На 06.04.2022, со почеток од 19.00 h, во галеријата на МКЦ ќе се одржи свечено доделување на наградата ,,Пегаз” за најдобар необјавен роман која ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, со поддршка на Министерството за култура.
Добитник на наградата ,,Пегаз” е романот „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков кој беше прогласен на 25 октомври, 2021 година, според гласање од трочлената жири комисија во состав од: Бисера Бендевска, Фросина Пармаковска и Владимир Мартиновски.
Во потесниот круг за наградата влегоа и романите „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска. Наградата се состои од паричен износ од 90 000 денари и објавување на романот во посебна едиција.
На свеченото доделување, покрај обраќањата на членовите на жири комисијата, ќе биде и промовиран романот-победник од страна на Оливера Ќорвезироска.