Жарко Кујунџиски

М-р Жарко Кујунџиски (Скопје, 1980) – македонски романсиер, есеист, раскажувач, драмски автор, поет, филмски критичар и преведувач. Дипломирал во 2003, а подоцна и магистрирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Бил неделен колумнист во дневните весници „Утрински весник“ (2004) и „Дневник“ (2008-2013), основач и уредник на електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ од Битола. Сопственик е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.

Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински, албански и на други јазици. Застапен е во голем број антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија The Best European Fiction 2013.

Добитник е на наградите „13 Ноември“, „11 март 1943“, „Бели мугри“, „Студентски збор“, како и на награди за сценарио и глума на Фестивалот „Лица без маски“. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар.

Приредувач е на Јас имам сон (2010), антологија на најзначајните светски и македонски говори на сите времиња и коприредувач на Дај две, љубовни! (2015), антологија на европската љубовна лирика. Ги превел од англиски на македонски јазик култниот роман Појадок кај Тифани од Труман Капоти (2006) и сценариото за филмот Евтини приказни (2008).

Романот Spectator е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со седум изданија и досега е преведен на полски и на англиски јазик.

Од 1997 година активно пишува и објавува текстови на литературни, филмски, културолошки и општествени теми, во речиси сите поважни македонски весници и списанија, како и во странство.

 

Авторски книги:

  • Spectator (роман 2003, прво издание)
  • Ендрју, љубов и други непогоди (драми 2004)
  • Америка (роман 2006, прво издание)
  • Сузан (песни 2008, како Џеси Блејз)
  • Најдено-загубено (роман 2008, прво издание)
  • 13 (раскази 2010)
  • Мојата Сузан повторно девојка (песни 2011, како Џеси Блејз)
  • Најкраткото долго (студија, 2012)
  • Скопје и сè е можно (роман, 2013)
  • Тино од мојот влез, (сликовница за деца, 2015)
  • Ние предметите, (песни, 2016)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.