Марија Ралповска е млада авторка која зачекори во светот на книжевноста на четиринаесет години, објавувајќи го својот прв роман „Фрагарија“.
Родена е 1997 година во Скопје. Растејќи со приказните на Андерсен и на браќата Грим, а подоцна и со делата на Агата Кристи, ја одбра криминалистиката како своја идна професија. Дипломира на Факултетот за безбедност во Скопје, во септември 2019 година. Авторка е на романите „Фрагарија“ (2012) и „Осумте чувари“ (2013), кои откриваат еден необичен свет на тајни и магија. Со нејзиниот трет роман „Рај во пеколот“ (2015), таа преминува од светот на детската фантазија во оној на возрасните, вешто плетејќи ги нишките на надреалното и реалното, создавајќи паралелни светови.
Марија Ралповска има учествувано на голем број наградни конкурси за проза при што има освоено и поголем број награди. Добитничка е на плакетата за најдобар есеј што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, за 2018 година, за есејот „Под липата“. Нејзиниот прв роман, „Фрагарија“, доби награда за Книга на годината во категоријата проза за деца од школска возраст, при Меѓународната манифестација за литература, уметност и култура „Планетопија, 2019“. Нејзиниот расказ „Крвопиец“ се појавува во електронското издание на „Карантински приказни – Антологија на изолацијата“ од издавачкиот центар „ТРИ“, 2020 година.
Спојувајќи ги желбата за авантура и професијата како нејзин животен предизвик, го пишува трилерот „Сенки во подземјето“ којшто излезе од печат во септември 2021. „Самовилата од Виленија“ (2021) е уште една нејзина нова книга за деца, своевиден минироман, која ќе ги поведе децата во светот на бајките, во светот на самовилите и вилениците.
Се надева дека еден ден нејзините книги ќе бидат преведувани и на други јазици за да допрат до читателите од целиот свет.