Николина Андова-Шопова е родена на 03.02.1978 година во Скопје. Дипломира на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Нејзината прва поетска книга „Влезот е од другата страна“ (2013) ја доби наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга што ја доделуваат фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и УНЕСКО. Книгата потоа е публикувана и на англиски јазик. Во 2014 година ја издава втората поетска збирка „Поврзи ги точките“, која е објавена и на српски јазик. Во 2016 година излегува тријазичен избор од нејзината поезија на англиски, македонски и француски, во издание на Éditions Bruno Doucey. Нејзини песни се преведени на десетина светски јазици и учесник е на многу поетски фестивали ширум Европа. Застапена е во повеќе антологии на македонската поезија.
Во 2018 година излезе нејзиниот прв роман „Некој бил тука“ за кој ја доби наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Освен поезија, пишува и раскази, песни и сликовници за деца.