Извадок од романот Архангел – Ослободување на ѕверот на Даниел Бибовски.
Имаа уште неколку часови лет додека конечно под нив не се појави еден голем град со многу спортски арени. Една од нив беше мошне поголема од другите и Биви се упати токму кон неа.
„Ова е салата Мегнанимус“, објасни Биви. „Таа е дом на клубот Бониаск, каде што тренер е Реми Рос. Тоа е најтрофејниот клуб овде. Предлагам да го ѕирнеме.“
Слетаа на огромниот паркинг пред арената и Адам забележа дека ова е првпат да се на место каде што сите врати одговараат на големината на Биви.
„Мора да се вклучиме во клубот. Само тогаш ќе инсталираат корисни работи на нас“, посоветува Биви. „И подобро е да кажеш дека роботов го контролираш само ти. Можно е да нè избркаат ако знаат дека змејов има вештачка интелигенција.“
Без проблем влегоа низ првата отворена врата.
Пред нив се отвори огромната сала Мегнанимус и Адам веднаш се потсети на салата Лотос. По големина можеби таа е единствената која би ù парирала, но за разлика од неа, овде средишниот дел беше одделен со дебел стаклен ѕид од трибините. Кога Адам погледна кон центарот на арената, виде и зошто. Таму беа собрани околу дваесетина роботи, претежно поголеми од Биви, и беше јасно дека ако не беше дебелиот стаклен ѕид, ќе беше многу опасно да се гледа нивната борба.
Биви тргна накај групата роботи и тие веднаш го забележаа. Зад нив се појави еден маж со црна коса и малку брадичка. Носеше темносини пантолони и црна маичка со кратки ракави и беше особено набилдан. Имаше зрел и строг израз кој го наведе Адам да мисли дека сигурно има околу четириесет години.
„Добар ден“, поздрави Адам преку разгласот: „Јас сум Адам, а ова е мојот робот Биви. Би сакал да се вклучам во вашиот клуб“.
„Здраво мали, јас сум Реми“, поздрави Реми со самоуверен тон, чиниш тој е десет метри поголем од металниот змеј, а не обратно. „Слушај, имаш убав робот, но не можеш тукутака да влезеш во мојот клуб. Ова е Бониаск. Мораш да покажеш дека вредиш за да бидеш со нас. Дојди утре во девет. Ќе има квалификациски мечеви. Ако поминеш ќе се приклучиш.“
„Но, ние сме многу силни.“
„Сите го мислат тоа“, рече рамнодушно Реми и тргна назад.
„Се гледам утре.“
Адам го погледна анимираниот т-рекс.
„Кажи ми, мислиш ли дека можеш да ги победиш оние џинови онде? Сепак, никој од нив нема квантен компјутер.“
„Според она што можам да го изанализирам… да, можеме да ги победиме во борба еден на еден. Имаш право, сепак се управувани од луѓе.“
„Супер“, се израдува Адам, кој знаеше дека калкулациите на Биви се секогаш точни. Го вклучи повторно разгласот.
„Господине Рос, ако го победам вашиот најдобар робот овде, ќе ми дозволите ли да се вклучам веднаш?“
Реми, кој речиси се изгуби меѓу роботите, се заврти со фокусиран поглед.
„Дали си сигурен, мали? Внимавај, со фалбаџиите сме безмилосни. Може да го изгубиш твојот робот за помалку од минута.“
Адам подголтна, но Биви му одмавна со раката.
„Не плаши се, тоа се само зборови. Ајде да им покажеме дека заслужуваме да сме овде.“
Адам кимна.
„Свесен сум за последиците, но мојот робот е непобедлив. Пушти го твојот најдобар ученик да се бори со мене“, рече решително.
Реми дувна низ носот, но не се смееше.
„Звучиш самоуверено, мали. Ме направи љубопитен“, го сврти грбот и тргна накај роботите. „Коба, провери што знае малиот“, рече попатно.
Сите роботи се тргнаа од теренот освен еден. Човеколик и со два пара раце, роботот Коба гледаше застрашувачки кон Биви. Имаше сиво-зелени бои и беше сигурно неколку метри повисок од Биви.
„Ова ќе биде борба од прво ниво, нема летање и слободно предај се кога ќе решиш дека е доволно“, го слушнаа гласот на Реми преку разглас, иако него не го гледаа. „Па, борачи: Човекот во болница, а роботот во канта! Почнете!“
Адам немаше време да провери што значи прво ниво, бидејќи Коба се пушти фуриозно со своите четири тупаници. Биви отскокна настрана, а на Коба му требаше малку време за да ја совлада својата инерција и повторно да нападне. Но, Биви веќе ги пресмета неговите движења. Се заврти енергично и со својата огромна опашка го погоди Коба во левото рамо. Левата горна рака се откачи и падна.
Од присутните роботи се слушна нервозно ѕвечкање, а кој и да го управуваше Коба многу се изненади затоа што Коба направи неколку чекори наназад и стоеше како да не знае што да прави следно. Пак се реши да нападне, но Биви ја направи истата финта, прво отскокна настрана и брзо замавна со опашката, сега по десното рамо. И десната горна рака отпадна, а Коба сега беше видно растревожен. Не ни напаѓаше повеќе. Го крена гардот со другите две раце и чекаше Биви да го нападне.
„А што сега?“ праша Адам.
„Сега ова.“
Биви застана веднаш пред Коба, но не го напаѓаше. Коба се збуни. Му беше на дофат, но знаеше што ќе следува ако нападне со тупаница. Направи чекор наназад и замавна со десната нога кон главата на Биви.
„Колку си предвидлив“, рече Биви и исто како претходно отскокна настрана, но сега со опашката замавна над коленото на Коба. Не успеа да ја откине целата негова нога, но ја оштети доволно за Коба да не може повеќе да стои.
„Браво Биви!“ викна Адам радосно, знаејќи дека сега сигурно ќе победат.
Биви тргна накај Коба што беше легнат на грб.
„Доволно, мали“, го слушнаа гласот на Реми. „Сега ќе се пробаш со мене.“
Биви се заврти и со Адам видоа еден човеколик робот од црн метал, на приближно иста висина како Коба, но за разлика од него имаше само две раце.
„Ова е Бониаск. По него го именував клубот“, се слушна гласот на Реми од црниот робот, додека два други роботи му помогнаа на Коба да излезе од теренот. „Ајде, нападни ме.“
„Мислиш ли дека треба да сме загрижени?“ праша Адам.
„Не. И овој е сличен како претходниот.“
Биви дојде до Бониаск и застана. Чекаше тој да замавне и да му ја направи истата финта како на Коба. Но, Бониаск не нападна. Почна да се движи кружно околу Биви, постепено забрзувајќи. Во еден момент, веќе трчаше околу него.
„Ова е малку зафркнато, Адам. Можам да ги предвидам сите можни начини на кои ќе нè нападне, но не знам дали имам доволно брзина да изреагирам. Змејов е, сепак, наменет да го истражува Антарктикот, а не да се бори“, Биви стана малку загрижен.
Сепак, во еден миг оцени дека е дојден моментот за напад. Ја пресмета траекторијата на движење на Бониаск и замавна со опашката директно кон неговата глава.
Но, брзо сфатија дека Реми беше многу поразличен од пилотот на Коба. Бониаск отскокна наназад и Биви го промаши. Сега му беше свртен со грб и Бониаск скокна со сета сила кон него. Го фати за двете крилја одзади и со еден удар со нога го ничкоса Биви на земја. Сè уште му ги држеше крилјата, а ногата ја стави веднаш до кабината во која беше Адам.
„Да беше официјален меч сега ќе ти ги откорнев крилјата и ќе продолжев да те мавам додека не ти го демолирав роботот целосно“, го слушнаа Реми.
Бониаск ги пушти крилјата и се врати чекор назад.
„Имаш потенцијал, мали, но очигледно ти било поважно роботов добро да изгледа отколку добро да се бори. Имаш ограничен број на движења и за кратко време секој ќе може да открие како да те победи.“
Биви полека се исправи.
„Знам дека има уште многу да учам. Затоа сум овде“, рече Адам. Бониаск стоеше мирно некое време и тогаш се наведна. Од средишниот дел на неговите гради се отвори една комора и Реми
Рос излезе од неа.
„Излези, сакам да те видам“, рече тој. Биви се наведна и Адам излезе од него.
„Значи, ти си Адам“, рече Реми како да очекуваше нешто друго. „Колку години имаш?“
„Петнаесет.“
Реми го гледаше уште некое време.
„Во ред, примен си“, се заврти и тргна накај Бониаск.
„Супер“, се израдува Адам. „Кога почнуваме?“
„Утре сабајле во девет.“
Адам сакаше да праша зошто не веднаш, но сфати дека е подобро да си премолчи. Најбитно е дека се примени.
„Благодарам, господине Рос.“
„Викај ме само Реми. И тргни се побрзо, имаме тренинг“, рече Реми и влезе во Бониаск.
„Во ред. Се гледаме утре.“
Биви се заврти и излегоа од салата Мегнанимус.
„Супер, Биви, влеговме!“ рече со смеење Адам. „Ти беше неверојатен.“
„Благодарам“, на анимираниот т-рекс му поцрвенеа образите.
„Се надевам ќе успееме да инсталираме нешто корисно на тебе.“
„Ќе видиме утре. Ајде сега да најдеме место за да преспиеш.“
Прелетаа до центарот на градот Мегас и забележаа дека овде не беше чудно да шетаат по улица. Улиците беа широки и многумина веќе се возеа во огромни роботи. Градот беше навистина интересен. Кога се стемни, најдоа еден хостел каде што не се плаќа и отидоа таму. Биви отиде да најде станица за гориво, а Адам се истушира и легна да спие. До доцна размислуваше што ќе се случува утре.
Следното утро беа во Мегнанимус уште во осум и триесет. Зачекорија на тврдиот терен, а бидејќи немаше никој, Адам излезе од Биви и почна да ја разгледува арената.
„Какво ли е чувството да се бориш во официјален меч, а Биви?“ праша возбудено додека ги гледаше трибините.
„Верувај мали, неверојатно е“, слушнаа еден неочекуван глас.
Реми само што зачекори на теренот. „Многу си подранил.“
„Едвај чекам да почнеме“, рече Адам, а Реми дојде до Биви и почна да го набљудува.
„Од каде го украде роботов?“ праша тој, а Адам се скамени.
Зарем знае?
„Не го украдов, тој ми е… тој ми е од… аа… сам го направив.“ Реми се насмеа.
„Не можеш да ме излажеш мене, мали. Го знам секое метално ѓубре во градов. Ова не е од овој град и не е робот направен за борби. Си го дигнал од некаде. Но, уживај, не е моја грижа тоа. Со робот кој е најверојатно направен само за патување успеа да пружиш добра борба. Импресиониран сум“, се сврти кон Адам. „Ајде до работилницата. Барем да му ставиме уште некој зглоб во рацете. Досадно е да напаѓаш само со опашката. Вози по мене“, се заврти и тргна накај една огромна зелена врата на крајот од арената. Адам без збор влезе во Биви, крајно благодарен што Реми не го мачеше за тоа од кај му е роботот и уште повеќе што не ги прија-
ви во Бастион.
Влегоа низ зелената врата во широк ходник, на чиј крај беше работилницата. Таа беше голема околу една третина од теренот за борби. Милион метални делчиња беа растурени на сите страни, а на многуте огромни маси беа легнати огромни роботи или делови од роботи, спремни за поправање. Адам го забележа Коба на една маса од лево.
„Еве, паркирај го тука“, покажа Реми на еден закосен полукружен ѕид.
Биви застана таму и Адам излезе.
„Кабелов поврзи го со змејот“, рече Реми и му подаде еден долг кабел. „Ќе му ставиме нови појаки зглобови на нозете и целосно нови раце за да може да удира боксови“, тргна накај компјутерот во аголот.
„Биви, каде имаш приклучок за кабелов?“ шепна Адам на својот часовник.
„Под левата рака“, го слушна Биви преку бубачката. Адам го приклучи кабелот.
„Одлично, сега да видиме“, рече Реми и на мониторот почна да ги гледа перформансите на металниот змеј. „Да, како што ти реков. Овие спојки и зглобови се за робот кој е наменет за патувања и слични работи, но не за борба.“
Адам почна да се туфка. Што ако открие и каков е процесорот…
„Уживај, Адам“, пак го слушна Биви. „Тој гледа само тоа што јас му праќам да види.“
На Адам му дојде срцето на место, но Реми изгледаше како да се сомнева во нешто.
„Ме чуди како успеа да го зададеш оној удар со опашката?“ Адам почна забрзано да мисли.
„Повторувај по мене“, почна да шепоти Биви. „При нагло забрзување и брзо свртување налево, опашката продолжува да се забрзува и да замавнува со целата своја тежина во…“
„Па, претпоставувам тоа доаѓа со време“, почна Адам со свои зборови зашто советот на Биви му се виде прекомплициран. „По многу обиди и грешки, некако научив кога треба да свртам со опашката за да зададам таков удар.“
„Хм, со среќа со објаснувањето“, рече зајадливо Биви.
Реми се сврти кон Адам. Погледот му беше без израз како и обично, но тоа што некое време гледаше во него, Адам го сфати како израз на почит. Неколку роботски раце почнаа да ги отшрафуваат рацете и нозете на Биви. Како што рече Реми, на нозете само му ги сменија спојките со поцврсти, а рацете целосно му ги заменија со нови. Тие беа поголеми и посилни, но исто сиви како претходните.
„Сега сме многу помоќни, Адам“, го слушна возбудениот Биви преку бубачката. „Со овие канџи можам да распарчам каков било метал. Тешко на Бастион сега.“
„Ајде враќај се во салата“, рече Реми. „Сакам да ги видам твоите вештини.“
Во салата беа стигнати шест роботи, а нивните пилоти стоеја пред нив.
„Екипо, ова е Адам. Адам, ова се Дравин, Џиленд, Моника, Елена, Конор, Макале и Рохон“, како ги набројуваше така сите креваа рака.
Дравин имаше робот што личеше на жолта мачка по име Жолтка, Џиленд имаше сив робот како сумо борач по име Чаби, Моника имаше женски рокенрол ангел по име Лава, Елена имаше трицертопс исправен на задните нозе како човек по име Бинго, Конор имаше огромна богомолка со сечила наместо раце по име Скитер, а Макале имаше бела мечка по име Мени. Рохон беше без робот затоа што неговиот Коба уште беше на поправка. Сите беа приближно колку Адам. Реми му кажа дека поискусните пилоти имаат тренинг од пет попладне.
Сите влегоа во своите роботи. Реми прво им даде вежби за удари со раце и нозе, а во некои случаи и опаш, а потоа ги подели во парови. Адам се падна со Дравин. Имаа вежби за напад и одбрана, а по некое време паровите се менуваа.
Но, Биви имаше право, тој сега беше навистина многу посилен. Ниеден од роботите не можеше да му парира. Сега освен удар со опашка, можеше да скокне силно кон противникот и со многу поагилните раце од претходно да зададе силен удар.
Околу единаесет им се придружи и Рохон со Коба, но како и преостанатите беше слаб за Биви.
