Архангел – Ослободување на ѕверот (извадок)

Извадок од романот Архангел – Ослободување на ѕверот на Даниел Бибовски.

Адам се заврти и од дупката на подот, каде што почнуваа скалите, виде еден бастионец со пушката вперена кон него.

„РАЦЕТЕ ВО ВОЗДУХ ИЛИ ЌЕ ПУКАМ!“ грмеше бастионецот. „КОЈ СИ ТИ?! ОДГОВОРИ МИ!“

Но, одговорот дојде однадвор.

Попатно кршејќи неколку прозорци, подот и дел од таванот, Биви се втурна молскавично во просторијата. Не го собираше цел, но најде место да го извади ласерот и со брзина и прецизност што може да ја има само квантен компјутер, ја погоди пушката на бастионецот, притоа, воопшто не повредувајќи го него.

Бастионецот почна да се врти во паника, двоумејќи се дали да му ја здувне по скалите надолу.

„Рацете во воздух или ќе пукам!“ Биви, во недостиг на креативност кога се работи за вербална агресија, ја повтори фразата на бастионецот, а тоа беше доволно тој да се здрви во место и целосно да го напушти планот за бегство.

„Адам, ниедна од камерите не е поврзана со системот“, рече Биви малку изиритирано.

„Но, зар не беше сигурен дека светилников е поврзан со дискотеката?“

„Беше до пред да тргнеме. На интернет-страницата на дискотеката, во живо може да се гледа од камерите на светилников. До пред да тргнеме си работеа одлично.“

Адам мавна нервозно по компјутерот пред него.

„Имаме ли други опции?“ праша, а Биви се заврти кон бастионецот.

Тој, сè уште здрвен во место, некако успеа да си го најде гласот.

„Кои сте вие? Ве молам не ме повредувајте. Јас само си ја вршам работата“, почна да цивка.

„Дали твојата работа е да обезбедуваш светилници?“ праша Адам, алудирајќи на неговиот необичен ангажман.

„Што ви е битно? Јас првпат ве гледам и не можете да барате да ви ги објаснувам наредбите од моите претпоставени“, тој настапи храбро, но Адам го забележа дека глуми.

„Јас мислам дека можеме. Дојди малку поблиску.“ Бастионецот за момент погледна кон ласерот на Биви, па на-

прави неколку чекори напред.

„Извади ја кацигата“, рече Адам со еден неприроден напор да звучи грубо и заканувачки, а бастионецот го послуша без збор.

Тоа беше еден слаб испиен човек со остри црти, тенки мустаќи и црни светкави очи.

Адам направи чекор кон него.

„Кажи ми, како да го поврзам светилников со дискотеката ’Вулкан‘?“

Бастионецот се разврти правејќи гест со рацете.

„Не знам, навистина“, изусти тивко, речиси збунето. „Дозволете ми да си одам, па правете што сакате со светилникот.“

„Ако не ми кажеш, ќе си имаш проблем со него“, додаде Адам, притоа покажувајќи кон Биви, трудејќи се тонот и понатаму да му биде заканувачки.

Но, бастионецот остана мирен.

„Веќе ти кажав, не ни знам за што зборуваш“, рече со невин тон, но очите му беа фокусирани. Ги рашири двете раце. „Ако не ми верувате, тогаш слободно пукајте.“

Адам не беше свесен дека малку подзина.

„Овој е искусен во вакви работи, Адам“, го слушна Биви на слушалката во неговото уво. „Мислам дека веќе процени дека нема навистина да го повредиме. Ако сакаш можам да му се заканувам уште малку, но, искрено не знам колку ќе помогне тоа.“

Адам гледаше здрвено во црните светкави очи спроти него и забрзано размислуваше.

Ова им е последна шанса да го разоткријат Данагер. Ако не ја снимат средбата со Лавинија, ќе немаат солиден доказ да го затворат, а пуштањето на кулите Тесла нема да биде спречено. Потоа ќе мора и да го предаде Биви на Архангел, а тоа ќе значи дека Биви неминовно ќе биде расклопен.

Не можеше тоа да го дозволи.

Со неколку енергични чекори застана пред бастионецот, а очите му станаа крвави од фокусирање.

„Што правиш?“ праша бастионецот, но Адам го игнорираше. Мора да го направи ова како што треба. Му успеа со Борис, мора и сега.

„Слушај, ако сакаш…“

„Замолчи!“ Биви го прекина бастионецот, а тој со бледо лице погледна кратко во змејот, па пак во Адам, но сега не се осмелуваше да рече што било.

Адам не можеше да воспостави конекција, но не се откажуваше. И понатаму зјапаше во црните светкави очи, пробувајќи сè што досега научи за 3-Фи. Немаше друга опција. Или ова или ќе се збогува со Биви.

Бастионецот помина со раката по тенките мустаќи, правејќи зачудена гримаса, но тогаш…

Адам почувствува работи кои не беа негови, а тоа значеше само едно: конекцијата беше воспоставена и сега чувствата на бастионецот беа негови. Се задлабочи во нив најсилно што можеше.

Му се згади од она што го виде.

Бастионецов беше толку желен за пари и моќ што немаше нешто што не би направил за нив, колку и да е тоа неморално или неетички. Немало потреба Данагер да му се заканува дека ќе повреди некој негов близок ако не прави како што ќе му каже. Го придобил со многу поедноставни работи како пари и ветување за унапредување.

Адам не можеше да ја скрие одбивноста кон овој човек, но му дојде една идеја.

Се заврти и дотрча до Биви. Влезе во комората и почна да ги отвора левите прегради.

„Што бараш, Адам?“

„Тука некаде ги ставив.“

„Што тоа?“ Биви беше збунет.

Но, Адам го најде тоа што го бараше. Се симна од кабината, сега цврсто држејќи ги златно-жолтите очила кои Рафики му ги даде во Добра Надеж.

„Имам една понуда за тебе“, рече гледајќи во бастионецот.

„Илјада матинзи за информацијата како да го поврземе системот на светилников со дискотеката ’Вулкан‘.“

Бастионецот уште гледаше здрвено. Во еден момент неговиот благо растреперен и збунет израз го замени една калкулантска гримаса, со мала злобна насмевка под тенките мустаќи.

„Пет илјади матинзи“, рече остро.

„Илјада. Тоа е сè што имам.“

Бастионецот гледаше мирно во Адам, како уште да пресметува.

„Ајде, немаме цела вечер!“ згрме нервозно Биви, а тоа се чини го затвори договорот.

„Во ред“, бастионецот ја подаде десната рака, а на зглобот се појави една тенка црна алка. „Префрли ги со шифриран непосреден трансфер.“

Адам кимна. Не беше сигурен како функционираат очилата, па го стисна единственото копче на нив. На надворешната страна се испиша: илјада матинзи и до нив опциите за трансфер. Одбра шифриран трансфер и го испиша износот кој сака да го испрати, односно илјада. Ги доближи очилата до алката на бастионецот.

Парите се префрлија и бастионецот се исклешти. Се заврти и отиде на спротивниот крај на просторијата.

„Едноставна, но мошне ефикасна мерка“, се наведна и вклучи неколку кабли во штекерите на ѕидот. „Најефикасен начин за заштита од хакерски напад е исклучување на компјутерот кој ги вмрежува двата система.“

Адам го зеде кабелот на Биви и повторно го поврза за најблискиот компјутер.

„Добро е, Адам. Имам пристап до дискотеката“, шепна Биви преку слушалката.

„Па, господа, дали сега можам да заминам?“ праша бастионецот мошне претпазливо.

Адам се сврте кон Биви.

„Да, но во договорот е вклучен и твојот транспорт“, Биви го откачи кабелот од компјутерот и го грабна бастионецот.

„Што, по ѓаволите?“

„Се враќам веднаш“, рече Биви и полета од стражарницата, со канџите цврсто држејќи го избезумениот бастионец.

Адам остана да гледа збунето. Биви леташе ниско над морето и полека го спушти бастионецот во водата. Направи круг и за неколку секунди повторно слета преку истиот отвор во просторијата.

„Пресметав дека ќе му требаат триесетина минути додека да доплива до брегот. Потоа, и да нè пријави ќе му биде доцна.“

Адам погледна кон морето и се насмевна. Малку груба, а сепак ефикасна мерка.

„Само една работа не можам да сфатам Адам“, додаде Биви со доза на иронија. „Цело време успевавме бесплатно да најдеме и храна и сместување и гориво, а види за што ги потрошивме сите пари.“

„Претпоставувам човековата алчност е последното нешто што ќе се демонетизира“, ги крена рамената Адам.

Без да губат повеќе време, Адам повторно го поврза Биви, а тој го извади мониторот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *