091 – антиразгледници од Скопје (извадок)

Извадок од книгата „091 – антиразгледници од Скопје“ на Иван Шопов.

Летачи

Весниците одамна се печатат во помал формат. Така градот ги загуби своите летачи. Во детството долго ги гледав на клупите во парковите како вежбаат и се готват за своите летови, чиишто линии за мене до денес останаа тајна. Со раширени раце, речиси до крајните граници на нивниот распон, чичковците ги држеа отворените весници, мрмореа нешто или воздивнуваа.

Тогаш наивно верував дека читаат.

Распетие

Убава полицајка со раширени раце како распетие барем на оваа раскрсница ја има сета власт: ги одредува сите разминувања на автомобилите, пешаците, велосипедите, инвалидските колички; нивниот правец на движење, дозволата за поминување и времето кога ќе се направи тоа зависат од нејзината волја и мрдање со рацете. Би сакал да ја ослободам од појасот што ја дели на две. Ако претрчам во насока спротивна од дозволената, знам колкава ќе биде казната што треба да ја платам. Ако ѝ ставам ореол, знам дека ќе ме проколнат поповите од црквата сместена баш на аголот од раскрсницата со која убавицата владее. Ако ѝ оставам пари како на икона, тоа е веќе мито и корупција. Но што ако само воздивнам? Каква казна ми следува? Законот за сообраќај треба да биде попрецизен.

Урбанист

Мојот сосед-алкохоличар ги надгледува работниците што го уредуваат паркот спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“. Погледот му продира далеку зад бекатонските плочки што се редат како сложувалка на патеката, далеку зад новите клупи што се поставуваат, а канделабрите, се чини, воопшто не ги забележува.

Полн стравопочит со непознато потекло, го очекувам неговиот суд за најновите интервенции врз лицето на населбата.

„Сè сте направиле убаво, само уште онде да ставевте една кафана“, им се обраќа на мајсторите, со глас што истовремено содржи авторитет на монарх и молба на разгалено дете.

* * *

Како кога заспиваш дете: се обидуваш да се извлечеш тивко и бесшумно од постелата, да се искрадеш на прсти и да излезеш од собата без да го разбудиш. Tоа, сепак, се буди, го забележува твоето ситно предавство и со плачлива наредба те повикува назад во креветот. Немаш избор и се враќаш, со лутина што не ја покажуваш поради плановите што се одложуваат на неодредено, сè додека малечкото не го обземе малку поцврст сон. Но, истовремено, чувствуваш некаква благост и топлина слушајќи го рамномерното, сега веќе поспокојно дишење на детето што не дозволува да биде напуштено, барем додека е будно.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *