На 15 септември, со почеток од 19 часот, во рамките на мултимедијалниот фестивал „АртАреа“, во кафе-книжарницата „Буква“, се одржа промоција на романот „Мина“ од Игор Анѓелков, во издание на Или Или.
За романот зборуваа промоторите Ана Мартиноска и Максим Ристески кои покрај своите критички согледувања, поведоа и дискусија со авторот околу позначајните проблеми и прашања.
„Една од првите дарби на уметникот е да ја види убавината“ – меѓудругото, истакна Ристески кој додаде дека втората дарба е тој (уметникот) да ја претстави убавината во медиумот во кој се изразува и дека, во таа смисла, Анѓелков со овој роман мошне вешто успеал во тоа.
Мартиновска зборуваше за низа аспекти од романот кој, според неа, е потцртување, заокружување на своевидната трилогија која се состои од романот „Шрапнел“, збирката раскази „Двојна експозиција“ и романот „Мина“.
Со вчерашната промоција на романот на Анѓелков, воедно, беше и отворено седмото издание на АртАреа кој ќе се одржува во МКЦ и „Буква“ и ќе понуди богата тридневна програма од мултимедијален карактер. Акцентот на овогодишното издание на АртАреа ќе биде на градот Скопје, по повод 60-годишнината од земјотресот.
Фестивалот го организира издавачката куќа „Бегемот“, а е поддржан од Министерството за култура.
Програмата на АртАреа#7 може да се види на овој линк: https://netpress.com.mk/programa-na-multimedi-alniot-festival-artarea-7/