Томе Арсовски е роден 1928 година во Косовска Митровица каде што татко му бил на служба. Основно образование и два класа реална гимназија завршил во Пеќ, а во 1941 година, по избувнувањето на Втората светска војна, семејството му се враќа во Македонија, во родниот крај на родителите, Кавадарци. Тука го продолжува школувањето, по војната завршува гимназија, потем Филозофски факултет (Славистика) во Скопје.
Од 1951 година работи неколку сезони во Македонскиот народен театар, потем во културната рубрика на „Нова Македонија“, а од 1957 година, во Радио-телевизија Скопје, како уредник на драмската програма на радиото, односно на телевизијата, до пензионирањето во 1988 г.. Член на ДПМ од 1959 год. (еден мандат и претседател).
Почина на 21 април 2007 г. во Скопје.
Во јавноста настапи, како и повеќето млади автори, со книга песни (Грст смеа), што во 1958 година ја објави скопската издавачка куќа „Кочо Рацин“ (подоцна „Македонска книга“). Истата година Народниот театар во Прилеп ја изведе премиерата на неговата прва сценска драма Александра, што воедно беше и неговиот прв успех пред публиката. По ова, објави неколку едночинки, радио драми, втората поетска книга (Непребол), преведе и приреди две поетски антологии (стара персиска лирика и јапонска лирика), а со драмата Парадоксот на Диоген дефинитивно се потврдува како драмски писател. Со оваа драма Македонскиот народен театар во 1962 година ги отвори Југословенските театарски игри „Стериино позорје“, а на истиот фестивал неговата ТВ драма Грст среќа, во продукција на Телевизија Белград, е прогласена за најдобра југословенска ТВ драма на годината, претходно наградена на анонимниот конкурс на ТВ Белград.
Поважни дела: Празник на птиците, драмска етида (1959), Парадоксот на Диоген, судска драма во два дела (1961 ), Матурска вечер, драма во три чина (1964), Обрачи, драма во два дела (1965), Грдиот Нарцис, сценска етида (1964), Бумеранг, комедија од современиот живот (1969), Чекор до есента, драма во шест слики (1969), Парадоксални раскази, збирка раскази (1972), Залез над езерската земја, историска драма и ТВ драмска серија (1973), Убавината чекори сама, комедија од современиот живот (1974), Скок преку кожа, драма од рударскиот живот (1976), Благиот допир на љубовта, лирска драма од комитскиот живот (1984), Излез во случај на опасност, книга кратки драми и едночинки (1989), Климент Охридски, роман и ТВ драмска серија (1989), Куќа на четири ветра, роман (1991 ), Петтиот ветер, раскази (1992), Пурпурно поле (поема, 1996), Нешто убаво ми се случува, роман (1996), Жената со птичја глава, (раскази, 2000), Забите на ветрот (роман, 2003 и 2006), Ангелот од Велгошти (раскази, 2006), Семе на срамот (роман 2008), Кратки драми и монодрами (2008), Парадоксот на Диоген и Матурска вечер (избор и предговор од Јелена Лужина во едицијата „Македонска книжевност во 100 дела“ – проект на Министерството за култура – 2008 г. и на англиски – 2011 г.), Лица од парадоксалниот албум (избор раскази, 2012).
Томе Арсовски е автор на повеќе книги за деца и млади: Патување во Таџетакомо (роман 1986), Зена, ќерка на ѕвездите (роман, 1988), Арис или прва љубов (роман, 1989), Кристална планета (роман, 1990), Подводен град (роман, 1992), Телефонот е во прекин (роман, 1993), Супер девојче (роман, 1994), Дедо Мраз и Феферона (комедија 1997), Марко Крале и Феферона (весела сценска игра за деца, 1997), Бушави години (1998), Дарко Фокси спиди Гонзалес (весела сценска игра за деца, 1998), Пролет зад мојот прозорец (роман, 2001), Млади и диви (2007), Божилак на љубовта (роман, 2011). Има објавено и три збирки поезија за деца: Смешни и превртени песни (1991), Диско штурец (1993) и Прва љубов не е шега (2009). Автор е и на голем број радиодрами, телевизиски драми и телевизиски серии изведени во РТВ-центрите во Финска, Италија, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Германија, Романија, како и во сите РТВ-центри во поранешна Југославија.
Познат е и како преведувач, особено од руски, словенечки, бугарски, српски, хрватски; има преведено дваесетина томови проза, поезија, драмска и критичко-есеистичка литература. Како преведувач е добитник на наградата „Златно перо“ од Сојузот на преведувачите и на наградата на Авторска агенција на Република Македонија.
Награди: Државна награда „11 Октомври” (за животно дело), „1 Мај“ (за книга драми),„Кочо Рацин“ ( роман на годината за „Куќа на четири ветра“), „Климент Охридски” (за животно дело), „13 Ноември“ (за животно дело), „Војдан Чернодрински” (за животно дело), „Феникс“ (за творечки опус), „Ванчо Николески” (за најдобар роман за млади), потоа на разни анонимни и други конкурси, театарски и РТВ фестивали и по други поводи.
Романот за млади Пролет зад мојот прозорец е избран и прогласен за најдобар (прва и единствена награда) помеѓу 41 дело на анонимниот конкурс за роман за деца и млади, што во 2001-та година го објави „Детска радост“, а во 2002 година ја доби наградата „Ванчо Николески“ од ДПМ – за најдобра книга за млади во 2001 година. И други негови дела се носители на високи книжевни, фестивалски и странски награди, што му обезбедија реноме на угледен македонски писател, високо рангиран во современата македонска литература.
Томе Арсовски во современата македонска книжевност се вбројува меѓу најценетите автори. Неговото дело е вградено во училишната лектира и за основно и за средно образование и веќе со децении е во обработка на матурски теми, семинарски работи и магистерски трудови не само на Филолошкиот факултет во Скопје, туку и во Загреб, Риека, Нови Сад, Белград и др.