Драги Михајловски (1951), Битола, Македонија. Дипломирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрирал на Филолошкиот факултет („Книжевниот лик на Скендербеј кај Прличев и во делата на англиски јазик“), а докторирал исто така во Скопје („Очудување и можни преводни модели врз примери од англиската поезија“). Од 1976 година работи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментов е редовен професор пред пензија на Катедрата за англиски јазик и книжевност по предметот Теорија и практика на преведувањето и толкувањето.
Драги Михајловски е еден од најреномираните македонски писатели и преведувачи. Неговата прва збирка раскази „Речно улиште“ (1981) ја доби наградата за најдобра дебитантска книга на Книжевната младина на Македонија. Во 1990 година излезе од печат неговата многу популарна збирка раскази „Ѓон“, во 1991 книгата есеи и преводи „Нераспнати богови“, а во 1994 година збирката раскази „Скок со стап“ за која ја доби највисоката книжевна награда во Македонија „Рациново признание“. Во 1995 година ја објави многу саканата, двојазична (англиски-македонски) книга за деца „Волшебното котле и други бајки“, а во 1999 година, збирката раскази „Триполската капија“. Во 2000 година беше печатена неговата двојазична (англиски-македонски) книга за деца „Сиромавиот и чучурлигата“, во 2001 година неговиот прв роман „Пророкот од Дискантрија“, а во 2002 година романот „Смртта на дијакот“ (преведен на бугарски, српски и словенечки како еден од десетте избрани најдобри романи на Балканот!) за кој ја доби престижната награда „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Во 2002 година излезе од печат и првото издание (подоцна има уште неколку!) на студијата од областа на преведувањето „Под Вавилон: задачата не преведувачот“, во 2003 година збирката раскази „Раскази од шести кат“, а во 2006 година, романот „Мојот Скендербеј“ (преведен на албански) за кој повторно ја доби наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување. Во 2009 година се објавени неговиот роман „Бајазит и Оливера“ (преведен и на англиски) како и збирката раскази „Пеперуткарот“. Во 2014 излезе од печат збирката новели и раскази „Глинениот човек“, како и романот „Должници“, а во 2015 година, збирката раскази „Раскази и споредбени коментари“. Романот „Швајцарија на Балканите“ (2015) е негово петто романескно остварување.
Како преведувач, Драги Михајловски има преведено од англиски на македонски јазик и обратно во ритамот и должината на оригиналот со сите отстапки на граматичко и логичко рамниште, преку 130.000 стихови меѓу кои 37 драми и 154 сонети од Вилијам Шекспир, епот „Беовулф“ од непознат автор, епот „Загубениот рај“ од Џон Милтон, книгите поезија од Џон Дан. Вилијам Блејк, С.Т. Колриџ, В. Вордсворт, избрана поезија од Џ. Китс, Јејтс, Т.С. Елиот, песни од Б. Брејтенбрах, Лез Мари, Дерек Волкот и други, како и проза од Т. Морисон, С. Христов, К. Ое, И.Б. Вајт, О. Вајлс и други. За оваа своја дејност ги има добиено сите награди на Сојузот на книжевните преведувачи на Македонија: „Григор Прличев“ (двапати) за препевот на епот „Загубениот рај“ од Милтон и за препевот на „Сите драми и сонети“ од Шекспир, наградата „Зимски саем на книгата“ за препевот на сите сонети од Шекспир (2006). Во 2013 година, за книгата препеви од англиски на македонски јазик „Сите драми и сонети од Вилијам Шекспир“, покрај наградата „Григор Прличев“ доби признанија од МРТВ, Нова Македонија и Битолски весник за најдобра објавена книга на македонски јазик во 2012 година.
Книгите на Драги Михајловски се преведувани на повеќе светски јазици: англиски, француски, германски како и на јазиците од балканските народи: српски, албански, словенечки и бугарски.
Драги Михајловски е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1992 година, на П.Е.Н на Македонија од 1992 година како и на Асоцијацијата на писателите за мир во Вашингтон, САД, од 1998 година.
Бил уредник на книжевните списанија Lettre Internationale, Стожер, Стремеж, член на Сенатот на универзитетот „Св. Кирил и Методи“ во Скопје, а две години (2007-2008) бил и претседател на Комисијата за издавачка дејност во Министерството за култура на РМ.