На 02.10.2020, со почеток во 18.00, во летната бавча на Кинотека Македонија беше промовирана збирката раскази „Во главата слушам песна“ од Елизабета Баковска, во издание на Или Или.
Промотор на книгата беше писателката Калина Малеска, а свое обраќање имаше и авторката која на крајот од промоцијата, го прочита расказот Кафено ќебе. За збирката раскази на Баковска, меѓудругото, Малеска вели: „Кратките раскази (кратки кратки раскази, микрораскази или микрофикција, како што би можеле да се наречат) во збирката Во главата слушам песна (лирски рефрени) – внимателно структурирани, уметнички ефективни и емотивно топли – издвојуваат значајни лични моменти од животот на авторката и откриваат аспекти и односи кои обично се затскриени или чии импликации не се видливи сѐ додека самите раскази не ги откријат нивните потенцијални значења… тие не само што раскажуваат приказна, туку претставуваат и размислување за можните значења на настанот опишан во приказната, кадешто доаѓа до израз емпатијата на авторката и способноста да ја преземе на себе, а со тоа и да ја сфати, перцепцијата на другите.“