Читателот во центарот на вниманието

Венко Андоновски е несомнено еден од најчитаните и еден од најзначајните македонски автори на / во Македонија на преминот од XX кон XXI век, и особено во последниве две децении на овој век. Затоа со возбуда кажуваме дека со неговото творештво рамноправно влеговме во европскиот книжевен XXI век.

Возбудливи се бројките. И вечерва на самава промоција на неговиот најнов роман, не би сакала да оперирам со бројки од типот десеттиците илјади примероци на неговите книги, иако тоа е факт. Не сум математичар, ниту статистичар. Ама ме фаќа вртоглавица. Сите нè фаќа вртоглавица. Десеттици илјади продадени примероци! Затоа, со мирно срце, по многу нешта, а секако и по бројот на читатели на неговите книги, може да се каже дека тој ја продолжува линијата на двајцата претходни најчитани и најзначајни македонски раскажувачи, но и негови книжевни татковци: Стале Попов и Петре М. Андреевски.

Згора на сè, тој е и еден е од најизведуваните драмски писатели во последниве дваесет години во Македонија, а од неговото перо имаме околу 20-тина изведени и печатени драми. Неговите претстави секогаш се играат пред преполн салон, секоја одделно со над 50 изведби. Се издвојува „Кандид во земјата на чудата“, која беше на репертоарот на Драмскиот театар цели седум години, со над сто изведби. Неговите претстави со голем успех се поставуваат и играат и на балканските театарски сцени и се закитуваат со брилијантни театарски критики. Негови се сцените во: Белград, Загреб, Сараево, Бања Лука, Софија.

Така што, Андоновски колку што ѝ припаѓа на македонската драматика толку е дел и од балканската и европската драма, која е решена да исполни две радикални и речиси непријатни задачи: да ја шокира т. е. да ја провоцира средината (општествена, културна) и да ја наведе, да ја натера таа митологизирана, наводно монументална, обединета европска средина да се соочи со грдотијата или опачината на сопственото постоење. Ова зрачи од секој негов драмски текст. А дека европската книжевност го препозна Андоновски не само како прозаист (да ги споменеме и оној предговор на Милан Кундера за француското издание на „Вештица“ и позитивните критики во Франција), туку и како драматург, сведочи и наградата на „Еуродрам“ за 2015 година, кога „Кинегонда во Карлаленд“ се најде меѓу пет најдобри драми, заедно со „Демонот од Дебар Маало“ на Горан Стефановски, па беше преведена и објавена на француски јазик. Во тој контекст, тој ја продолжува драмската и театарската приказна што ја започна Војдан Поп Георгиев-Чернодрински токму на прагот на XX век поточно во 1900-тата и се надоврзува на онаа на Горан Стефановски.

И чувствувам како со нетрпение го чекате моментот кога Винка Саздова и Игор Џамбазов ќе го поведат разговорот со Венко Андоновски по повод неговиот најнов роман „Папокот на светлината“, а потоа и она што следува, да се има и најновата книга и згора на сè потпис од авторот за спомен на овој момент. И јас го чекам тој момент… Но, дозволете само уште малку да ја подотворам вратата на домот што се вика „Папокот на светлината“ со тоа што ќе потсетам на некои работи.

„Папокот на светлината“ излегува во годината кога се навршуваат точно 30 години од збирката раскази „Фрески и гротески“ (1992), за која Андоновски ја доби и престижната Рацинова награда. Од тука, од оваа збирка, тој го започна своето патување и испишување на приказните. И на тоа патување се движеше трпеливо, упорно, како оние тврдоглави на Славко Јаневски кои тргнаа од Кукулино и одеа сè до Лесново и назад повторно до Кукулино за да донесат воденички камења за своите воденици-храмови. А Андоновски своите камења-зборови ги редеше и подредуваше и ја јакнеше својата пасија за големите нарации. Десетте фрески од оваа збирка, кои авторот ги открил во пештерите на својата свест, се исполнети со оној општ, мрачен, застрашувачки тон на гротескниот свет со нагласка на моментот на отуѓувањето. Неколку од фреските се сериозно оштетени. Оштетените, т. е. празни места, се објаснети и реконструирани во одделот „Реставрации“. Тие празнини, сфатени како можност за комуникација меѓу поколенијата, се истовремено слики на постоечкиот свет што се руши за да се препороди и обнови. Тие празнини ги преживува целиот/целосниот човек, и со мисла, и со душа, и со тело.

Така на приказните-фрески се надоврза неговата возбуда за нашата „Азбука за непослушните“. Во текстот „Непослушната прозна азбука на Венко Андоновски“, Данило Коцевски овој роман го сопостави во паралела со онаа проза која ја пишуваат Милорад Павиќ, особено во својот „Хазарски речник“, или Данило Киш во „Енциклопедија на мртвите“ или Умберто Еко, кој на сличен начин со Андоновски го актуализира средновековието низ модерни техники и методи. Во оваа низа на споредби треба да се спомене уште еден голем наслов од јужнословенските литератури и култури, а тоа е „Источниот диван“ (1989) од Џевад Карахасан. Зашто, како и во „Хазарски речник“ (1984), каде дејството е врзано со средновековното минато и каде хибридно наративната варијанта заради функционализација на историскиот и научниот дискурс се темели врз мотивот за изгубениот хазарски народ преку обработка на документирани пишани извори од христијанската, исламската и еврејската провиниенција, и романот на Карахасан се врзува со средновековието, но на арапско-персискиот свет. Така, на српската и на босанската варијанта за вкрстената игра на меморијата и писателската фантазија се надоврзува и оваа македонска, на Венко Андоновски, реализирана во форма на азбука каде зад секоја буква стои приказна. А на ова писателско искуство може да се надоврзе она на хрватската авторка Јасна Хорват во романот „Аз“ (2009), како една темелна приказна за Константин Филозоф и за неговата работа врз графемите на глаголското писмо. Но, романот „Азбука за непослушните“ може да се чита како едно природно продолжение на популарното полемичко слово на Црноризец Храбар „О писменех“, или „За буквите“. Како доминантна тема се развива идејата дека писмените читаат, а неписмените гатаат, поточно дека писмените знаат, а неписмените претпоставуваат. О, Боже колку популарно и во овој наш XXI век! Читањето, т. е. описменувањето ја полни ризницата на личноста. Затоа описменувањето е подвиг. А пишувањето за самото описменување е потврда за вкрстувањето на патиштата на меморијата и на книжевноста во писмото како инструмент на книжевноста кој служи за конзервација, одржување и сочувување на паметењето.

И доаѓаме до „Папокот на светот“. Успехот што го доживеа „Папокот на светот“ личи на вистинска експлозија. Овој роман на Венко Андоновски му донесе дури пет признанија: „Стале Попов“ на ДПМ, „Роман на годината“ на „Утрински весник“ (2000), престижната меѓународна „Балканика“ (2001), руската меѓународна награда „Југра“ за најдобар роман од сите словенски книжевности преведен на руски јазик (2013), и конечно, номинацијата за Толстоевата награда со уште 33 светски писатели, меѓу кои и нобеловци, за 2018 година. И се има впечаток како „Папокот на светот“ да ги допишува и неговиот прв роман „Азбука за непослушните“ и неговата збирка раскази „Фрески и гротески“. А да се потсетиме дека доби и своја драмска/театарска, па и филмска верзија.

Да се пронајде нов начин на читање, да се поведе некоја друга, нова игра со читателот – тоа во прв план го истакнува Андоновски во својата поетика. Читателот ставен во центарот на вниманието е оној кој не е ни пасивен консумент ниту, пак, е надвор од самото дело (од романот/ од приказната), туку е оној кој ја чита книгата, но и оној кој ја составува приказната, кој презема дел од писателовата улога, кој израснува во коавтор, но и во книжевен лик, кој има сосема активна улога спрема другите, останати книжевни ликови. Читателот често е дел од писателовата творечка програма, зашто тој смета на неговите емоции, асоцијации, на неговата имагинација, интелигенција и образование. Науката за литературата води грижа за читателот, особено таа грижа за читателот се засили во XX век, и во тој поглед најрепрезентативните, англо-американската „нова критика“ и германската теорија на рецепцијата, ни ја оставија во наследство плодната идеја за тродимензионалноста на литературното дело.

Тоа значи дека секое дело има димензија на текст, димензија на писател и димензија на читател. А кога Милорад Павиќ вели дека романот е во криза, тој мисли, пред сè, дека е во криза само реалистичкиот роман и дека тој, чувствувајќи го тоа, самиот пронаоѓа излез од таа криза со тоа што се обидува својот роман да го приближи на скулптурата. Сето ова послужи и како работна девиза на „Папокот на светот“. Доколку сакаме да дадеме одговор на реторички поставеното прашање: каде се границите меѓу историјата и фантазијата во „Папокот на светот“, тогаш најдобро ќе биде да се парафразира Ајнштајн: сè што се однесува на стварноста во „Папокот на светот“, измислено е, сè што не се однесува на стварноста, вистина е!

И сосема на крај сакам да ги споменам четворицата писатели кои би можеле да бидат метонимиска замена за четирите ориентации во современата проза, во современиот роман. Се работи за Џојс, Унамуно, Солженицин и Орвел. Андоновски како да зема од сите по нешто и притоа успева да промовира една посебност на своето писмо. Андоновски како еден вид неовизантиец/нововизантиец е голем автор зашто е способен своите византиски извори (па и сесловенски) да ги стави во служба на новите времиња и потреби и да ѝ овозможи на една стара филозофија и една стара книжевност да прозвучат модерно и актуелно на еден нов јазик.

Тоа е (беше) „Папокот на светот“! Што е (ќе биде) „Папокот на светлината“ допрва престои да откриеме.

Весна Мојсова-Чепишевска


Со овој текст се отвори промоцијата на најновиот роман на Венко Андоновски „Папокот на светлината“ (Скопје: ТРИ, 2022) која беше голем книжевен и културен настан за 2022 во Македонија, а се случи во киното „Милениум“ на 1 декември 2022 година со почеток во 19 часот.

Во продолжение, интервју на Иван Антоновски со писателот Венко Андоновски.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *