Америка (извадок)

Извадок од романот „Америка“ на Жарко Кујунџиски.

1.

 

Америка…

Замислете го Америка Берти, човек до глуждови заглавен во песок, зграпчен во триесет пати по триста шеесет и пет-триста шеесет и шест дена поминати во радост, тага и во дремка. Сто осумдесет и три сантиметри од превоите на испуканите табани до темето со два вртлога на гребените од цилиндричната глава. Мирис на јутена торба натискана со риген. Глава како стебло на калемена цреша. Црна коса и небесно сини очи задавени во отсутност. Морско сини. Тукушто излезени од триесет и седум промили солена вода.

Прсти накривени надесно. Пркнати влакна на градите. Квадрицепсите мазни, кафеноцрвени точки по грбот кои во сенките на есента се претвораат во суви дабови лисја врз каллива козја патека. Ако можете да си го замислите сето тоа заедно, сето тоа сошиено, прикрпено и набрано во целина, целина колку што човек може да биде целина, тогаш го замислувате Америка Берти.

А, сега, замислете го Америка мокар од глава до петици и како од мајка роден.

 

 

2.

 

Америка Берти газеше по песокот свлечен до гола кожа – кожа ту разлупена, ту поцрнета – гледајќи право во сонцето, лимон-шапка прикачена на хоризонтот од која тој, како зајци, ги вадеше своите ситни, долго квачени одлуки.

Беше два часот и седум минути. Се разбира, попладне.

За дваесет и четири минути, излегувајќи на макадам-патеката, Америка Берти ќе се размине со Доницети Тартуљи, таткото на класниот другар Гвидо Тартуљи, кој одеше кај неговата сопруга. Беше мртва седумнаесет години. Во прецизно следениот распоред, во истиот интервал од денот, минуваше три пати неделно, седумнаесет години. Кога луѓето немаат друга работа седат со четири во вис, пијат засладен чај од камилица и тоа го нарекуваат посветеност.

Двајца мажи се разминуваат и си кимнуваат со главата. Едниот со кожа поцрнета. Другиот вечен вдовец.

За два часа и дванаесет минути Америка Берти ќе стигне дома. Косата веќе ќе му биде сува. Сè дури не се искапе, неколку светликави зрнца песок помали од зрнца песок ќе му отсјајуваат на прашалник-челото.

Потураат изгор врела вода во големо буково корито со обрачи од метал. Пареа што мириса на поткиселена шира.

Едно од поголемите песокчиња што Америка ќе го остави во плацот на градоначалникот каде што му дозволија да го потпира велосипедот врз камењата од старата кула додека си брка работа во близина, мачката Фрида ќе го пренесе на бирото во работната соба на градоначалникот. Домаќинката ќе го префрли во кујната со крпата за отстранување прашина, а подоцна ќе го замеси, заедно со тестото за питата со вишни. Мажот ѝ ќе го скриши четвртиот заб во горната вилица, десно. Ќе опцуе:

– По ѓаволите!

Потоа ќе викне:

– Дева Марија!

И, ќе го исплука забот. Никогаш нема да откријат што е тоа што тој ден му даде ваква неочекувана насока на забното здравје на градскиот татко.

Америка Берти, точно во четиринаесет и десет, ја исчешла косата, чешелот што до вчера бил слоновско ребро го врати во џебот од кошулата, ги навре своите гаќи од чист етиописки памук, а пантолоните – не истресувајќи ги од правта – заедно со кошулата, ги префрли преку левата рака.

Неговата влажна кожа забрзано испаруваше додека по целата глава му се слеваа капки вода. Набљудуван од примерна близина – соседната песочна дина или врвовите-игли што треперат низ шамакот – изгледаше дека плаче по нешто што неповратно исчезнува. Така изгледаше.

     

 

 

3.

 

Римјаните го напуштија апартманот во пет часот попладне по локално време. Откако мина туширањето и жештината.

Надвор лиеше. Од калаисаните лимени отвори по уличните вирови се слеваа клобурци, формирајќи воздушести ридови. Во нив – заглавени семиња кантарион – проѕирни куполи од невидено тенко стакло засадени со растително семе. Како и секогаш, клучот го оставија под саксиите невен залепени до цоклето. Само што овој пат нема враќање. Не се качија да се ценкаат како што и не се поздравија со никого.

Заминаа тивко, без врева во која ќе си ги повторуваат своите имиња и меѓусебно ќе се опоменуваат:

– Да не ја заборавиш рогозината!

Додека жената ги држеше торбиците, мажот ја потпре дворната портичка и ја чуваше со стапалото за да не избега под притисокот на пружината. Децата трчаа кон паркиралиштето. Чадор немаа.

– Туристи – рече Америка навален на симсот од прозорецот и гледајќи како Тинтинио станува дел од големото синило долу и големото сивило горе. – Не сакаат да поминат ниту еден дождлив ден на море. Луѓето немаат време за расфрлање.

– Заминаа? – праша Мајра Берти.

– Заминаа.

Пред да се запознаат, Мајра беше Матараци, а пред тоа Лука. Сега: Мајра Берти. Обично име, како пудинг од чоколадо.

 

 

4.

 

Кога се земаа, кога почнаа да живеат заедно, Мајра Берти имаше две деца зад себе.

Шест години повеќе од него.

Дванаесет фустани и седум пара започнати, но недоизносени ракавици.

Мерак по цимет и запечена корка од портокал.

Сè донесе со неа: децата, годините, пасиите.

Како одминуваше времето, децата и годините растеа, чевлите и ракавиците се кинеа и ретчеа. Се уверија дека свилата, тулот, сатенот, гумата, сомотот, волницата, кадифето, преработената кожа од животни како коза или антилопа, траат достаточно кратко. Листата на кусовечни нешта ја бележеа уредно, во крајноста на животната треска. Снегот во март, шашавата среќа, долгите нокти на мажите, мирното море, џемот од рибизли, јодот во солта оставена на отворено, чистите прозорци, свежиот рузмарин… За неопипливите точки како пријателството или верноста, Берти сопругата и Берти сопругот, не одвоија место на краткиот попис ставен врз салфета донесена од Лас Вегас. Нешто што звучи како оаза. Оаза на тилот на светот.

Мајра Берти пекаше по ракавици.

 

 

5.

 

Се сретнаа три години порано. Америка превезуваше риби до Бари. Во единственото камионче што можеше да се најде во периметар од дваесет и два километри околу Тинтинио. Во светот тогаш имаше скоро четири и пол милиони камиони. Во околината – едно единствено.

Во првата и, веројатно, последна тура на Америка надвор од градот. Тоа беше деловна рута.

Се сретнаа на железничката станица, перон седум. Рибата убаво спастрена во гајби. Тук-таму некои претнуваа. Повеќето беа испоцркани. Мирисаше гадно. Додека работниците претовараа, Америка, по играта на среќата, случајот и неколку мали, но значајни причини како жегања под жолчката и пролив се најде на патот на патниците на линијата Алтамура – Бари.

Дотогаш четири пати пристапил на девојка.

Жана С. не го ни погледна. Девојка од постарите одделенија. Ѝ бараше молив на заем. Имаа по десет години. Помалку-повеќе.

Ива Феручи се насмеа. Го бакна во образот и избега. Секогаш кога повторно ќе се видеа, се смееше како блесава и ѝ шепотеше нешто на другарката до неа.

Со Гера беа заедно три часа. Од Кај Тито лижеа сладолед од ванила и шумско овошје. Отидоа покрај морето. Морето во кое зуеја илјадници оси. Морето кое пред спиење беше од квасец. Ги ставија нозете во водата и гледаа во сонцето. Америка можеше да издржи гледајќи постојано во кружната вжештена маса без да ги затвори очите. Таа мижуркаше и не трпеше ни половина од минутата. Она што го доживуваа еден за друг во тие моменти на молк и здивови беше… фасцинација.

Му ја стави раката на градите. Америка првпат почувствува дланка на девојка близу својот стомак. Не престануваше да зјапа во вжарената сфера, па во далечините, некаде зад јадранската линија вода, каде што би требало да живеат луѓе што никој во Тинтинио не ги познаваше. Си заминаа набргу. Со мирис на блуткаво по колениците. Сакаше да ја испрати до врата.

– Татко ми ќе ме убие!

Таткото кој убива додворувачи на неговата ќерка. Тоа е веќе нешто од што човек вреди да се уплаши.

– Оди си оттука!

Не доби ништо како за цел ден поминат заедно. Само поглед. Збогум-поглед. Синкав како морето каде што нема алги. Само вода. И окати животинки. Морето со звукот на зовриено и натапането осило. Потоа, таа се стрча по удолницата. Го гледаше нејзиното невешто накривување со левото стапало. Не се сврте ниеднаш, од пред неговиот нос до носот на строгиот татко што ја убива кога се враќа од состаноци со момчиња. Следниот ден шетаа рака за рака со Карло Рети, доведен на свет четири и кусур години порано од неа. Му стрчеа коски од секаде. Никогаш не прозбореа како оној ден со размрсулавени нозе.

Последниот пат, Америка пристапи како што се пристапува на билетарница.

– Каде одите?

– Палезе.

– Јас… ја чекам тетка ми.

– Убаво.

– Требаше да дојде пред два часа.

– Тоа е многу време, дури и за вакво место.

– Времето е прибирливо. Некогаш го замислувам како отсечка која нема крај. Не ти дозволува сешто. Времето. Тогаш е како… како…

Се чини дека ќе каже Отвори се Сезаме или нешто достојно на тоа. Овој човек кому му се лоши од патот.

– …Лига од полжав.

Никој не знаеше на што падна Мајра. На Америка ниту му одеше со жените, ниту беше философски тип кој со часови дебатира за темите на свеста. Кога мудриот човек, со или без брада, би требало да го опише Америка, би требало да размислува прилично долго. Иако е прилично мудар. Не верувам дека би можел да каже нешто поприлично од:

– Облак.

Кога Америка ја запозна Мајра, за луѓето беше tera incognita. Дете што од утре ќе порасне. Еднаш ќе се разбуди рано наутро и ќе биде голем. Возеше велосипед на едно тркало, ги брцнуваше рацете во морската вода и гледаше како под прекршените зраци им се менуваат формата и големината и не работеше ништо… сериозно.

     

 

 

6.

 

Америка го биваше за механика и превозни средства. Тоа беше талент со тапија. Види, најпрво научи да го вози камионот, оној единствениот на дваесет и два километри, дури потоа проба и без проблеми успеа со сè друго – коли, мотоцикли и точаци.

Мајра ги имаше двете девојчиња. Пет и три години.

мерика немаше отидено подалеку од Бари, повеќе од еднаш.

Мајра носеше исклучиво фустани на фалти и, кога немаше домаќински работи, ќе ги навлечеше ракавиците и чевлите од комодата каде ги чуваа важните нешта и ќе му се обесеше на Америка околу вратот.

Во дневната соба на Берти висеше стар ауспух светнат до совршенство, ама не и мотор.

Мајра и Америка никогаш не се зедоа со брашнасти бонбони, пченица и ориз, букет фрлен наназад и славје до зори, при што сватовите ќе блујат во грмушките. Сепак, еден за друг, ги користеа термините сопруг и сопруга.

Таков беше договорот, ако постоеше договор.

 

 

7.

 

Кога едно големо дете што се вика Америка има дваесет и седум, тие околности не се идеални за брак.

 

 

8.

 

Америка и Мајра Берти живееја во континентална Европа.

Живееја во јужна Италија.

Регионот се вика Апулија.

А тоа беше Тинтинио.

На полпат меѓу Монополи и Бриндизи.

Лесно е да се привлечат шетачи заинтересирани за море и малку историја. Во Бриндизи умрел Вергилиј. Стар поет кој пишувал исклучиво ремек-дела. Монополи, на сосема очигледен начин – поврзан со друштвената игра. Математичарите би ја одредиле местоположбата со прост зафат. Отвор од шестар зададен по слободна мера – се збрцува еднаш во Бриндизи и еднаш во Монополи и се образуваат два лака. Онаму каде што лаковите се сечат – се повлекува права. Каде што таа линија го пробива брегот на Италија, треба да пишува, со ситни, најситни букви: Тинтинио. Во туристичките информатори стои дека Tintinium му е античкото име; на удар од грчко влијание – од 8 век пр.н.е.; има катедрала.

Занимања: риболов и туризам.

Америка, прав тинтиниец, се занимаваше со обете, по малку.

Куќата на неговото семејство имаше два влеза со по два ката, т.е. приземје и кат.

Едниот дел припаѓаше на Џулијано и Гарда Берти, татко и мајка на Америка.

Гарда Берти умре зиме, туберколоза, Америка беше на седум години.

Една недела подоцна, замина и Џулијано Берти. Замина, така се вели. Подобро – неговиот дух отпатува. До мигот кога смртта е констатирана како трајна состојба на неговото тело, не пројавил здравствени аномалии.

Во тој период, малиот Америка ги учи буквите и првпат навежбува како се пишува зборот куќа.

      Casa.      

Каза.

Куќа. 

Вториот влез припаѓа на братот на татко му.

Амаро Берти. Амаро Берти е без жена. Амаро Берти никогаш немал жена. Амаро Берти ќе се олади без да заспива покрај некоја. Амаро Берти се грижел за Америка од неговата седумгодишна возраст.

Го научил на семејниот занает. Ловење риби. Тегнеле јажиња и печеле туни, шкампи, сардини, пастрмки, понекогаш, и октоподи. Кога ќе тргнело.

Амаро исчезна на море ден пред Америка да полни осумнаесет.

Тинтинио зборуваше:

– Каква несреќа!

– Уф!

– Тоа беше отисок од пијавица!

Здодевна приказна.

Двата влеза по двата ката му припаднаа на Америка. Многу простор за самец.

Го напушти риболовот. Ја преуреди куќата и се занимаваше со хотелиерство.

Контактите се остваруваа преку агенти кои доаѓаа запотени, бозел под мишките, влажни јаки, распетлани чворови на вратоврските. Потпишуваа договори во кои стоеја проценти, сметки, чудни графички знаци и туристи што се расположени за расфрлање.

Тоа звучеше топ.

Тоа одеше лошо.

По некое време, му се врати на стариот риболов.

Понекогаш, во вечерите крај печката што баботи и потпукнуваат дрва, пред да го направи вториот специјалистички преврат, Америка Берти го чешаа дланките. Му недостасуваше болката кога јажињата се зариваат во месото од размавтаните перки што се борат за спас изразен преку сопствената рибја слобода. По некое време, човек се привикнува на секоја болка. Таа, дури, станува очебијно потребна навика. Не му е така на спржениот ослиќ во тавата што Мајра ја натопила во зејтин за да го прослават ненајавениот дожд.

Токму баталувањето на професиите му го даваа на Америка тој несериозен профил во мислите на другите. Човек што сака да се обогати, никогаш не го фрла уловот назад.

Сега се занимаваше со обете зашто не беше лесно да се исхрануваат четири усти.

Америка, Мајра, Венеција и Катанија.

 

 

9.

 

– Никогаш не би смислил поубави имиња, ако требаше јас да избирам. Венеција. Катаанија…

Долго а, прелетано т.

– Суштина на убавината – ќе кажеше Америка и ќе се искезеше три четврти.

Мајра и Америка. Беа смешни заедно. Минатото избиваше од секоја пора на нејзиното тело а неискуството во корупка од бадем го опфаќаше торзото на Америка.

Додека шеташе по плочникот, на нејзината кожа можеше да се види Ајфеловата кула, плантажи портокали, црвени дворци со распукани ѕидини, две црнкињи галат делфин, лустери со висечки кристали и симфониски оркестар.

Очите на Америка беа неговата кожа. Во нив беше одразот на градот, сонцето и морето. Едно пресупериорно жолто и прелесно сино. Не го беше поминал делот од детството кога се крадат јајца од гнездата на дивите птици по околните ридови – јастреби, соколи, орли и други грабливци. Америка ќе видеше гавран и ќе кажеше:

– Птица.

Ќе пролеташе галеб.

– Птица.

Тоа, отприлика, беше тој.

Мајра враќаше со смеење.

Велат дека во таквите моменти се сфаќа колку животот е едноставен, убав и простран. Реченица која звучи лепливо.

Прост како заб што самиот испаднал.

Убав како светлина во сеното низ дупките на покривите од малите амбари зад куќите и простран како Италија.

Реченици на кои порано жените би се возбудиле. Излитени реченици пред да биде измислена брзината на механичките справи и релативноста на сè што постои.

– Како чизмата на Италија – Марко Бравони уживаше во споредби.

     

 

 

10.

 

Кој не го познава Марко Бравони. Човекот со незгодна смисла за компарации и хумор. Тука е и трговијата – кога веќе се набројува – нешто што треба да стои прво.

Од нив живееше: хуморот и трговијата. Трговија и китнест шарм.

Од Милано му носеа костими што едноставно чадеа од босилок и билни екстракти кои го замајуваат паметот. Имаше сјајна насмевка и мрсна коса. Прамените вгнездени во очите. Чешкање кое иритира. Глумеше дека не му пречат.

Возеше Фиат 500. Според градските муабети, како еден од првите што си го набавил новиот модел, клучевите му ги врачил лично Џовани Ањели. Тополино. Најдобриот автомобил во Тинтинио. Единствениот автомобил. Автомобил на кој просто не може да се одолее.

Двете возила што имаа мотор беа негови. Негова гордост и спас, повеќе – гордост.

Децата беа недоделкани парченца челик, кога стануваше збор за магнетот Марко Бравони. Трчаа по него и му се качуваа на задниот браник и лајсните отстрана. Табличките расклимани од крпени коленици и шпицови на чевли. Му пееја песни – неговите омилени шансони од плочата што директно од најснабдената фонотека близу Монмартр ѝ ја нарача на единствената слободна средовечна женска во радиус од седум запирка три километри. Лесно певливи рефрени во кои очите се секогаш полни солзи а срцата скршени од невозвратени чувства што залутуваат по ендеците на осамените гребени. Зборови полни згрутчен бибер.

Бравони некогаш ги трпеше, но некогаш им свиреше со сирената и запенето ги бркаше чопорите палавковци што баш на патот сакаа да скокаат школка или да се балосаат со играта што ја викаа свиња.

Кога ќе средеше некоја зделка, ќе го закочеше автомобилот и преку спуштениот џам им сипаше грстови бонбони. Овие алчно ги грицкаа и им се расипуваа забите. Нивните татковци и мајки, работници по плантажите и работилниците на Бравони, мораа да ги носат во нападно изјодираните ординации на лекарите за заби надвор од Тинтинио. Повторно, на радост на децата – светот е таму – и на додатни нервози на возрасните – големите трошоци се притаени во заседа надвор од градот.

Родителите го мразеа Марко. Беше преполн пари и им се мешаше во личниот живот. Имаа стварно добра причина. Им ги расипуваше сметките и забите на децата.

Марко Бравони ги седнуваше Венеција и Катанија на своите коленици и во устите им буташе карамели, кандирани шеќерчиња спакувани во Неапол.

Америка редовно се противеше.

– Дај, Катааанија!

Мајра ги собираше шушкавите хартивки во нешто што наликува на албум за опаковки. Сместен во комодата, со она што останало од обувките и низата краткотрајни нешта.

Беа роднини, кумови ли, што и да е, комплицирано за објаснување. Марко не знаеше како. Америка не знаеше како. Покрај куќата, тоа беше уште една работа што Америка ја наследи од неговите. Една од оние работи што може да се допрат. Доколку му се посака.

Марко тешко престануваше со скоцканите petit bonbon. Девојчињата мислеа дека има волшебни џебови. Но, слатките им се одмилуваа. Често ги плукаа штом ќе избегаа од неговото стол-колено и од смрдливата уста. Никој не е сјаен. Марко Бравони беше познат по реата што ја ширеше кога ја отвораше устата. Од неа останува талог во утробата, насекаде, во цревото долго дванаесет палци. Црвјосан вргањ после дожд. Затоа постојано носеше бонбони со себе. Поради здивот. Очигледно, не му помагаше.

Бравони ги гледаше децата како негови. Самиот имаше син. Покус за шест години од Америка и побогат за деветнаесет од постарата ќерка на Мајра. Не живееја. Фасцинацијата од воената дисциплина, редот, обуката да се убива, ситниот калибар, одамна го катапултираа далеку оттука.

Третата работа поради која Тинтинио го мразеше Марко Бравони. Фашист, моментално вкотвен некаде меѓу Малага и Гвадалхара. Ретка добра причина зошто да не ти е криво кога нема да го видиш синот три години и чифт месеци.

Марко сакаше да му помага на Америка кога на овој ќе му згуснеше. Поради децата и поради самиот себе, чувството на самозадоволство што го дава милосрдието. Овој пат понуди кеш. Америка не сакаше да слушне. Одмавна со главата и погледна низ прозорецот. Група момчиња задеваа магаре. Го удираа со прачки по ушите како овенат фикус. Животното не се помрднуваше. Го плукаат а тоа ги гледа.

Марко ја подаде раката:

– Партнери. Сакаш ли да бидеме партнери?

– Какви ми ти партнери?

– Бизнис. Ќе почнеме трговија со маслинки. Наскоро, северно од овде ќе никнат дрвја на претек. Цап, цап, цап, како еже. Ова е шанса да се обогатиме.

– Ти си богат.

– Ти не си. И, никогаш премногу. Кога ќе станеш, а еден ден ќе бидеш тоа, дебело пиле на кои му се дупнуваат џебовите од топови банкноти, ќе видиш дека никогаш не ти е доста.

Америка беше рибар и издаваше апартмани. Понекогаш, за кумот, го возеше камионот што го полнеа морски живинки. Или го поправаше. Иако, сврти ја како било, рацете ќе ти бидат црни како серија животи да си поминал берејќи тутун, за него, тоа беше далеку од секаков бизнис.

Ортаци. Хе!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.