Паскал Гилевски

Паскал Гилевски е роден во с. Сетома, Костурско, Егејска Македонија на 1 јули 1939 година. Завршил Филозофски факултет во Скопје. По Граѓанската војна во Грција, од 1948 до 1956 година живеел во Унгарија, а потоа се преселил во Скопје. Завршил прв степен на Академијата за ликовни уметности во Белград, како и Филозофски факултет во Скопје. Работел како ликовен рецензент во весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“. Од 1999 до 2002 година бил директор на Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а бил и претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Некое време живеел во Париз, а престојувал и во Италија, Англија, Холандија, СССР, Чехословачка, Египет, Сирија, Јордан итн.

Гилевски е член на Унгарската академија на науките и уметностите, Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1970 година).

Гилевски активно се занимава со книжевно-преведувачка дејност. Притоа, тој има преведено шеесетина книги од унгарската, грчката и француската литература. Меѓудругото, Гилевски ги има преведено: Никос Казанѕакис, „Алексис Зорбас“; Виктор Иго, „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“; Јожеф Дарваш, „Пијан дожд“; Платон, „Гозба“ и „Федар“ итн.

Заедно со Ташко Ширилов, во текот на 1971/1972 година, Гилевски бил основач и уредник на весникот „За македонцките работи“, а потоа и на ревијата „Огледало“. Според неговиот расказ „Глава“, снимен е краткометражен филм, во продукција на „Вардар Филм“.

Неговите песни и раскази се преведени на повеќе јазици, и тоа: српскохрватски, унгарски, грчки, италијански, француски, турски, словенечки, полски, англиски, украински итн.

Гилевски учествувал во подготовката на повеќе книги со македонска книжевност, објавени во Унгарија, Грција и Франција, а бил уредник на повеќе антологии и збирки, како: На минатото време гранката златна, (Антологија на современата унгарска поезија, „Факел“, ДПМ, 1972) Антологија на новогрчката поезија („Македонска книга“, 1977) Богови и херои (старогрчки митови и легенди, „Детска радост“, 1978)

Гилевски е автор на книгите: Брегум – брегум (поезија, „Современост“, 1972); Толкување на уметноста (есеи, „Македонска книга“, 1977); Бегство (поезија, „Култура“, 1983); Глава (раскази, „Македонска книга“, 1984); Знаме во пазувите (поезија, „Наша книга“, 1985); Животот на песната (поезија во препев на унгарски јазик, „Форум“, Нови Сад, 1985); Зоја (роман, „Македонска книга“, 1986 и 1988); Стража (раскази, превод на српскохрватски јазик, „Багдала“, Крушевац, 1987); Небесна и земна љубов (роман, „Мисла“, 1988); Бездомници (раскази, 1989); Ангели на прогонството (роман, 1993); Ќорсокак (роман, 1993); Поетика на два брега (есеи, 1995); Двајца црнци зборуваат македонски (лирска монодрама, 1996); Скомраз (роман, 1997); Расчекор (раскази, 1999); Избрани дела во пет тома (1999); Меланхолија (поезија, 2000); Нежниот бунтовник (роман, 2012); Посмртна венчавка (роман, 2014); Излезе сејачот да сее (роман, 2022).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *