Промоција на романот “Молчи со отворена уста” од Снежана Младеновска Анѓелков

На 28 ноември, во 20.00 h, во клуб ресторанот МКЦ, се одржа промоција на вториот роман на Снежана Младеновска Анѓелков, “Молчи со отворена уста”, во издание на Или-Или.

За книгата зборуваа писателките Калина Малеска и Елизабета Баковска, а во рамките на промоцијата имаше и музички настап на Мухамед Ибрахими.

“Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков е роман заснован на вистинска приказна, а во него се внесени записи од реални документи и досиеја, биографија, страници од весник, магнетоскопски запис. Но приказната е и наративно обликувана во структура која сите овие записи од реалноста ги става во контекст на семејниот живот, даден преку перспективата на повеќе наративни гласови, а во чии рамки сите членови – изложени на животните предизвици со кои се соочуваат – страдаат и созреваат”, меѓудругото, истакна Калина Малеска.

Елизабета Баковска, пак, посочи дека “Во едно скорешно интервју, авторката вели дека ова е роман за ‘премолчената историја, семејната и личната, и стравот дека сеќавањата би можеле да избледнеат со годините, а никогаш не би требало да бидат заборавени’. Можеби потребата да се документираат семејните сеќавања, особено оние кои во големата, службена историја ја сместуваат личната, ‘малата’, интимната приказна се должи и на стравот дека ‘она што било заборавено никогаш повеќе не можеме да го вратиме целосно назад’, како што вели Валтер Бенјамин. Или, можеби, во одреден период од животот на секој автор (некаде меѓу предците и потомците), личното (и семејното лично) станува сеопфатната, единствената приказна од која тој не може (или не сака) да побегне. Впрочем, и Снежана оваа книга ја посветила на оној пред себе и на оној по себе, на својот син и на својот татко“.

Снежана Младеновска-Анѓелков е родена 1977 година во Скопје. Дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето “Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа” се стекнува во 2012 година. Има долгогодишно работно искуство на телевизиска монтажа и креативно обликувала преку 500 документарни филмови, репортажи, патеписи…

Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ ја добива наградата „Роман на годината“ на Утрински весник за 2011 година, со што таа стана првиот дебитант кој се закити со оваа најважна прозна награда во Македонија. Книгата во 2012 година доживеа и второ издание, а во 2016 и трето.

Во 2014 година ја објавува и книгата “Слики со животна уверливост”, теориски труд кој не само што го објаснува процесот на филмската монтажа како важен творечки сегмент во аудиовизуелното обликување на документарниот филм преку анализа на делата на Владимир Блажевски, туку се обидува да укаже и на важноста и нужноста од авторски документарни филмови во Македонија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *