Митко Маџунков е македонски романописец, раскажувач, драмски автор и есеист.
Роден е во Струмица на 19 март 1943 година. Основното и средното образование ги завршил во родниот град, а дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград, на групата светска книжевност со теорија на книжевноста. По дипломирањето, тој останал да живее во Белград и долго време работел како библиотекар-советник во Библиотеката на град Белград, каде што се пензионирал. Во 1970 година станал член на Здружението на писатели на Србија, од 1986 година е член на Друштвото на писателите на Македонија, а исто така, тој е член на Друштвото на независни писатели. Во 2006 година, Маџунков се преселил во Македонија. Во 2003 година бил избран за член на МАНУ надвор од работниот состав, а во 2007 станал редовен член на МАНУ.
Маџунков е автор на збирките раскази: Чудна средба (Белград, 1970, Скопје, 2010); Убиј го зборливото куче (Белград 1973, Скопје, 1988 и 2011); Над троскотот облаци (Скопје, 1974); Мирисот на земјата (Скопје, 1984); Чудна средба/Над троскотот облаци (Скопје, 1986).
Исто така, тој има напишано и неколку збирки куси прози: Меѓата на светот (Белград, 1984, Скопје, 1985 и 1990); Парадоксален сон (Скопје, 1987); Бегството и повторното раѓање на зографот (Мелбурн); Дрвото на Нарајана (Скопје, 1998); Даровите на небото (Панчево, 2007); Грабнувањето на Европа (2008).
Посебно место во неговото творештво имаат романите: Кула на Ридот (Белград, 1980, Скопје, 1981 и 1999); Домот на Александар (Скопје, 1992, Белград, 2004, Скопје, 2005); Кон другата земја (Скопје, 1993, Битола, 2008); Времето на ирвасите (Скопје, 2003, Софија, 2010); Птиците од ланските гнезда (Скопје, 2013).
Маџунков е автор на есеите: Штркот единак и неговото јато (Скопје, 2000); Чехов или Тајната на раскажувањето (Белград, 2006); Родното место на литературата (Скопје, 2008).
Маџунков е автор на повеќе драми, изведувани на театарските сцени и објавувани во посебни книги: Големиот Смок; Сенката; Пуста земја; Пат за Лихнидос; Мелница; Чудо големо.
Бил составувач на антологијата „Раскази за Белград I-II“. Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).
Маџунков е добитник на повеќе книжевни награди, како: наградата “Исидора Секулиќ” за збирката раскази “Убиј го зборливото куче” (1974), „Рациново признание“ (за “Меѓата на светот”), наградата “Војдан Чернодрински” (за “Големиот Смок” и за “Сенката”), наградата на “Детска радост” за роман на годината (за “Домот на Александар”), наградата на Македонската книжевна фондација за книга на годината (за “Кон другата земја”), наградата “Роман на годината” на “Утрински весник” за 2013 година (за “Птиците од ланските гнезда”), а двапати ја добил годишната награда на Струмица.