Случајот Чернобог (извадок)

Извадок од романот „Случајот Чернобог“ на Катерина Шошко.

Кога излеговме од дворот почна да се врти барајќи ја колата, па тогаш јас ја повлеков нагоре по улицата. Гласно и отсечно дишеше низ нос фрлајќи ја ќесата на задното седиште. Но се премисли и не седна, туку ја тресна вратата и застана на сред улица. Видов како ги собира рацете во тупаници и целосно се згрчи. Стоеше исправена со грбот кон мене.

„Нора?“

„Ова требаше уште одамна,“ си рече повеќе за себе.

Воздухот почна да трепери, прераснувајќи од свежо ветре во разорно торнадо.

Гранките на дрвјата почнаа да се виткаат и да крцкаат и одеднаш се чинеше дека и тие неколку облаци ќе донесат бура. Но не заврна, само корнеше ветер, а минута претходно беше мирно.

Не знаев што ќе прави. Наивно очекував дека ќе направи да се скршат прозорите или пак да се урне покривот, иако до тогаш уште не ми се веруваше во приказната која ми ја кажаа во домот за горната просторија.

„Нора, да си одиме додека не излегол татко ти.“ Зборовите ми одекнуваа во ветерот што веќе ми ги полнеше очите со прав.

Се обидов да ја фатам за лакотот и да ја натерам да се тргне од сред улица, ама јас, маж од метро и скоро деведесет и деведесетина кила не успеав да ја помрднам ни милиметар. Пробав уште еднаш и уште еднаш, како да се претвори во карпа. Се обидов да ја кренам, да ја истуркам – не се помрднуваше. Како да беше оловна. До денес не можам да си објаснам како беше тоа можно.

Ме исплаши, па застанав пред неа, но очите ѝ беа скаменето фокусирани напред, некаде низ мене, врз куќата.

Само рамномерно дишеше.

„Еј!“ таков поглед немав видено никогаш – ниту кај пациенти со страшни дијагнози. Не беше празен или загубен, туку како да имаше фокусирано нешто. Почнав да ѝ мавтам со раце пред лицето, но џабе. Нора не беше тука. Помислив дека е во епилептичен грч, но во ниту еден момент не почна да се тресе.

Татнеше од некаде, како да доаѓаше стампедо од ридот над нас и во еден миг нагло се завртев нагоре да видам да не се урива нешто, но сѐ беше мирно. Само дрвјата се нишаа, но не толку силно како оние во нивниот двор.

„Ќе сакаш да се повлечеш некој чекор назад?“ рече отсутно.

Чист гнев ѝ го имаше опседнато лицето, очите беа стемнети, веѓите смуртени. Беше како орел што стрмоглаво леташе надолу кон пленот. Косата ѝ се вееше на сите страни, преку лицето. Само се сеќавам дека погледнав надолу кон рацете. Толку силно ги стискаше тупаниците што немаше крв во нив.

Викав „зошто“ и „ајде да си одиме“ но таа не реагирапе.

Ветрот носеше прав, лисја и ситни гранчиња па со мака ги држев очите отворени. Татнежот стануваше посилен како стампедото конечно да се беше спуштило и доаѓаше кон нас. Земјата под нозете ми се тресеше па инстиктивно се повлеков неколку чекори зад неа.

Застанав крај колата и со рака над очите само немо гледав во нешто што јас и Татјана се надевавме дека ќе го видиме уште првиот ден. Илјада неконтролирани мисли ми се бореа во главата – поради ова оваа девојка била затворена и изолирана од светот. Кристина беше во право, ова беше страотно и не сакав навистина да го сведочам.

Почна да ми станува кристално јасно дека оние од Министерството сигурно добро знаеле што прави таа и пред јас и Татјана да стигнеме до неа. Човек со толку силна и моќна телекинеза, или психокинеза, не се оставаше туку-така надвор од нивна конторла. 

Една гранка од дрвата во дворот силно закрцка, падна и го распука дрвото на половина.

Веќе врескав по неа да престане. И кога сакав да пробам пак да ја тргнам оттаму, асфалтот меѓу мене  и неа почна да напукнува, а таа пукнатина почна да се шири и да се издолжува угоре и удолу по улицата. Не се продлабочи, само јасно го подели мојот од нејзиниот свет.

Викав.

Татнењето стануваше заглушувачко. Не си го слушав гласот. Се дерев по неа, но стоев закован на место. Ми се чинеше како да стојам пред огромно филмско платно и барам од сцената да престане.

Облаците го зацрнија небото. Едвај гледав од ветрот, а пукнатината веќе почна да се шири и напречно, продлабочувајќи се крај нејзините нозе. Почна да оди потаму и потаму, додека не ја распука и оградата од нивната куќа, а потоа цел бетонски блок падна и удри врз гранките од боровите. Почнаа да паѓаат и другите блокови а еден од нив ја повлече и бандерата на улицата, која се заниша и падна со сета тежина надолу во дворот, поктачувајќи еден од прозорите на вториот кат. Домино ефектот тргна, па и погорните бандери почнаа да паѓаат, а жиците се кинеа и заискреа неколку пати, додека една не се запали.

Знаев дека имаше уште некој од куќите што го гледаше тоа, но не видов никој да излезе. Години подоцна разбрав дека соседите преплашени гледале од прозор, конечно уверувајќи се во телекинезата на девојчето од соседите.

Во еден миг бев убеден дека халуцинирам или сонувам.

Апокалиптичната слика и сега ми е пред очи. Како што паѓаа камените блокови на оградата, а земјата не престануваше да пука, Нора стоеше исправено со развеана коса и стегнати тупаници, мирно и речиси гордо во разорувачкиот чин.

Конечно, ѕидот од куќата почна нагло да пука, паѓаше фасадата, а потоа се видоа и циглите, па пукнатината продолжи кон покривот. Испопаѓаа ќерамидите, па гредите и оџакот, додека конечно не се создаде дупка во покривот. Куќата веќе се двоеше на половина, не се урна, ама ѕидовите веќе целосно беа одвоени и почна да се наѕира внатре.

Ветрот не стивнуваше, но асфалтот барем не пукаше повеќе, иако од око мислам дека беше пропаднат барем половина метар.

Татнеше и натаму, но тогаш како да се созедов малку, па ги прескокнав пукнатините на улицата и застанав до неа. Ја грабнав за рака и изненадувачки не беше како од камен. Како да почна да се губи, да омалаксува, ги затвора очите, лицето ѝ стана уморно и бледо и веќе едвај стоеше на нозе. Речиси ми падна на раце, и во таа паника едвај успеав да ја кренам и да ја ставам во кола.

Како сум влегол, како сум тргнал и како сум извозел надолу по распуканата улица, не можам да се сетам. Понекогаш го сонувам тоа, ама вака кога намерно се сеќавам тој момент ми е црн.

Седеше со испружени нозе и глава навалена кон прозорот. Сто пати се вртев накај неа, но таа дремеше и немаше никакви знаци дека ѝ е лошо. Возев со саати, возев назад по истиот пат по кој дојдовме, и дури кога застанав пред куќата на баба ми, кончено се свестив во каков грч бев.

Седев така зад воланот, без да мрднам или да се обидам да ја разбудам.

После речиси три часа возење конечно ме стигна шокот од она што го видов тоа утро. Почнував да се сомневам во сопствениот ум, се преиспитував како стигнавме до таму, редејќи ги хронолошки сите настани од ноќта претходно до тој момент, и знаев дека не измислувам, дека не ми се привиде, дека не беше некое сеќавање на филм, не беше нешто што ми раскажале дека го правела, па потоа да си претставам дека е мое видување.

Не, јас седев во мојата кола со Елеонора Чернобог до мене, преморен, преплашен и со згрчени мускули во стомакот. Она што го видов беше вистина, а сега среде бел ден требаше да ја извадам од кола, и згора на тоа да ја внесам во куќата на баба ми.

Само нешто неразговетно ќе промрмореше кога и да се обидев да ја разбудам.

Влегов во дворчето и тргнав кон вратата. Секогаш ѕвонев иако пораснав таму, но тој пат едноставно морав да проверам дали е отклучено. Однатре доаѓаа гласови на повеќемина, се смееја и зборуваа, па кога влегов внатре, никој не ме слушна. Колку пати ѝ зборував на баба ми да се заклучува без оглед дали има гости или е сама, иако околината беше мирна. Мојата градска параноја овде никогаш не беше сфаќана сериозно. Ме плашеше тоа што кај неа јасно гледав рани знаци на деменција.

Најтивко што можев се качив на горниот спрат во собата која некогаш беше моја и фрлив брз поглед внатре. Не бев дојден во таа куќа можеби еден месец. Никогаш не обрнував внимание на деталите и мебелот, но тогаш ми падна во очи оној стар железен кревет кој сега стоеше во мојата соба, а порано долу во малата гостинска.

На прсти слегов и видов дека малото друштво на баба ми немаше абер од прекинуање на озборувачкиот транс залиен со кафе и колачиња.

Тивко излегов надвор. Нора не се будеше колку и да ја викнав и тресев. Ја кренав на раце, молејќи се никој да не ме види. Ја легнав на креветот и таа само се стутка како клопче. Ја покрив и клекнав крај креветот.

Џабе. Колку и да ја викав, таа само нешто ќе прорммореше. Си помислив – ова е исто како со антипсихотикот, а потоа се сетив дека тоа не било пред години, туку едвај пред една недела. Имав чувство како тој живот да ми имаше завршено пред половина век.

Едвај разбирлио ми рече да ја оставам да спие.

Нозете на Нора секогаш интуитивно го наоѓаа патот до некој рид, покрив од зграда, карпа над езеро или река. Ќе седнеа така во близина на луѓе, а сепак подалеку од нив и ќе ја гледаа целата слика пред себе.

И Јан во тие мигови успеваше да сфати што значеа зборовите на Нора. Што значи да се види сѐ oдеднаш. Нора беше на повисоко место дури и кога беше на дното.

„Меѓу нас и нема некоја разлика,“ еднаш му рече додека седеа во паркот на тврдината над градот. Под нив огромната река мирно течеше, влечејки по неколку бродови со себе. Колите лазеа преку мостовите, а ветерот горе беше уште посвеж. „И јас и ти гледаме во туѓите умови. Кој порано, кој подоцна. Ти своеволно сакаш да влезеш таму за да ги излечиш. Јас гледам и кога не сакам и не можам да излечам.“

Јан се насмеа и кимна со главата. Ѝ го бакна врвот од носот, а потоа и усните, па си ја положи главата во нејзиниот скут. Нора му минуваше со прстите преку контурите на лицето, гледајќи некаде далеку, преку градот, кај што на небото се гледаше слевањето на портокаловото во розово, розовото во бело, белото во бледо виолетово, а тоа најпосле во модро.

Тој пастелен прелив се рефлектираше овде горе, во камењата, тревникот, патеките, во нивните блузи, и во лицето на Нора.

„Мозаик си од сите претци и нивните гени. Колкав пат си изодел, колку луѓе, за тебе непознати сега, се споиле, колку судбини се измениле, колку планови и надежи пропаднале без тие луѓе и да знаат зошто, само за ти да се родиш.“

Јан почна да се тресе, но не беше тоа од ветерот. Колку книги имаше прочитано, со колку умни луѓе имаше разговарано, години и години минати по универзитети, и сега една ваква мисла да го расече како хартија кожа.

Ѝ ја фати раката и ѝ ги бакна прстите.

„Кога бев мала, ќе си го допрев папокот и си замислував како ги допирам сите мајки што сум ги имала. Ќе ги затворев очите и само ми се прикажуваше еден конец што светка како да е златен. Беше долг до недоглед, а јас на него можев да ги видам само мајка ми и баба ми. Потоа ќе заспиев. Која е првата мајка, Јан?“

Иако погледот ѝ луташе преку засводените куполи на големите цркви, зашилените камбанарии и покривите од зградите, реката и бродовите кои пловеа по неа, сепак таа нежно мина со врвовите од прстите преку очите на Јан. Можеби сакаше да се увери, а можеби и знаеше дека има солзи, па ги избриша.

„Знаеш ли дека си првиот психијатар пред кого имам плачено? Мислам дека дури и во азилиумот не плачев пред нив.“

Јан се заврте на страна, вртејќи го лицето кон нејзиниот стомак, завиткувајќи ги рацете околу нејзината половина.

„Мора да сум многу посебен тогаш.“

„Ха! Сигурно,“ трагите на отпорот беа присутни, како стара навика, но Јан тоа го сметаше за симпатично. Најпосле нејзините саркастични дофрлувања беа од милост.

„Знаеше ли дека јас и ти ќе дојдеме до овде?“

„Баш сѐ мора да знаеш докторе Леви?“

И колку и да настојуваше, таа секогаш ќе ја сменеше темата, или засрамено ќе се закикотеше, или ќе го штипнеше силно, па ќе го бакнеше за да му помине.

„Ништо не знам, не сум знаела и нема да знам. Подобро да не знам, подобро да не отворам таму, за да не ме зароби мислата и да видам нешто што не треба.“

Јан се исправи од нејзиниот скут. Градот долу веќе се имаше претворено во илјадници светилки.  Во темнината која полека ја голтна и тврдината над градот, повеќе не се гледаа силуетите на Јан Леви и Нора Чернобог.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *