Расказ од Живко Грозданоски.
„Господа…“ – тивко, и со колку несигурен, толку свечен тон на гласот, генералот Јосиф Габер го прекина џагорот кој се беше создал во салата за состаноци во Воената Академија. „Мислам дека е крајно време повторно да поразговараме за споменикот на порцеланската бригада.“
По овие зборови, широката просторија ја преплави беспрекорна тишина.
Откако хаосот на војната стивна, а сета прашина која се создаде, се спушти, над измачената земја единствено останаа да лебдат едни невидливи, а сепак тешки облаци од тапа болка и чудна радост кои испаруваа од душите на преживеаните. Новата власт, откако на народот му подели ќебиња и конзерви, почна посветено да работи на приближување на светлата иднина кон сивата сегашност. На тој пат, секако, власта не заборави да погледне и наназад, и да се сети на оние што од своите животи направија недопирливи мостови преку кои посреќните зачекорија на брегот на сегашноста. Така, низ земјата никнаа бројни величествени споменици кои останаа да го чуваат сеќавањето за блескавата храброст на несреќно исчезнатите.
Но, генералот Јосиф Габер, кој беше на чело на петчлениот Комитет за проверка и потврда на заслуги, не беше задоволен. Неговите заложби, секако, беа непроценливи – неговиот ентузијазам сè да се провери, сè да се забележи доведе до создавање на велелепни дела кои ја облагородуваа земјата, но… нешто сепак недостасуваше.
Споменикот на порцеланската бригада.
Порцеланската бригада беше една… неопислива група доброволци кои веднаш по почетокот на војната се собраа од сите делови на земјата и се обединија во една воена единица. Она по што оваа бригада најдобро се одликуваше беше тоа што, кога и да се тргнуваше во поход, таа тешко соработуваше со другите сојузнички единици. Генерал-штабот уредно ги доставуваше командите, но, порцеланската бригада, откако ќе ги примеше, поради Бог знае какви збрки, никогаш не се држеше до планираното. Сепак, тоа воопшто не влијаеше на придонесот кој оваа чудна формација го имаше во војната: голем број борци од порцеланската бригада беа одговорни за извршување на најчудесните подвизи, а нивните акции редовно беа изненадување како за непријателот, така и за сојузниците. Во крајна линија, сосема е јасно дека без оваа бригада, сојузниците ќе имаа многу поголеми загуби, а војната ќе траеше многу подолго… Бригадата ја нарекоа „порцеланска“ не само затоа што беше несвојствена за нашите краишта (а за кои краишта беше својствена таа гротескна групација, побогу?) туку пред сè затоа што сите нејзини членови загинаа на најчудни, и на некој начин нежни начини, и тоа кога војната беше речиси завршена, а победата извојувана: еден од нив падна од велосипед, две девојки се удавија во река, неколкумина се отруја со печурки, еден загина во пијан двобој, една си ги пресече вените поради невозвратената љубов од соборецот…
Беспрекорната тишина во салата за состаноци ја прекина полковникот Матеј Патина, еден пристар човек со густи бели мустаќи и добродушен израз на лицето. Се искашла неколку пати и, гестикулирајќи немирно со едната рака, почна да зборува, гледајќи збунето де во генералот Габер, де во останатите тројца.
„Генерале Габер… хм… навистина мислам дека, после сè, нема потреба уште еднаш да се отвора тоа прашање, мислам, се покажа како крајно неуспешна таа… мисија, така да ја наречеме, и, ете – невозможно е да се постигне договор, да, за подигнување споменик на порцеланската бригада…“
Штом полковникот Патина заврши со своето пелтечење, останатите ветерани побрзаа да се согласат, брзо климајќи со главите, очигледно со надеж дека дискусијата ќе заврши тука.
Но, генералот Габер, кој очекуваше таков одговор, само нишна смирено со главата, и продолжи да зборува.
„Господа… Уште од самиот почеток знаев дека тешко ќе оди со нив. Затоа тие беа ставени како последна точка од Програмата…“
„…која заврши пред година и пол…“, дрско му се вовлече во исказот капетанот Стефан Медар, едно штрклесто човече со испакнати очи и раздразлив глас.
„Да“, го подигна тонот генералот Габер, „Програмата за проверка и потврда за заслуги заврши пред година и пол, но факт е дека сè уште немаме споменик на порцеланската бригада!“
„….ниту пак ќе имаме…“, помирено воздивна потполковникот Јон Гало, и со малото прсте си ги поднамести очилата.
Во салата за состаноци одново завладеа тишина.
Кога рече дека после сè не треба да се отвора темата за споменик на порцеланската бригада, полковникот Патина на ум имаше многу работи. Најпрво, мислеше на сите неуспешни состаноци одржани на таа тема, на кои тие од Комитетот не можеа да се договорат за цел список прашања: прво, кој сè спаѓа во порцеланската бригада? (Ова прашање стана горливо особено откако се дозна дека голем број од борците биле таму не од патриотски причини, туку затоа што наводно „ја барале смислата на животот“, или затоа што не можеле повеќе да живеат дома, или затоа што чуле дека во бригадата ќе има и девојки, и така натаму…); потоа, кој бил водачот на бригадата? (на крај излезе дека сите војници примале наредби, но којзнае како, и дали воопшто ги распределувале); потоа, како да се уреди списокот на заслуги? (позаслужен е оној кој се инфилтрирал во кампот на непријателот, или оној кој не фатил пушка в рака, а катаден пишувал писма до соборците, и така им ја враќал храброста и упорноста?); и, најпосле, каде да се постави споменикот? (Воените ветерани од Комитетот жестоко се расправаа околу потеклото и припадноста на борците.)
Но, освен на неуспешните состаноци, она после сè кое го изговори полковникот Патина сигурно се однесуваше и на хаосот што настана кога требаше да се одбере уметникот кој ќе ја изработи скулптурата.
„Генерале Габер, бесполезно е. Очигледно, проблемот не е кај нас“, со смирен, засипнат глас почна да образложува мајорот Емил Јарик. „Ние, некако излеговме на крај, но, оние скулптори едноставно не можат да се договорат. Просто неверојатно: ние назначуваме еден од нив да ја прави скулптурата, а тој не сака. Назначуваме друг, а него пак другите скулптори не го сакаат. Тој се откажува, па прифаќаме трет, по нивен предлог…“
„…но, не едногласен предлог, мајоре…“, повторно упадна капетанот Медар.
„…во ред, не едногласен, но сепак нивен“, продолжи мајорот Јарик. „…и, откако тој скулптор најпосле ја образложи својата замисла, оние другите ќе го линчуваа! Просто неверојатно: како е можно тоа, сите скулптори да се толку лично засегнати од приказната за оваа порцеланска бригада?!“
„Ви се молам, мајоре!“, неочекувано избувна полковникот Патина, „Вие ли ќе зборувате за лична засегнатост?! Со потполковникот Гало дознавме дека планирате да градите хотел на Бел Камен. Затоа ли инсистиравте таму да биде споменикот?“
Мајорот Јарик за миг пребледе. „Но… тоа, тоа не е ништо. А вие, вие Патина, со вашите родољубиви заложби да го поставите соселанецот Левин за водач на бригадата? Или самиот потполковник Гало, кој се обиде…“
„Јас молчам, ве молам да не ме мешате.“, воздивна повторно потполковникот Јон Гало.
„Луѓе, ве молам!“, подвикна генералот Габер. „Го свикав состаноков затоа што верувам дека имам решение.“
Четворицата воени ветерани наеднаш се стишија. Сега нивните очи, полни исчекување, беа свртени кон генералот Габер.
„А, што велите…“, продолжи генералот, „ние да ја нацртаме статуата, а некој од скулпторите да ја изработи? И, имам предлог: скулптурата да биде нешто околу кое сите сме помалку или повеќе согласни…“
Останатите четворица на тркалезната маса прашално зјапаа во генералот.
„Жена!“, рече генералот, а останатите четворица во истиот миг експлодираа во викотница, мафтање со раце, смеа и кашлање, тропање и пцовки…
Генералот Јосиф Габер само воздивна и се фати за челото. Што ѝ требаше на оваа порцеланска бригада да се појави? Колку само помирни ќе им беа животите без неа… Но, ете, таа се случи, и исчезна, а зад себе остави чудесни дела и приказни. Па, најпосле, нели би било фер една таква благородна појава да има свој паметник?
Си ја наведна главата и погледна кон џебот. Оттаму, скришно извади едно ливче хартија со назабени рабови на кое имаше краток, неразбирлив потпис, и датум, од војната. А од другата страна пак, фотографија – портрет на една прекрасна, насмеана девојка, со беретка на главата.
„Ќе го направам тој споменик, па макар ми било тоа последното нешто во животот“, си помисли генералот.