Рецензија на ракописот „Раскази кои немаат намера да бидат тоа“

Јасна КотескаИмам особена чест и посебно задоволство, во својство на рецензент на дебитантскиот ракопис „Раскази кои немаат намера да бидат тоа“ од Андреја Јанковски (дипломец на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, автор на повеќе забележителни раскази и есеи печатени во периодиката, добитник на највисоката награда за студентски есеј што се доделува на Филолошкиот факултет, a во моментов вработен во издавачката куќа „Култура“) пред Министерството за култура на Република Македонија да ја доставам следната оценка за дебитантскиот ракопис од Андреја Јанковски.
Ракописот „Раскази кои немаат намера да бидат тоа“ од Андреја Јанковски е компјутерски преломен текст од 85 страници, во А4 формат, кој се состои од 12 раскази, структурно поделени во два дела: Раскази за љубовта и сескот или сепак за љубовта и Раскази за хуманоста.
Македонскиот расказ изоде вртоглав пат, од фолкорните почетоци во минатите векови, кон една сосема автентична, а фотогенична слика на новата генерација, денес. Авторското перо на Јанковски е носител на таа нова свежина во македонската проза, но нема кај него „лоши навики“, „медиумски протези“, нема тука говор на тривијалната возбуда, тоа се мирни, сталожени, или лирски или жестоки, но за сето време мудри, длабоки и филозофски раскази, кои поставуваат убиствено важни прашања за природата на човековото битие, изолирајќи го Јанковски како сосема автентична и важна појава во македонската книжевност. Нараторот на Јанковски е лик кој ги испитува прашањата на доблестите, страстите, искушенијата, љубопитноста, трпеливоста, разборитоста, расудувањата, владеењето со себеси и со околностите, искуството, судирите, благодарноста. Има кај него многу од старите мајстори на пишаниот збор, големите играчи со приказната, многу чест е мотивот на прозорецот, како некаква рамка за себепроникнувањето, но има и една игривост, загадочност, постмодерна леснотија со која во расказите неочекувано ќе се појави ликот на Достоевски, на пример, или книжевен дијалог од Егзипери, додека за сето време расказите задржуваат една вградена книжевно-теориска самосвест (ќе го препознаете кај него Сосир, Проп, француската школа), но таа теорија не е предтекстот врз кој се калемат расказите, напротив теоријата е вграден код на раскажувачот кој суверено ја владее како теоријата на создавањето раскази, така и практиката.
Расказот како жанр е ограничен, но во таа густина од неколку страници, во вртоглавата близина кон крајот, во расказите на Јанковски може да се случи неколкупати да се смени мизансценот и ликовите што го носат, затоа што еден сведок не е доволен, а двајца сведоци никогаш не се совпаѓаат во својот исказ (како што вели Албахари), оттука кај Јанковски има сведоштво на повеќе гласови, меѓу нив има големи сличности, но докажувајќи ги, тие би ја умножувале дистанцата помеѓу себеси, затоа тие и не бараат да бидат помирени, тие разговараат преку своите различности, на комплексен начин дофаќајќи ја сложената природа на човечкиот дух. Ете тоа мирно, а длабоко проникнување во смислата на светот и човекот е нешто што сосема го издвојува Јанковски како исклучително автентичен глас од новата проза што се создава денес во Македонија.
Сè што досега се изложи како увид во ракописот „Раскази кои немаат намера да бидат тоа“ од Андреја Јанковски ме овластува да соопштам дека се работи за единствена и ретка книга, и со особена чест и посебно задоволство истата да му ја препорачам на Министеството за културата на Република Македонија за финансирање.

Скопје,
08.07.09

проф. д-р Јасна Котеска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *