За романот „9 приказни за госпоѓица Сит“

Фросина Пармаковска

Романот „9 приказни за госпоѓица Сит“ е составен од повеќе пократки целини кои мошне успешно комуницираат во рамките на поголемата целина, на начин на кој што текстовите комуницираат меѓусебно, тие се како множества кои меѓусебно се допираат, имаат заеднички пресеци. Тие заеднички пресеци можат да бидат одредени географски одредници, одредени ликови, одредени настани кои можат да бидат доминанти во една пократка целина, а да се сретнат попатно во друга. Помеѓу секоја целина, има мошне краток текст насловен фуга и неговата функција е токму таа како на фугата, да ги лепи, да ги спојува различните конструкти во една поголема целина.

Но, она што најмногу ги поврзува текстовите во оваа книга, нивниот најголем и најзначаен пресек е мачката – таа се појавува во секој текст за да најави некаков пресврт, да донесе нешто навистина големо во животот на ликовите, таа и има огромно значење во животот кај некои од ликовите. Овде стигнуваме до една можна интерпретеција на овој роман како магичнореалистичен. За потсетувње, магичниот реализам фунционира според формулата на коегзистенција на чудесното, на магичниот елемент со реалноста, значи, магичниот детаљ кој што не може да се објасни според природните законитости, се појавува во реалноста не нарушувајќи го нејзиниот тек, туку адаптирајќи се во неа. За разлика од фантастиката, каде што чудесното неминовно влегува во судир со реалноста, честопати користејќи појави или настани кои што се страшни, бизарни, во магичниот реализам конфликтот не се случува, овие две различни можности, магичната и реалната се помируваат. Условот за да се чита еден текст како магичнореалистичен е безусловно да се верува во чудата, така што, на пример, летечките килими се навистина (со акцент на навистина) летечки и тоа факт кој не се доведува под никаков прашалник, сетилото за мирис на Гренуј во Парфем е навистина магично, или гласот на Оскар во Ламаринениот барабан, мртовците навистина се појавуваат не за да извршат агресија врз реалноста, туку за да испратат некоја порака или, понекогаш, само затоа што тоа е возможно и возможно е да се помине границата меѓу животот и смртта без да се наруши начинот на кој што функционира реалноста.

За да се чита овој текст како магичнореалистичен, потребно е да се поверува во магичните моќи на мачката, мачката самата е магичен детаљ аплициран во реалноста не нарушувајќи го нејзиниот тек, но и негубејќи ги неговите својства. Така, за да се чита текстот на тој начин, треба да поверуваме дека мачката со помош на некои натприродни мистериозни моќи се појавува во снегот, на речиси едно невозможно место за да го спаси еден од женските ликови. Мачката со своите натприродни моќи се појавува под автомобилот за да ги реши прашањата кои што навидум се нерешливи. Мачката, значи, со целата мистериозност што ја носи нејзината појавност, може да го промени курсот, може хаосот да го претвори во ред и може да го преуреди целиот внатрешен свет на ликовите. Мачката комуницира со ликовите, комуницира со читателите, таа влегува и излегува од тесктот, а сепак е секогаш на клучното место каде што се прават пресврти каде што се менува животот, каде што се победува смртта. Како го прави тоа? Не се знае и тоа не се објаснува и токму тоа е и во манирот на магичниот реализам кој не дава објаснување за појавите, тие се просто, тука, такви, и постојат, магичниот реализам не се стреми кон самоекспликација. Но, ќе повторам, за да се отвори едно магичнореалистично читање на текстот, неопходниот предуслов е вербата во чудата, во овој случај, вербата дека мачката ги поседува магичните моќи.

Фросина Пармаковска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *