепак, насекаде, ништо не е совршено, и сите прават грешки, понекогаш, особено кога се вљубени. Ете кај мене во супермаркетот често забораваат да им стават цена на некои производи. Во последно време редовно ми се случува да наидам на некој артикл без цена, со што, како потрошувач, сум доведен во состојба да не можам да си ги предвидам трошоците. Но тоа не ме онерасположува – едноставно се придвижувам кон касите, а таму секогаш се наоѓа мојата девојка од супермаркетот… Додека таа со својот волшебен глас ми ја соопшува цената на сосот од домати, мене ми се чини дека ја слушам најубавата поезија на светот.
Таа знае сè. И не мислам на она безвредно, стерилно енциклопедиско знаење, ниту на она лицемерно знаење од зад професорските катедри, ниту пак на она суетно знаење на интелектуалците кои својата дребна душа ја скриваат зад долги и непознати зборови и не знаат да создадат ништо повеќе од по некоја колумна која никој нормален човек не ја чита. Мојата девојка од супермаркетот знае нешта кои се едновремено и обични и бесценети: каква тоалетна хартија користи претседателот, какви гуми за џвакање купува премиерот, која марка презервативи во својот џеп има министерот за внатрешни работи, со каков освежувач за здив се служат уредниците на главните издавачки куќи, какви влошки користат професорките од државниот универзитет… Тоа се навидум ситни нешта, но верувајте, многу значат: кога јас и мојата девојка од супермаркетот пристигнуваме на премиерата од некоја театарска претстава, или на некоја промоција на книга, сите тие маркантни личности од нашата политичка, бизнис и културна сцена се сепнуваат, па се вртат кон неа, за момент забораваат на нивните паушални разговори и со милозлива насмевка ја поздравуваат. А јас сум крај неа и горд сум на неа.
Затоа мојата девојка од супермаркетот нема никакви недоразбирања со комшиите, нема бирократски проблеми кога треба да извади некој декумент, не плаќа казни за погрешно паркирање, никогаш не чека во редици, ни за на забар, ниту пред дискотеки. Јас сум во секој момент крај неа и за нас само небото е граница.
Таа ги поседува клучот од моето срце и клучот од орманчето со тежок алкохол. Штом сите други потрошувачи си заминат, ние остануваме сами во тој бескраен рај за очи, тело и душа, и тогаш само времето става лимит на нашата фантазија… Постиламе на подот рогозини и душеци, ги гасиме неонските светла, земаме мирисливи свеќи и запалки од касата, па јас ѝ ја соблекувам престилката, нежно ја бакнувам по вратот, цедам лимон врз нејзините прекрасните гради, пијам вино од нејзиниот папок… а таа е пресреќна.
Кога ќе се измориме од валкање врз како памук меките пакети полни салфети, легнуваме покрај самиот влез од супермаркетот, покрај штандот со бестселери. Секоја заедничка вечер ни завршува со тие безвременски стихови и приказни за животот и љубовта, толку обични, лесни и разбирливи, преполни со душа и човечност, скраја од било која литературна струја на денешницава…
Другите продавачки се љубоморни затоа што го немаат она што го има таа, и затоа мене воопшто не ме сакаат, не ме поздравуваат и не ми се смешкаат, ме гледаат накриво или воопшто не ме гледаат, не ми покажуваат дали ја имаат онаа пена за бричење која мене ми треба, не ми кажуваат кога има промоција на некој производ, не ми даваат хартиени кеси, иако ми следуваат, бесплатно, не ми ја примаат кредитната картичка, не ми враќаат кусур…
Но мене не ми е грижа. И онака не е убаво човек да има сè, и сечија наклонетост. Мене единствено ми е важна мојата девојка од супермаркетот и нејзината златна насмевка. Така, јас нестрпливо чекам таа да дојде да работи втора смена, за приквечер јас повторно да се упатам кон едни цементни скалила и една стаклената врата пак да се отвори пред мојот капут од чоја, па од зад касата повторно да ме пречека таа, мојата девојка од супермаркетот, со онаа нејзина златна насмевка, за одново да продолжиме со нашата магична приказна…

Платно

На И. Т.

Лежиме со жена ми во брачниот кревет и јас, убаво расположен, ја прашувам што би ја направило среќна, за да го сторам тоа и да се учинам себеси среќен. Таа одговара дека нејзината среќа зависи од мојата среќа, дека за неа е важно јас да бидам среќен, и само тоа ја прави среќна. Јас повторно ѝ објаснувам дека би сакал да направам нешто конкретно, нешто што би ѝ се допаднало, кога само би ми навестила некако… Но таа повторно ми вели дека не морам ништо да правам, затоа што доволно ѝ е да ме гледа среќен, единствено мојата среќа ја прави среќна, а целосно станала рамнодушна кон сите останати нешта од кои неминовно е сочинет животот. И сега ме прашува што би можела таа да стори за мене, за да ме направи среќен и за да биде среќна.
Сфаќам дека се наоѓам во безизлез, се чувствувам немоќен, како рацете да ми се врзани: сакам да дадам, а ставен сум во ситуација да барам. Оваа немоќ ме растревожува и јас се растажувам. Ја нема повеќе ведрината на моето лице, се појавува сенка на челото, ги веднам очите, го допирам лицето со раката. Жена ми сево ова внимателно го следи, па штом забележи дека нешто не е во ред со мене, се вознемирува, ми се приближува и не знае што да ми рече. Гледајќи ја вознемирена, јас целосно се збркувам и се губам, а штом таа го види тоа, нејзиното лице се смрачува, и очите ѝ се полнат солзи. Јас ја гледам така насолзена и тоа е нешто што не можам да го поднесам. Си го прекривам лицето со рацете, очаен. Таа го гледа тоа и прснува да плаче. Не можам да ги поднесам нејзините болни липања, скокам од креветот и нервозно шетам низ собата. Во истиот миг таа рикнува како животно, затоа што тоа мое оддалечување од неа е погубно.
Јас го сфаќам тоа и веднаш се враќам крај неа, ја прегрнувам и таа полека почнува да се созема. Поминуваме така гушнати доста долго време, затоа што никој не сака прв да попушти поради помислата дека другиот може да помисли дека првиот љуби помалку. Сепак, најпосле таа попушта, се одделува од мене, ме загледува во очите и вели дека не ме заслужува. Јас ја гледам така убава, уплакана, па помислувам дека никоја жена не плачела така за мене, па сфаќам дека не сум доволно добар за неа и ѝ велам дека јас не ја заслужувам. Таа ја навалува благо главата кон левата страна, ги искривува усните, ми вели дека никој до сега не ѝ го рекол тоа, ми вели дека сум премногу добар за неа и ми вели дека не ме заслужува. Јас ѝ велам дека до сега не сум сретнал толку добра и убава жена, ја убедувам дека никогаш нема да бидам за неа, па ѝ велам дека не ја заслужувам. Таа сега ја наведнува главата, ми вели дека не можам да ја разберам кога вели дека јас му давам смисла на нејзиниот живот, а таа не знае како да ми возврати на тоа, не може да ја поднесе таа тежина, и затоа не ме заслужува. Јас ѝ објаснувам дека целосно ја разбирам, затоа што кон никоја друга не сум чувствувал таква посветеност, и иако единствено сакам таа да биде среќна, единствено успевам да ја расплачам, како што тоа го сторив вечерва. Затоа и не ја заслужувам.
Не гледајќи друг излез, ѝ предлагам развод. Таа веднаш прифаќа, извинувајќи ми се затоа што јас наводно сум губел време со неа. Јас го игнорирам тоа затоа што сметам дека е целосно бесмислено, па барам од неа да ми прости за сите моменти на болка и тага на кои сум ја навел. Таа ми вели дека ќе го најми најдобриот адвокат за што побрзо да ме ослободи од себеси. Јас ја уверувам дека добро ќе го платам за таа што поскоро да живее слободна и далеку од мене.
Со обострани залагања, разводот помина брзо и без проблеми. Единствено наидовме на компликации кога требаше да се договориме како да се подели она малку нешто што имавме. Едниот сметаше дека другиот треба да земе ако не сè, барем три четвртини од поседот. Најпосле, по совет на адвокатот, кој инаку изгледаше како ништо да не разбира, се согласивме да делиме сè на пола. За среќа станот сè уште ни беше под кирија.
По разводот, секој тргна по својот пат. Од ретките случајни средби се чинеше дека и двајцата сме задоволни поради тоа што сме си обезбедиле слобода еден на друг. Често со наведната глава шетав низ паркот, и ми се чини дека единствено нешто што ме одржуваше во живот беше помислата дека сум ѝ обезбедил мирна иднина на мојата, сега веќе бивша, жена. Во тие моменти на очај се случуваше да ја дигнам главата и да ја видам неа, како се шета сама во паркот, и ме гледа, насмеана, убава како и секогаш. Тогаш веднаш и јас се чувствував подобро, па зачекорував насмеан, весел, сигурен во себе. Понекогаш се случуваше, исто така разжалостен, да ја видам во паркот, повторно сама, и не можев а да не се насмевнам кога ќе се сетев на тоа колку е добра, полна со топлина и разбирање. Таа чекореше со наведната глава, и таа некако разжалостена, но штом ќе ме видеше поднасмеан, и нејзе како да ѝ се враќаше убавото расположение, се поздравувавме оддалеку, па зачекорувавме многу повесели.
По некое време ја видов во паркот со еден човек кој и не ми остави така лош впечаток, па помислив дека еве, ја нашла својата сродна душа, личноста која ќе ја направи среќна, онака како што не знаев јас. Чекореа далеку од мене, но се гледаше дека не зборуваа, тој гледаше незаинтересирано на страна, а таа секогаш во земјата пред себе. Кога таа случајно ја крена главата и ме забележа, десната рака ја стави на грбот од својот човек, а со левата покажа кон мене, и насмеана, започна да му зборува нешто. Тој нишкаше со главата, беше очигледно дека добро се разбираат. Следниот пат кога ја видов во паркот беше сама, но јас знаев дека е среќна, иако чекореше со наведната глава, сè до оној миг кога ме здогледа.
И јас после неа запознав уште неколку добри девојки, со кои често излегував. Штом ќе се зближев со нив, започнував да им раскажувам за мојата поранешна жена, за тоа колку е таа убава и забавна. Но тие без ни малку интерес за неа една по друга си заминуваа, а јас повторно останував сам.

Започнав да се бавам со сликарство, нешто што отсекогаш сум го сакал и понекогаш, потајно, практикувал. Отсекогаш ме фасцинирала играта на боите и сенките, на визуелните зборови и тишината. Имам сопствена филозофија на сликарството, според која на моите дела се одвиваат конкретни разговори, со почеток и крај. Насловите на моите дела се редовно составени од име на човек, име на место, и датум. Само понекогаш тоа е име на лик, или актер, кој ми оставил впечаток во театар или на филм. А ширината на сликите најчесто е седум пати поголема од висината. Од пред неколку години правам самостојни изложби, а изложувам и на меѓународни собири. Разговорот со еден познат конзул ми остави силен впечаток, па така изработив едно дело кое сега се наоѓа во неговиот конзулат.
Мојата поранешна жена, од друга страна, продолжи да работи за различни списанија и весници, како критичар на современа уметност. Понекогаш ги читам нејзините есеи, рецензии, и впечатоците од нејзините патувања. Иако не се разбирам којзнае колку, сметам дека има чист стил на изразување, и мило ми е. Почитувана е и ценета од своите соработници. Сигурен сум дека немаше да биде она што е денес доколку јас продолжев да ѝ пречам во работата.
Пред некој ден се видовме во музеј, на изложба на фотографии. Одамна ја немав видено во парк, најверојатно затоа што, како што прочитав во едно интервју, имала проблеми со артритис. Низ толпата успеав лесно да ја забележам. Стоеше сама, како и обично, покрај една жена која зборуваше со човекот чија што беше изложбата. Не паметам од кои причини бев нерасположен, но штом ја видов веднаш ми стана поубаво, а и нејзе ѝ се исцрта насмевка на лицето штом го одлепи погледот од подот и ме забележа. Започнавме разговор без страв дека ќе се повредиме, затоа што и обајцата знаевме дека е прилично доцна за тоа: поминаа речиси триесет и пет години откако прв пат се сретнавме. Покрај тоа, зборувавме главно за уметност: јас ѝ зборував за тоа колку ми се допаѓаат нејзините текстови, а таа ми зборуваше колку ја цени мојата работа. Најпосле, ни на крај памет не ни падна да се договориме за следна средба, но тој разговор со неа ми остави така убав впечаток што денес, веднаш штом се разбудив започнав да сликам ново платно. Само што не сум го завршил, и, мора да кажам, доста сум задоволен. Потајно се надевам дека еден ден таа ќе напише нешто убаво за него.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *