Извадок од романот „1 час и 30 минути (Интимна историја на филмот од 1984 до 2004 година)“ на Бранко Прља.
„Види го колку е убав,“ гордо ме гледа тетка ми, а јас сакам да си ја откорнам кожата од главата колку ме чеша. Гелот, боцките, војничката фризура, ми пречи сѐ во тие три поими, ми фали мојата долга, неисчешлана и запуштена коса, а тетка ми прави сѐ за да личам на нејзиниот син, но неуспешно.
Мојот братучед е надвор секоја вечер со друштвото. Тука завршува сличноста помеѓу нас. И јас сум надвор секоја вечер и секој ден, после училиште, „прв надвор, последен дома,“ како што знаат да кажат некои постари. Но, мојот братучед се фаќа за книга веднаш штом ќе дојде од училиште. Мојот братучед е првенец на генерацијата. Мојот тетин е директор во училиштето каде што учам јас.
Второ одделение. Ја пееме „Рачунајте на нас“ од Балашевиќ на час по музичко. Иако е 1985та година, духот на Тито живее во нас, децата, посилно отколку порано. Со крајот на окото фаќам лик на едно девојче кое ми се допаѓа. Ме погледнува и ми се насмевнува. Пеам силно, посилно:
Sumnjaju neki da nosi nas pogrešan tok, jer slušamo ploče i sviramo rok.
Al’ negde u nama je bitaka plam,
i kažem vam, šta dobro znam: računajte na nas![1]
Рокерски фризури да! Модерни романтичарски фризури а’ла Duran Duran не. Сакам да бидам бунтовник. Не можам да објаснам зошто, но тоа едноставно ме привлекува. На малото старо касетофонче ги преслушувам сите албуми на The Beatles кои што татко ми ги има снимено врз едни портокалови касети за учење англиски, и тие, заедно со звукот на гитарата, шуштењето на касетите, повременото завивање на лентата, стануваат мојата прва музичка љубов.
Со шмиргла и ножици си ги кинам фармерките и гордо ги носам на улица пред друштвото. Еден ден слава. Следниот ден ги наоѓам дупките во скинатите панталони зашиени и покриени со шарени крпчиња. Дело на тетка ми, која во желбата да не ги негира моите напливи на тоа да се вклопам во една супкултура, ме сместува во друга кремците. Прво фризурата, сега и панталоните. Очите ми се насолзуваат, но немам избор, морам да носам нешто во кино.
Флеш Гордон[2] беше првиот филм којшто го гледав во кино со татко ми. Јунакот леташе во вселенскиот брод со омилената девојка крај него, конечно спасени од армијата на злобниот Минг, олицетворение на кинескиот империјализам. И токму тогаш јунакот посака да ја бакне хероината, го пушти управувачот и изгуби контрола над леталото.
„Остави ја, гледај каде возиш!“ возбудено викнав. Татко ми гласно се насмеа, заедно со неколку други луѓе од блиските седишта. Но, тогаш бев помал.
„Сакаш пуканки?“ ме прашува татко ми и не чека одговор. Купува две кутиички. Крцкаме во темницата и на платното се појавуваат долги неспретни прсти кои како некој џиновски пајак се качуваат врз листовите на грмушките. Проклети грмушки и нивните темници. Ме облева бран на хорор и си ги покривам очите додека И-Ти[3] полека ми го освојува срцето и се открива како симпатичен и пријателски расположен вонземјанин. Но, ИТи заминува дома. Си ги кријам солзите пред татко ми, зашто ние машките не смееме да плачеме. Рез.
Ентериер. Кино „Тесла“ – вечер. Лудиот Макс 3[4], конечно херој со којшто може да се поистоветам. Не ја сфаќам содржината, но ја разбирам борбата, утопијата, изолираноста зашто го живеам тоа секој ден. Ние децата против возрасните. Тие живеат за себе, а ние заедно, сплотени во желбата да ги надмудриме пронаоѓаме секакви креативни решенија.
Крадеме овошки. Се сместуваме на едно дрво во дворот на соседот на нашиот другар Јаско. Нè открива. Бегаме и го губиме пленот. Разочарани од тоа правиме итен состанок. Јаско веднаш го презема зборот.
„Ќе се качиме на црешата,“ почнува тој.
„Во истиот двор?“ прашуваме збунето.
„Да, но овој пат ќе влеземе на влезната врата и ќе му понудиме на стариот да му ја обереме црешата.“
„Па, не е луд човекот,“ се смееме.
„Нормално, ќе му понудиме,“ продолжува непречено Јаско, „да му дадеме половина од пленот. Сите добиваме!“ Ни се допаѓа. Тргнуваме во акција и сѐ тече по план.
Соседот, човек во години којшто не може сам да ги бере црешите, веднаш и од сѐ срце се согласува.
„Во неговата вреќа ставај повеќе лисја, а во нашата повеќе цреши,“ добивам упатство од Јаско додека висиме на дрвото и ги кинеме зрелите црвени цреши. Тоа не ми се чини правилно, но го слушам. Постар е и попаметен. Јас сум само неук чирак. Работата набрзо е завршена, а бизнисот повеќе од успешен. Пленот се дели во друштвото. Се чувствуваме како Робин Худ[5], повторно сме нашле начин да ги надмудриме постарите.
И повторно. Продаваме бозел со Харе по зградите од маалото. Двајцата, недоволно итри, даваме чесно количество бозел, наспроти малку лисја. Но, и од чесен бизнис можеш да заработиш колку за влезница за во кино и тоа во вистинскиот момент.
На средина помеѓу џамијата Врбањуша на врвот на улицата Логавина и Гази Хусрев беговата библиотека во Баш чаршија на нејзиното дно, се наоѓа кино сместено во Месната заедница Стари Град, кое што ние го нарекуваме едноставно „месна заедница.“ Таму се запознавме со ликовите на кунгфу мајсторите Брус Ли и Џеки Чен, бестрашните Чарлс Бронсон и Чак Норис, смешните Бад Спенсер и Tеренс Хил, и безимените каратисти со црн појас петти дан кои ги совладуваат сите противници со една рака, летаат по дрвја или се судруваат со главниот антихерој во зграда во која што на секој кат има по една препрека. Но, денес за нашите детски очи и сетила дојде време за нов предизвик на фантазијата Враќање во иднината[6]!
Огромниот звучник експлодира од звукот на гитарата. Каква сцена! Возењето скирол потоа. Му нема рамно. Со нозете се потпирам на мојот скирол, иако ич не наликува на тој на Марти Мекфлај, преголем е и претежок за маневрирање, има голема пластична кочница со зелена флуоресцентна боја на задниот дел и тоа ми пречи. Скиролот на Марти нема кочница.
Дрнкам на гитарата со моите неисечени нокти на десната рака нужно за свирењето класична гитара. Веќе половина година одам на часови во нижото музичко училиште, веднаш зад католичката катедрала во центарот на Сараево. Стара зграда со темни ходници со високи плафони. Таму го среќавам Вања, другарот од забавиште, со неговата бушава виткана коса и погледот којшто поминува низ другите деца. Во забавиште тој единствен доби единица за боење цртеж. Сите деца се трудеа да ја следат линијата на покривот додека го боеја со црвена боичка, само тој немарно и безгрижно го избои покривот и половина од небото, без никакво внимание. Сега тој свири виолина и го сметаат за талент. Јас не сум талент. Сега јас имам единица.
„Животот е полн со ѕидови. Ти ќе одиш по патот, ќе го прескокнеш ѕидот и ќе продолжиш,“ му вели учителот, двократен првак на Југославија во класична гитара и пријател на татко ми, на детето кое што доаѓа на часови по гитара со мене и е посветен и добар ученик, „а ти ќе одиш долго време покрај ѕидот обидувајќи се да најдеш начин како да го заобиколиш“. Вториот сум, секако, јас. Живеам во мигот, немам план и визија за иднината, немам упорност и истрајност. Затоа не се навредувам на коментарот на учителот по гитара. Длабоко во себеси знам дека е во право. За мене постои само моментот кога сум надвор, на улица, со другарите. Друго време и место не постои во мојот универзум.
Местото каде што нашата улица прави остра кривина и под неа продолжуваат големите скали кои водат кон улицата „Хајдук Вељкова“. Тоа е стапица за невнимателни возачи на велосипеди. Сите го знаеме тоа, бидејќи е навалена странично, а асфалтот на неа е лизгав како мраз. Кој знае колку пати сме паднале на тоа место возејќи велосипед.
Трес! Мојот Унис Пони велосипед завршува на асфалтот. Скинати панталони, а под нив одрана кожа.
„Добро ли си, дете?“ загрижено ме прашува еден старец. Ги спушта кесите од пазар и ме држи за рака
„Да,“ процедувам низ заби, малку лут на него зашто сведочи на мојот пораз.
„Во ред, не лути се, само прашувам.“
Старецот заминува, а јас го влечкам мојот велосипед со свиткани рачки и кривам до дома. Очите ми се насолзени, но ги стискам забите и не им давам на солзите да потечат. Машко сум, по ѓаволите!
После првиот момент во животот кога ќе си ја докажеш храброста на себеси, мора да ја докажеш и на другите. Ако ти работат сопирачките на велосипедот те сметаат за кукавица, просто и едноставно. Кочи со патиките, што се мислиш!? Ако немаш дупки во ѓонот од кочење не те бива!
Но, пред тоа, мораш да скинеш барем една сајла. Се возам по удолницата пред мојата зграда. Пред мене излетува маче. За среќа на мачето и за моја жал, сајлата на предното тркало уште добро функционира и кочењето е моментално. Додека летам во воздухот времето се забавува. Го гледам мачето, пукнатините на асфалтот, моите другари лево од мене како шутираат на гол. Ги гледам шевовите на топката. И тогаш темнина.
Ги отворам очите дома. Лицето ми е крваво и не знам како сум стигнал таму. Имам чувство дека усните ми се сплескани. Повторно губам свест.
Мојата реалност, која што понекогаш не се разликува од сон, продолжува во киното „Кумровец“ во населбата Отока и сцената на Шварци кој носи стебло со едната рака додека мускулот му се дуе, а во другата носи моторна пила. Музиката нѐ воведува во еден свет исполнет со авантури и опасност во мисијата на барање на ќерка му која ја киднапирале лошите момци. Тие ќе платат со нивните животи и тоа масовно зашто тој е Командос[7] и се бори сам против сите. Каква авантура!
Авантурата е дел од нашиот секојдневен живот и би сакале да бараме скриено богатство како децата во филмот Гуниси[8], но се задоволуваме со нашите лудории на велосипеди во стилот на Ити.
Ридот над Стоковната куќа „Сарајка“. Неколку момчиња со опасен поглед во очите и сцена од И-ти, кога децата на велосипеди го спасуваат вонземјанинот, во мислите.
„Одиме,“ прашува Харе со решителност во очите.
„Чекај,“ велам и си ги лепам лепенките на Симод патиките. Проверка на кочници.
Со индијански извици тргнуваме по ридестиот пат исполнет со нерамнини и корења од дрвја. Издржуваме цврсто држејќи ги рачките кои што се тресат под ударите на корењата, нерамнините на земјата и камењата. Слегуваме во подножјето на ридот, ги фрламе велосипедите и се стрчуваме кон фонтаната да пиеме вода. Ја преминуваме улицата и пред „Скендерија“ сме, а таму издигната патека за качување со колички и велосипеди која што ни служи како рампа.
„До тука рипнав,“ вели еден од моите другари, Гребо.
„Јас до тука,“ покажува Харе дека рипнал подалеку. На мене е ред.
Во близина на стоковната куќа е „Клубот на борците“, каде што дедо ми игра карти и повторно губи. Реалноста на борците за слободата на Југославија од Втората Светска Војна не е воопшто романтична и е исполнета со алкохол, приказни за минатите славни денови, бочање и расправии за политиката.
„Дупка во озонскиот слој!“ се зборува по сите медиуми и средби на комшивки на кафе кога задолжително се врти шољата за да се предвиди иднината.
Неум. Летен одмор.
„Излези од вода, сонцето е опасно!“
Тоа вика тетка ми, која е вистински фрик по здравјето и секое утро пие чај со кафеав шеќер и јаде двопек, но истовремено пуши како локомотива. Таа е наставник и со нејзиниот клас сме на одмор во Неум, единствениот приморски град којшто другите две југословенски републики дозволија да припаѓа на кутрата и измачена Босна. Но предоцна, грбот ми е веќе црвен и ме очекува мачна ноќ.
„Седи мирен,“ ми вели додека ме мачка со сапун по грбот. Сапунот мириса одвратно, се суши и потоа кожата боли уште повеќе. Таа, како и секој полнокрвен Југословен, сака да применува традиционални направисам лекови, како сапун и кисело млеко за изгореници од сонце.
„Качуваш температура,“ ме бакнува по челото и мрда со главата. Знам што следи. За мене нема нешто поодвратно од сценарио за чорапи потопени во ладен оцет во кои што е изрендан компир врз нозе кои горат од температура. Чувството е благо наречено одвратно и може да се спореди само со вкусот на парчињата кромид или лук кои баба ми ги сецкаше и ги потопуваше во млеко.
„Да бидеш поздрав и да не се разболуваш постојано,“ велеше. Колку и да ги мразев чорапите со оцет од кои што ова можеше да ме спаси, повеќе го мразев кромидот во млеко. Дилеми.
И татко ми се грижи за здравјето. „Само ја дупнуваш корката од јајцето со игла и цицаш!“ ми покажува како се пие живо јајце. Јас повеќе го сакам во шоља матено со шеќер. Го сркам тоа чудо со лажичка како да е пудинг од чоколадо. Лапај јајце без гајле! Ние Југословените никогаш не се разболуваме од салмонела, нашата палента има мирис на пченка, гризот на вистинско брашно, брашното на пченица, а пченицата на природа. Веруваме во нашата храна, технологија и наука, како и во Тито, иако не е веќе со нас, неговиот лик сѐ уште ги гледа сите работници, лекари, пекари или ученици од врамените слики над нивните глави.
А на Запад, некоја Чудна наука[9]. Двајца другари прават совршена девојка со помош на компјутер и во него ги внесуваат саканите димензии и примери за убавина или памет во вид на исечоци од весници на манекенки и слики од научници. И навистина се роди вистинска мома. Убава како манекенка, паметна како Ајнштајн! Но, понекогаш реалноста е почудна од фикцијата и еве зошто.
Сцената се отвора. Камион преполн со пченица. Јас нуркам во неа речиси споулавен од возбуда. Во Ливно сме, гратче на границата на Босна со Хрватска, од каде што е родум тетин ми. Во пченицата има бубачкиухолазалки, ме предупредува тетка ми, а јас секако знам за митот дека тие сакаат да се напикаат во човечкото уво.
„Во увото на детето влегла мушичка. Кога го донесоа кај нас во ушниот канал имаше јајца од мушичката,“ ми раскажува татко ми додека стојам пред огромно стакло зад кое се прикачени стотици предмети кои татко ми и неговите колеги од ОРЛ одделот на државната болница Кошево ги извадиле од ушите, носовите и грлата на деца и возрасни. Повеќето се копчиња и џамлии, делчиња од колички и детски играчки, но има и такви кои што ги надминуваат границите дури и на детската фантазија, како еден федер. На моето чудење од глетката на овој предмет нема граници. Изгледа како да е федер од кауч. Се прашувам дали е амортизер од кола? Што и да е, се чини неверојатно тоа чудо да се нашло во нечие грло, а во мојата детска глава милиони приказни!
Ливно. Кучето ме следи каде и да одам, на ливадата пред куќата, нагоре по ридот или подолу кон реката. Постојано скока по мене, а еднаш, од возбуда, ме грицна за уво. Се појавува змија пред нас на камените скали кои водат кон ридот и кучето веднаш, како вистински пес чувар, се стрчува кон неа со ‘ржење. Таа бега во грмушките, а кучето гордо се враќа покрај мене. Го викам Жучко и тој ми е најдобар пријател.
Одиме заедно преку една ливада и наеднаш, како пороен дожд, илјадници скакулци врз нас. Трчаме, но веќе не знаеме каде. Овој пат Жучко не може да ме спаси. Ми се пикаат насекаде, под облеката, во ушите, во очите. Некој ме крева и ме изнесува надвор од облакот зелени суштества со крилца и ноџиња кои никогаш не престануваат да се движат. Ги отворам очите.
„Добар ли си?“ ме прашува женски глас. Ја препознавам. Тетка ми ме држи во рацете додека солзите се слеваат по моето лице, валкано од сено и слама, земја и пот. Сепак плачам.
Следното утро тетка ми ме буди и ми дава стегачпотник за раката, бидејќи знае дека од сите спортови најмногу сакам тенис. Денес е мојот роденден и имам осум години.
[1] „Некои мислат дека нѐ носи грешен тек, зашто слушаме плочи и свириме рок. Но некаде во нас е пламенот на битките, и ви велам, она што добро го знам: сметајте на нас!“(Стихови од песната, Računajte Na Nas! на групата Rani mraz од 1978 година.).
[2] Flash Gordon (1980), британскоамерикански научнофантастичен и акционен филм, заснован на истоимениот стрип на Alex Raymond. Филмот е во режија на Mike Hodges и со Sam J. Jones во главната улога.
[3] E.T. the ExtraTerrestrial (1982), американски научнофантастичен филм, на Steven Spielberg со Henry Thomas и др.
[4] Mad Max 3: Beyond Thunderdome (1985), австралиски постапокалиптичен акциски авантуристички филм режиран од George Miller и со Mel Gibson во главната улога.
[5] Robin Hood (1973), британскоамерикански анимиран филм продуциран од Walt Disney Productions.
[6] Back to the Future (1985), американска научнофантастична авантура и комедија во режија на Robert Zemeckis со Michael J. Fox во главната улога.
[7] Commando (1985), американски акционен филм во режија на Mark L. Lester со Arnold Schwarzenegger во главната улога.
[8] The Goonies (1985), американска авантура и комедија во режија на Richard Donner со Sean Astin, Josh Brolin, Jeff Cohen, Corey Feldman, Kerri Green, Martha Plimpton и Ke Huy Quan.
[9] Weird Science (1985), американска тинејџерска научно-фантастична комедија во режија на John Hughes и со Anthony Michael Hall, Ilan Mitchell-Smith и Kelly Le Brock во главните улоги.