Разработувајќи теми од подалечната и поблиска историја на нашиот народ, авторот на овие раскази сосема навремено одговори на една нарасната потреба на литературниот живот кај нас — да се биде со поразвиена творечка вокација и спрема светот на минатото. Нема ништо поприродно за литературата на еден народ, чија историја низ децении што одмеруваат повеќе од еден век била одрекувана, била насилнички присвојувана и разнострано фалсификувана, од брзиот и плоден развиток на нејзината историска белетристика. Тоа беше и останува една насушна национално-творечка мисија и која е таква не само поради неакви чисто историски скрупули. И минатото е една во секој однос интересна и длабоко возбудлива стварност. Нашето пак минато има и своевидна и разновидна потресна возбудливост, колку со трагичното, толку и со херојското во него. Во одамна одминати настани, кои не еднаш се издигнувале до висината на епопејни феномени, можат да се најдат побуди за поука и за одушевување што се привлечни и за денешникот да се открие незгаснатата импулсивна смисла на беспримерни пројави на масовен или индивидуален хероизам, да се црпи бодрост и самоувереност за надживување на нови мачнотии и на нови испитанија. Спрема значајно остварените збиднувања на минатото постои не само историски, но и неизбежен континуитетен однос. Победничките чинови што ги донесе новото време, преобразувајќи ја низ квалитетно нови револуционерни промени судбината на македонскиот народ, имаат длабоки корени и своја непосредна предисторија во некогашните, со многу крв и многу жртви задушени походи кон слободата.
Со такви инспиративни напори се создадени и расказите на Ѓорѓи Абаџиев. Тој изнесе во нив врвни карактеристичности на борбеност и на докрајна готовност за саможртвен подвиг и кај имените и кај безимените што ја градеа хероиката на размирната илинденска епоха. Зад потресно искажани епизоди и случки на битките со врагот израснува вистината за големиот револуционерен заговор што се проширил по сета македонска земја. И расказите делуваат како возбудливи исечоци од хрониката на едно борбено народно дело. Акцијата зазема предно место во нив, а не би можело и да биде поинаку. Тоа се раскази свртени кон збивања што се остваруваат во пределите на константна револуционерна акционост. Човекот е оцртан во нив низ неговиот непосреден однос кон конкретното вршење на еден херојски акт. Тој ќе се пројави во својата душевност и со нешто обично и едноставно, но обврската кон општото дело не го напушта ни во еден миг. Бројни историски факти го потврдиле тоа кахо чин на една масовна херојска психоза и писателот се вслушува во нивниот автентичен глас без да го следи пристапот на стриктна или сувопарна фактографичност. И кога пишува за историски познати настани, тој настојува да ја даде нивната творечки продуховена инкарнација. Многушто во таа проза изгледа премногу динамично во сижетната поставеносг и разврска, но не треба да се заборава дека и динамичноста на дејствувањето спаѓа во најтипичните одлики на изобразената животна материја. Зарем може да се пишува со некаква смирена наративиост за оние што со задниот куршум ја поентираа со потресна драматска автентичност епопејата на Ножот. И водечката амбиција на раскажувачот Абаџиев се изразува во реалистичното дочарување на една таква животна автентичност, која само по себе носеше една изворна романтика. Романтиката на револуционерната полетност, која знаеше и од обичниот селанец да создаде јунак на подвигог. Но пак овој раскажувач, придржувајќи се кон доминантните внатрешни импулси на прототипската автентичност, успеа да биде и со јасновидливи постигања на психолошка осложнетост. Во прв ред, тоа ќе се забележи во расказите каде се појавува како главен јунак на фабулното дејство самиот предводник на националната револуција — Гоце Делчев. Особено впечатлив е напорот; кон внатрешно портретирање во расказот „Табакерата“, кој и до денес ја задржува својата антологиска ефектност. Во она време, кога македонската проза обилуваше со изразити дилетантски својства, овој расказ отскокнуваше високо со своите целосни творечки дострели. Со многу мерка во оцртувањето на сложениот Гоцев лик и со потегот на психолошка суптилност беа дочарани најсуштествени вистини за човекот што се идентифицираше со врвните обележја на бурната предилинденска епоха. И не само од овој расказ, но и од сите што се објавени во оваа книга, со сигурност се утврдува дека Горѓи Абаџиев и во своите први текстови на македонски јазик се пројави како беспорно талентиран раскажувач, како носигел на специфична интуитивна обдареност за продуховено согледување на некогашното и како верзиран интерпретатор на трајни историски суштини. Тие негови достоинства на историски белетрист по вокација, како и некои неотпорности на таквото негово дебитирање беа аналитично согледани во мојот обемен критички оглед по повод излегувањето на неговата прва прозна книга кај нас „Изгрев“.
Димитар Митрев, извадок од обемниот критички осврт кон делото на Абаџиев