Сите мислеа дека Биви е контролиран од Адам и сите беа воодушевени од неговите маневрирачки вештини. Само еден човек беше резервиран.
„Има нешто чудно со твојот робот, мали. Но, не можам да видам што“, рече Реми замислено откако Биви без многу напор го победи и Чаби, роботот на Џиленд.
Тренингот траеше до пладне, а Реми им рече да дојдат и на следниот, во пет попладне. Адам и Биви се нацртаа во Мегнанимус во пет, а исто така и преостанатите. Но, сега им се придружија и други роботи, возени од постари и многу поискусни пилоти. Адам ги гледаше внимателно, прашувајќи се дали имаат шанси против нив. Но, Реми не им дозволи да тренираат заедно туку одделно, на другиот крај од теренот. На групата која беше утрото во девет, Реми им даде да вежбаат тактики за борба двајца на еден и тројца на еден. Биви, како и претходно беше неверојатен.
По околу еден час, имаа кратка пауза. Под јужната трибина имаше една мала кујна и сите се упатија таму.
„Леле Адам, каде ли ги научи сите тие движења?“ го праша Моника додека си ја полнеше чашата од блискиот апарат за вода. Каде тренираше претходно?“
О, боже, еве пак, си помисли Адам. Што ли да кажам сега?
„Си тренирал во клубот Гораион во Бисумаруку“, го слушна шепотот на Биви. „Кај тренерот Јамато Камиа и…“
„Вистината е дека немам официјален тренинг…“
„О, вистина, пак не ги сакаш моите совети?“ се навреди Биви.
„…но патував многу со мојот робот и патем се стекнав со овие вештини“, Адам пак одби да се вплеткува во лаги.
„Навистина? Каде конкретно?“ праша Елена.
„Па, поминав некое време во градот Добра Надеж во Африка, потоа во Тера Нова во Јужна Америка, а попатно и во неколку други. Сите се од различни заедници, но кај сите добив солиден тренинг.“
„Тоа е најчудниот начин на тренирање што сум го слушнал“, се вмеша и Џиленд.
„И јас исто“, му шепна Биви со потсмев.
„Знам дека е чудно. Во Добра Надеж, на пример, научив брзо да се движам, а во Тера Нова да избегнувам удари и брзо да нападнам. Но, каде и да одев, знаев дека овде е вистинскиот тренинг.“
„А, од каде ти е роботот?“ праша замислено Конор.
„Паузата заврши, ајде назад!“ грмна Реми од теренот.
Адам си помисли ќе го избегне ова прашање, но сите уште љубопитно гледаа во него.
„Ааа, од… од Архангел 2009 е.“
„Навистина?! Зарем ќе им кажеш?“ викна на слушалката Биви.
„Заедницата на Терафилите го добиле за да истражуваат, но бидејќи не се многу по вакви технолошки работи, успеав да ги убедам да ми го продадат“, рече Адам и се сети на нешто друго. Знаеше дека ќе го прашаат и од каде потекнува, па: „Јас инаку сум од градот Араиал до Кабо, тоа е во заедницата Медитација“.
Се чинеше дека немаше повеќе прашања бидејќи сите станаа и излегоа.
„Си станал опасен лажго“, го задеваше Биви кога Адам влезе во кабината.
„Еј, остави, едвај чекам да дојде денот кога ќе ги скратам сите овие глупави лаги“, шепна на часовникот, а лицето му доби сериозен израз. Отсекогаш мразеше да лаже. Секогаш ја кажуваше вистината дури и да му беше незгодно. Но, сега навистина не можеше.
Тренингот заврши во седум. Адам се поздрави со другите пилоти и тргна накај Биви. Но, Реми дојде до него.
„Мали, сакам нешто да те прашам, го тргна малку настрана. Слушај, единствено место каде што имам видено страст за натпреварување како твојата, се моите очи кога ќе ги видам во огледало. Затоа мислам дека можам да те прашам за ова. Ми треба услуга од тебе.“
Адам стана љубопитен, а Реми се доближи уште малку до него.
„Има еден турнир по име Метална кланица кој го правиме еднаш на три месеци. Сакам да учествуваш.“
„Секако“, веднаш рече Адам. „И јас сакам вистински да се тестираме со Биви.“
„Тренерот на клубот Граната, еден самобендисан глупак по име Гастон, пред неколку месеци беше во заедницата Воин и оттаму донесе еден моќен робот по име Хомини. Не знаеш колку ми иде на нерви од тогаш. Не е дозволено тренерите да учествуваат и затоа јас не сум се борел со Хомини, но никој од моите ученици не може да го победи. Мислам дека ти ќе можеш.“
„Кога е турнирот?“
„Задутре навечер. Но, види, ова е малку поинаков турнир. Борбите се многу пожестоки. Секој пат ја менуваме локацијата, но најчесто е некое отворено напуштено место.“
„На отворено место? Но, зошто не е во официјална сала?“ му се виде чудно на Адам. Реми малку се разврти.
„Работата е што иако со години се трудиме Метална кланица да го направиме легален, од ССУНВ уште не ни даваат дозвола. Сметаат дека поради жестината е опасен и дека вакви натпревари треба да се одржуваат единствено во Воин. Дури го ангажираа Темниот Генерал за да спречи овој турнир да се одржува. Но, тоа нема врска. Досега нема настрадано ниеден пилот и затоа ние сепак го одржуваме турнирот.“
„Кој е Темниот Генерал?“ името го направи Адам љубопитен.
„Не знаеш кој е Темниот Генерал? Зар не си слушнал за Африканскиот конфликт?“
Адам не забележа дека подзина. Зарем и овде ќе биде малтретиран со лекции од историја?
„Имам слушнато, но што има тој со тоа?“
Реми направи гримаса која значеше: сериозно ме прашуваш?
„Нема врска, заборави го Африканскиот конфликт. Темниот Генерал е висок офицер во Бастион и веќе извесно време живее во Мегас само за да ја спречи Металната кланица. Досега сме се извлекувале без проблеми. Турнирот го правиме четири пати во годината, а утре е пролетниот дел. Жесток е, но и супер интересен. Размисли добро. Ќе те сфатам ако не сакаш да учествуваш.“ Адам се замисли. Можеше да западне во многу неволи зара ди ова. Мораше да се консултира со Биви пред да каже што било.
„Ќе ви кажам утре, во ред?“
„Во ред.“
Адам кимна и тргна накај Биви. Влезе во кабината, но не тргнаа веднаш.
„Слушна ли, Биви? Реми сака да учествуваме на некој жесток и плус нелегален турнир. Мислиш ли дека е тоа паметно?“
„Да, слушнав. Во друга ситуација веднаш би ти рекол дека тоа е лудост, но…“ анимираниот Биви издиша со поткренати веѓи. „Искрено сметам дека не сме во опасност од овие роботи. Од друга страна, ова е добра пригода да тестираме колку сме подготвени за бастионците. Не заборавај, овде сме да се спремиме за провалување во станица на Бастион. Тоа сигурно е многу поопасно и понелегално од Металната кланица. Не знам, оставам на тебе да одлучиш.“
Адам се фати за брадата.
„Со новиве работи кои ти ги инсталираше Реми, драстично си поопасен. Мислам дека треба да учествуваме. А ако работите тргнат наопаку, едноставно, можеш да одлеташ, така?“ Анимираниот т-рекс кимна со раширени раце.
Адам ја отвори кабината.
„Реми!“ викна, а тренерот уште беше близу и се сврти. „Сметај на мене.“
„Не ти требаше многу време“, рече Реми со насмевка но и видлива доза на почит.
Кабината се затвори и Биви излезе од Мегнанимус.