Иван Додовски

Иван Додовски (1974) е поет, раскажувач, книжевен и театарски критичар, преведувач и научен истражувач. Роден е во Битола, каде што завршил основно образование. Учел во Гимназијата „Ј. Б. Тито“ во Битола, а четвртата година ја завршил во САД.  На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје студирал општа и компаративна книжевност со американски студии, а магистрирал во областа на македонската книжевност и наратологијата. Докторирал на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија. Остварил студиски престој на Истражувачкиот центар за современи европски студии при Универзитетот во Мелбурн, Австралија. За својата истражувачка работа на Универзитетот во Нотингем ги добил академските награди „Хејман“ и „Гертрут Кропер“. Работи како редовен професор по критичка теорија, литература и културологија на Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС).

Објавил четири книги поезија (Седенка со ликот, 1991; Луда луна, 1995; Света лудост, 1999; Тревога, 2020) и една збирка раскази (Големиот куфер, 2005), кои се преведени на англиски и на германски јазик. Стихови од неговите книги се преведени и објавени на англиски, хрватски, албански, бугарски и романски јазик. Застапен е во неколку антологии на современа македонска поезија и проза. Добитник е на „Прва награда за поезија“ на Интернационалниот фестивал на млади европски писатели „Понтес“, одржан во Крк, Хрватска, во 1999 година.

Автор е на теоретската студија Наративни стратегии во психолошкиот роман (2004), театролошката книга Мало фолио за театар (2018) и на академски трудови за врските меѓу литературата и идентитетските политики, особено во современата драма. Во 1996 година го приредил изборот кратки раскази од млади македонски раскажувачи (кои конкурираа на конкурсот за краток расказ во списанието „Студентски збор“), под наслов Некои мали работи. Во 2020 година ја подготвил и антологијата од конкурсот на Европската мрежа за драма и превод Еуродрам 2020 – Избор нови македонски драми. Подготвил избор од поезијата на млади македонски поети, објавен во загрепското списание „Кворум“ во 2001 година. Приредил десетина значајни томови од областа на книжевната наука, културологијата и европските студии.

Иван Додовски е член на Друштвото на писателите на Македонија од 2002 година. Претседавач е на Македонскиот комитет на Европската мрежа за преводна драма „Еуродрам“ со седиште во Париз.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *