Заследи ме (извадок)

Извадок од романот „Заследи ме“ на Јордан Коцевски.

5

„Дивна?“, праша Марина не очекувајќи одговор и погледна кон влезот.

Таму ја пречека совршена насмевка, онаа што е доволно долга да ги истакне цртите на полните усни, а доволно куса ‒ да биде препознаена како насмевка и поглед што продира низ оној што ќе го пресретне. Како сите да престанаа да дишат до моментот кога Дивна го направи првиот чекор. Луѓето го задржуваа погледот на неа и откако ќе ги одминеше, а нејзината насмевка кажуваше дека е свесна за тоа. Начинот на кој чекореше и ставот на нејзиното тело ги тераше луѓето да ѝ се тргнат од патот без тоа да го побара од нив. Нејзиниот поглед бараше почит од секој што ќе ѝ се најдеше на патот и…

О не, доаѓа кај нас. Марина се сврте кон Димитар и Нина и ги праша:

„Кој ја покани неа?“

„Женска, што мислиш како добивме локал во Дебар Маало во сабота навечер?“, ѝ одговори Димитар.

„Таа го обезбеди?“

„И организира речиси сè“, одговори Нина.

Марина погледна кон Дивна. Фустанот што го носеше беше доволно долг да биде на границата на вулгарен. На таквиот впечаток се надоврзуваше фактот што целиот беше со ситни, провидни дупки. А, сепак, нејзе ѝ стоеше совршено, што уште повеќе ја иритираше Марина.

„Добро, нејзиниот изглед нема да го коментирате? Мене ми изгледа евтино.“

„Мацо, знам дека си ѝ лута за вчера, но мора да признаеш дека совршено ѝ прилега“, рече Нина.

„Види само како ѝ ги истакнува облините и го свртува вниманието од нејзините не толку впечатливи гради. И тоа што носи црно боди под фустанот го прави да не изгледа безобразно провокативен. Иако, и да покажеше повеќе кожа, мислам дека повеќето машки немаше да се налутат.“

„И косата ѝ изгледа феноменално, можеби и поради пурпурниот фустан уште повеќе доаѓа до израз.“

„А, што бара на нашата маса? Нели ти го правеше распоредот?“, Марина ѝ се обрати на Нина.

Нина ја погледна со половична насмевка пред да ѝ одговори:

„Прво, сепак, сите овде сме во најмала рака пријатели. Второ, доволно е да нè ‘тагне’ на едно нејзино ‘стори’ за да скокнеме за некое стотче.“

Марина ја прекори со поглед, иако знаеше дека Нина најверојатно е во право. Немаше време да го направи тоа вербално бидејќи го слушна препознатливото тегнење на самогласките:

„Јао, што сте сите лепи! Нарочито ти Дими. Тоа е убитачна комбинација!“

„Фала, Дивна!“

„Нина, си одбрала совршена маса“, се сврте зад неа и покажа со раката. „Све се гледа!“

Нина се насмевна.

„Марина, твојата објава вчера, беше трогателна. Знаеш со зборови.“

„Фала“, врати Марина и помисли колку само има вежбано Дивна за да зборува на литературен македонски јазик на видеото што го објави. Понекогаш се прашуваше која е вистинската Дивна, дали таа што е со нив или онаа пред камерата.

„А, и вампирчето е тука. Андреа, срце, што си потонала во ќошот? Излези да те видим!“

Андреа се исправи. Марина се запраша зошто таквиот прекар не ја навредува Андреа и дали молчи само затоа што Дивна е помоќен инфлуенсер од неа. Кога подобро размисли, прекарот делумно ѝ прилегаше на Андреа затоа што таа секогаш се криеше и беше повлечена кога беа во група.

„Такоооо! Ти си најслатка од сите нас!“ Ја остави чантичката на масата и го извади телефонот. „Ајде један селфи додека сме сите трезни и лепи!“

Марина ја погледна Нина, а таа се поднасмевна.

„И немој много да се смеете. Ипак, ова е опроштајна забава.“

Супер, и така не ми е до смеење, помисли Марина.

„Нина, оди мало повеќе на лево, да јас бидам на средина. Совршено.“ Клик. „Од прва, совршени људи, совршена фотка! Само да вас ‘тагнем’, и додам ‘хаштаг’ purple.dandelion, ‘хаштаг’ missyou!“

Марина ги стисна усните кога слушна каков хаштаг ќе употреби Дивна. Зарем ќе продолжи со ова, да ја користи за популарност. Сигурно по некој ден ќе објави некоја слика и ќе вметне дека е тажна за другарка ѝ и ќе го искористи нејзиниот „хаштаг“. До кога мисли да продолжи вака?

„Објавено. Што пиеме?“, праша Дивна покажувајќи кон шејкерот што беше на масата.

„Пурпурно камиказе“, ѝ одговори Димитар додека Нина го бараше келнерот. „После кој што сака.“

„Може.“

Нина подигна една од чашките на масата, го симболизира бројот еден со показалецот и покажа на чашката. Димитар ѝ сигнализираше со раката на Дивна да дојде до него.

„Марина, читала сам твоја објава вчера. Мора да ти било много тешко. Ти беше најблиска со неа од сите нас овде.“

Притисокот од усните на Марина, како да ѝ се пренесе на нејзината десна дланка и несвесно ја стегна во тупаница.

„Да. Погребот беше тажен.“ Нека дознае дека јас бев таму, додека таа се занесуваше. „Нејзините родители, татко ѝ посебно, не престанаа со плачење.“

„Тажно беше.“

Сериозно? Ќе продолжиш да глумиш дека беше таму?

„Затоа и ја организирав оваа забава. Она не би сакала такво испраќање.“

Од каде знаеш ти? Да не ти кажа? Ана не можеше да те смисли, помисли Марина, а гласно изговори:

„Мислиш?“ Ги почувствува ноктите на внатрешноста од десната дланка и го олабави малку притисокот на тупаницата.

„Знам, душо. Ние бевме пријателици долго пред…“ Дивна направи пауза барајќи го вистинскиот збор и продолжи без да го најде. „Се знаеме од студентски дани, уште од прва година бевме другарки.“

Информацијата за долгото познанство на Ана и Дивна ја збуни Марина. Кога ги запозна, антагонизмот меѓу нив беше во подем и таа претпостави дека отсекогаш било така, затоа не ни помисли дека некогаш биле другарки.

„Она секогаш беше ведра особа, енергична, полна со живот. Не би желела да ја паметиме као некој што заврши трагично.“

Марина забележа како Нина и Димитар ги занишаа главите потврдно, а не ѝ се веруваше дека и таа го прави истото. Сепак, дланката ѝ остана во тупаница.

„Затоа ги поканив сите инфлуенсери, а они кои ја знаеја ќе можат да кажат збор-два пред сите нас.“

За момент помислив дека искрено го правиш ова за неа. Но не, мора да го свртиш вниманието кон себе. Ќе излезеш пред микрофон, ќе се снимаш, ќе поплачеш, ќе се пофалиш дека си организирала сè…

Келнерот ја остави чашката на масата. Димитар почна да им сипува пијалак почнувајќи од чашката на Дивна.

„Јао, баш си кавалер!“

Димитар само се насмевна. Кога стигна до чашата на Марина, ја праша со поглед. Марина погледна во чашата, во Дивна, па во Дими и му потврди дека сака.

„На екс!“, рече Дивна. Ја крена чашата и додаде, „За Ана!“

Останатите го следеа нејзиното водство.

„Дечко!“, викна Дивна по келнерот. „Уште една тура од…“, погледна кон Димитар.

„Пурпурно камиказе.“

„Пурпурно камиказе. Оваа тура она части“, покажа кон Марина.

Марина ја повлече главата како некој да ѝ удрил шлаканица, трепна неколку пати, се насмевна и праша: „Зошто јас?“

Дивна погледна во Марина, а потоа и во другите. Што и да бараше на нивните лица не го пронајде, па реши да објасни:

„Извини, мислев дека им имаш кажано добрата вест.“

Иако продолжи да гледа во Дивна, Марина почувствува како трите пара очи го свртија вниманието од Дивна кон неа. Можеше да ја почувствува тежината од потребата за објаснување. Иако не беше сигурна за која добра вест зборува Дивна, претпоставуваше.

„На што мислиш?“  

„Знаеш… Нели те контактираа?“

Знам, но од каде знаеш ти кога никому не сум кажала. Дури ни на Ерџан. Марина длабоко зеде воздух, не затоа што ќе зборуваше гласно за останатите на сепарето да ја слушнат, колку што тоа и помагаше да ја контролира лутината да не исплива во нејзиниот глас. За жал, не можеше да ја контролира раката со која го имаше зграпчено работ од масата.

„Друштво“, ги погледна сите насмеана и продолжи, „денес ме контактираа од ‘Виталајн’.“

„Озбилно?“, рече Нина возбудено, чекајќи потврда од неа. Кога Марина потврди Нина додаде: „Ти вистина си била за честење, мацо.“

„Ваква вест бара виски“, рече Димитар. „Не грижи се, нема да нарачам од најскапото.“

„Само ме контактираа, не сме се договориле ништо…“

„Не беа тие спонзорот на Ана?“

Настана момент на тишина веднаш по прашањето на Андреа. Иако немаше никаква осуда во нејзиниот глас, Марина се почувствува непријатно.

„Да, нели останаа без претставник на социјалните мрежи. И ете…“

„Твоја среча, лепото“, ја прекина Дивна. „Мене не ми било судено. Ана ми ги зеде пред нос, така се скаравме. Очигледно не било до неа, тие едноставно не сакале да работат со мене.“

На Марина не ѝ се веруваше колку успешно Дивна ја стави во непријатна ситуација, за потоа да глуми нејзин спасител. Лутината продолжи да ја излева преку нејзината рака, до степен до кој почнуваше да се тресе.

„Се прашувам тогаш како ‘Виталајн’ успеале да ве скараат со Ана.“

Димитар толку силно ги ококори очите што Марина помисли дека белката ќе му го проголта ирисот. Тоа не ѝ пречеше да ја продолжи провокацијата.

„Знаеш, Ана никогаш не ми го спомна тоа. Според неа ти беше виновна за вашето непријателство.“

„Ха, тоа звучи баш као Ана. Она се убедила себе да ја сам крива, што можеби је и во право, зато што ја сам престала да разговарам со неа. Но имав добар разлог, имав план како да приступим ‘Виталајн’ за спонзорство, програма која ќе им понудам и питала сам Ана за мислење. Она је пошла код нив пред мене и добила је спонзорство.“

„Не верувам, Ана никогаш не би направила такво нешто.“

„Не сакам да одам во детали, јер ово је забава за неа и не сакам да ругам нејзин спомен.“

„Како сакаш да ти верувам по она што го објави вчера? Па ти не се ни појави на погребот, а си дошла на гробишта само за да се снимаш!“

„Нема што да ти објашњавам, лепото. Шта је моја снимка другачија него она што го направи ти? Ја сам барем поменула Ану и направила објава за неа.“

„Јас…“, пред да продолжи да зборува се сети на погледот што ѝ го упати Ерџан, на комплиментите, на нереченото „но“ и промената на тема. Зарем и тој мисли дека сум лицемерна?

Посегна по чашата пред неа. Ја подигна и рече „За Ана!“ Планираше да ја испразни целата, кога го здогледа келнерот и ја тргна од усните за да го повика. Кога келнерот пристигна, му се обрати на Димитар:

„Дими, мислам дека сакаше виски. Ајде, јас честам.“

„Су-пер. ‘Gentleman Jack’.“

„Друг некој за виски?“, праша Марина.

„Јас!“, се јави Нина додека Дивна ја подигна само раката.

Елегантно, помисли Марина и се сврти кон Андреа. Таа ја заниша главата.

„Дечко, донеси цело шише виски и четири чаши.“

„Тоооо, женска“, рече Димитар насмеан.

Андреа дискретно ја допре Марина за рака . Марина ја стресе раката, се сврти кон неа и тивко ѝ рече: „Остави ме.“

„Но ти никогаш не пиеш алко…“

„Вечерва пијам.“

6

Само што го вдиша свежиот воздух пред кафулето, мислите ѝ се избистрија. Марина почувствува како ѝ се враќа контролата на нејзините движења, што неодамна ѝ беше одземена од алкохолот.

„Женска, сакаш да те испратиме?“, ја праша Димитар.

„Можам сама.“

„Мацо, сигурна си?“, праша Нина. „Едвај излезе, а имаш уште најмалку дваесет минути пешачење.“

„Можам.“ Ако можеш, зошто одговараш со кратки реченици.

„Како сакаш. Чао!“

Ја крена раката да им мавне. Зошто е олку тешка? Ха, остава трага кога се движи. Почека нејзините пријатели да се оддалечат и погледна во нозете. Од непозната причина и за неа, тоа што ја подигна левата нога ѝ беше забавно и се насмеа. Успешно ја спушти пред неа. Супер. Погледот го насочи пред себе.

„Одиме.“ Се обиде да ја помести десната нога, но во моментот кога ја крена нејзиното тело тргна напред повеќе отколку што сакаше. Главата како да ѝ беше претешка за нејзините рамена и го повлекуваше целото тело надолу. Брзо направи чекор со другата нога. Кога виде дека телото сè уште ѝ е побрзо од нозете, направи уште еден чекор напред во обид да го стигне. Чувствувајќи се поблиску до тротоарот, кој сега се вртеше, ја испружи левата рака некаде, надевајќи се дека ќе се фати за нешто.

Почувствува нешто под левото рамо. Тротоарот почна да се оддалечува. Не. Таа се исправаше наместо да паѓа. 

„Добро си?“

Некој ѝ се обраќаше. Најверојатно причината поради која не падна. Не беше сигурна дали усната ѝ се истегна во насмевка или ѝ се искриви во гримаса пред да му рече „Да.“ Сакаше и вербално да му се заблагодари, но подигнат палец од двете раце изгледаше како поедноставна варијанта со оглед на грчот во стомакот. Не можеше јасно да го види човекот пред неа. Сè се вртеше, или можеби телото ѝ се нишаше, не беше сигурна. Почека дрвото пред неа да престане да се движи.

Добро. Овој пат не ја направи грешката да верува дека е отрезнета. Ги насочи сите мисли во контролирањето на нејзините нозе. Еј, одам. Полека. Не брзај. Чекорите што ги правеше беа мали, но доволно големи за да ја почувствува болката во главата при секое спуштање на стапалото. Состојбата со стомакот ѝ се влошуваше. Очекуваше свежиот воздух да го поправи тоа, напротив секој ладен здив што се движеше низ нејзиното тело како да ѝ го сечеше стомакот.

Добро како им успева на Димитар и Нина. Со секој чекор се чувствуваше како некој да ѝ чука по главата. Како само пред секунда беше среќна и заборави сè. Играв? На подиум, на која песна играв… Звукот од чекорите одекнуваше во нејзиниот череп, „тап, тааап, тааап…“. Не можеше да размислува. Играв со некого. Кој? Магла ги исполни нејзините мисли во обид да го повика ликот на машкото што танцуваше со неа. „Тап, тааап, тааап…“ Ја стави раката на стомакот. Се насмеа. Се испијанив… „Тап, тааап, тааап…“ Зошто пиев?

Левата нога ја постави подесно отколку што очекуваше и за миг изгуби рамнотежа. Брзо ја помести десната нога и телото напред. Кога се почувствува дека паѓа, веднаш го повлече телото во исправена положба. Од наглото движење толку ѝ се слоши што не можеше да ги држи очите отворени. Притисокот на дијафрагмата врз желудникот порасна. Дури и со затворени очи продолжи да ѝ се врти. Во главата ѝ ечеше бескрајно „тап“. Стомакот се подготвуваше да експлодира. Знаеше дека нема бегање од тоа што следува. Ја постави дланката помеѓу градите и стомакот, со другата ја придржи косата и се свитка. Грлото ја гореше додека алкохолот брзаше да излезе од неа.

Среќа што немам многу долга коса, помисли и ако течноста не излетуваше од нејзината уста, најверојатно и ќе се насмееше. Помисли дека звучи како крава, откако го направи вториот звук со кој го испразни желудникот целосно. Така барем мислеше сè до моментот кога се исправи и знаеше дека има уште течност што се бореше да биде исфрлена од нејзиниот организам. Сега сигурно беше празен. Гледаше на тротоарот ,штобеше обоен со светлолилава боја. Погледна во чевлите. Немаше ништо на нив. Се почувствува горда, а веднаш потоа образите ѝ поцрвенија. Полека се заврти околу неа. Улицата беше празна.

Добро. Почна да чекори. Стомакот не ја болеше. Нозете, иако со поголем напор, ги движеше нормално. Сè уште ѝ се вртеше, но не како претходно. Можеше доволно долго да остане сконцентрирана на улицата пред неа и да се движи.

Можеби ќе успеам да стасам дома и без такси. Но главоболката беше тука. Звукот од чекорите како да удираше по нејзината глава. Очигледно проблемите не можат де се измијат со алкохол. Ги постави двете раце на слепоочниците и се обиде да ги масира. Тоа во комбинацијата со одењето беа активности што не можеше да ги координира најдобро. Застана и повторно се обиде.

Ти си крив Ерџан, знаеш?Показалецот и средниот прст од двете дланки успешно започнаа кружно движење. Чеканот од чекорите продолжи да удира. Не сум лицемерна. Објавата не беше за поенчиња. Притисна со прстите посилно. Тоа ми е работа. Уште еден чекор одекна во нејзината глава. Не сум како… „Тап.“

Наеднаш ги спушти рацете. Двете ѝ виснаа покрај телото. Длабоко зеде воздух. Зениците полека ѝ патуваа надесно. Кога ја достигнаа најдалечната десна точка, полека почна да ја врти главата во истиот правец. Дрво од спротивната страна и два паркирани автомобила. Уште едно дрво. Улицата без луѓе. Дрворедот на нејзината страна од тротоарот. Немаше никој.

Зеде воздух и брзо го испушти. Тоа што немаше никој требаше да ја смири, а сепак, ја вознемири повеќе. Зашто ако немаше никој околу неа, од каде доаѓаа чекорите. Алкохолот? Може ли да има вакво дејство?Остана така уште неколку секунди шетајќи со погледот низ просторот зад неа. Можам ли да му верувам на тоа што го слушам или гледам?Воздивна.

Не пијам веќе, си вети одлучувајќи дека нејзината фантазија и пијанството решиле да си поиграат со неа. Продолжи понатаму, кон „Партизанска“, каде што реши да најде и да влезе во такси. Чекорите одеднаш ѝ беа лесни. Тивки. Мислите гласни. Ѝ велеа да побрза, а не можеше. Не дека не се обиде, едноставно сè беше сложено во моментот. Зениците повремено ѝ патуваа на краевите од очите, до степен до кој почнуваше да ја болат. Застана.

„Тап, тааап.“

Ехото од чекори, сигурно не беше од нејзините. Не се осмелуваше повторно да се сврти зад себе. Се трудеше да го контролира дишењето. Замижа и одлучи што ќе направи. Ги отвори очите и почна да трча. Првиот чекор го направи несмасно, вториот продолжи со тетеравење, но од третиот натаму веќе трчаше. Трчаше кон осветлената улица пред неа. Можеше да види како по некој автомобил поминуваше на неа. Се сети дека на вкрстувањето на двете улици има една пекара што работи цела ноќ. Доволно беше да стигне дотаму. Уште малку. Уште само некој чекор.

Излезе на осветлената улица. Охрабрена од пекарата со двајца луѓе во неа, се осмели да застане и да погледне назад. Немаше никој. Ништо. Само нејзината пијана фантазија. Се почувствува трезна и способна да стигне дома на Водно пешки. Малку подалеку од неа здогледа двa паркирани такси автомобила.

А да фатам такси? Да. „Да.“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *