Атена со пенис (извадок)

Извадок од книгата „Атена со пенис“ на Александар Русјаков.

Дванаесетта глава: Во паника лесно се станува поет

Пиреј е троскотна трева, ама има луѓе што така ја викаат и фризурата на Виктор кога е во паника. Елена на пример. Оти Виктор понекогаш знаеше да паничи за глупости. За разлика од сега, кога паниката му беше совршено оправдана, затоа што по него трчаа петмина силеџии готови да го бришат асфалтот со него. Кога сега однекаде би го гледале синот и ќерката, ни сам не знаеше зошто помисли на своите близнаци. Ама го знаеше одговорот. Ги немаше ни видено, ни чуено Бојан и Бојана цели две недели.

Каков татко си ти, Викторе?

Неодговорен татко, си одговори. Некако му дојде логично да мисли на децата. Тие му се сѐ во животот, нормално е да мисли на нив токму сега, кога може да го загуби животот. Стравот во коските му го замени грижата на совест во мислите.

Бојан, ритамот на моето срце…

Бојана, мирот на мојата душа…

Човек во паника, дури бега од силеџии, лесно станува поет, наеднаш помисли Виктор. А поезија никогаш не пишувал. Ниту нешто посебно читал, ама еве сега, кога животот можеше наеднаш да му заврши, неговиот ум почна да штанца стихови.

Виктор бегаше.

И рецитираше во себе.

                        Очи затворам, мрак на очиве…

Не, нема симболика. Логично е ако затворам очи, дека мрак е пред очите, филозофираше Виктор бегајќи.

                        Очи затворам, мисла како птица исфрлам…

Ааа, така, има и ритам, лиричност…

                        Очи затворам, мисла како птица исфрлам,

                        млада женска, јас возрасен, сонувам…

Совршено… Совршено глупо!

                        Срамно е, ќе речете, нејзината ружа да ја посакам…

Не ружа, никако ружа, ружа е веќе старски, заостанато, ќе си помислат дека ја манијачам во некоја цветна градина… Ми треба нешто страсно, еротско, да знаат дека мислам буквално на нејзината пурпурна влажна влакнеста…

                        Срамно е, ќе речете, јас возрасен,

                        нејзината пудла да ја посакам…

Пудла, путка, уф грозно… Нејзината цреша, праска, дуња, аман сѐ е веќе искористено како замена за… ебате поезијата…

                        Срамно е, ќе речете, јас возрасен,

                        нејзината Фејсбук страна да ја отворам…

Фејсбук, а? Тоа е модерно, ама никој нема да помисли метафорично на нејзината…

                        Очи затворам, мисла како птица исфрлам,

                        млада женска, јас возрасен, сонувам,

                        срамно е, ќе речете, нејзината снага да ја посакам…

Ете така, златна народна поезија…

                        Срамно е, ќе речете, нејзината снага да ја посакам,

                        ама јас, ни со срам, ни со перде не се покривам…

И сега што? Знам јас сега што…

                        …очи затворам, мисла како птица исфрлам,

                        млада женска, јас возрасен, сонувам,

                        срамно е, ќе речете, нејзината снага да ја посакам,

                        ама јас, ни со срам, ни со перде не се покривам,

                        оти сакам од смртта меѓу нејзините нозе да се сокривам…

…и оп, ете ме мене во полициска станица обвинет за пропагирање педофилија… Еве вака, како во старите добри времиња, секогаш палело…

                        …очи затворам, мисла како птица исфрлам,

                        тебе татковино и на стари години те сонувам,

                        срамно е, ќе речете, татковината во стих да ја затворам,                        ама јас, ни со срам, ни со перде не се покривам,

                        оти сакам до смртта само татковината да ја опевам…

Генијално! И оп, Струшки вечери на поезијата…

Виктор наеднаш застана. Немаше веќе ни душа, ни стихови во него. Нека ме убијат, си помисли, сеедно ми е. Се заврте. Празно. Немаше никој. По него не трчаше веќе никој. Виктор почна забрзано да зема воздух, за да не умре тука, на лице место. Дури успеа да забележи дека е близу до својата куќа. Човек секогаш несвесно бега накај дома, така си помисли, освен ако не бега од дома. Од каде ли само оние глупави стихови во него, се запраша. Миле, Боби, Цаца, Џиџи, Чаки, некако му дојде нормално по ден исполнет со вакви имиња, човек да почне да размислува во рима.

Виктор тргна полека накај дома, одвреме-навреме обѕрнувајќи се назад да не случајно од некаде се појави непријателот. Му дојде и смешно дури. Сите изминати настани беа до таа мера чудни што некако почна да гледа на своето секојдневје како на водвиљ. Комедија на забуни. Нискобуџетен трилер. Здодевен софтпорн.

Хирс лукинг ет ју, кид! Слушни ме ваму, ова ќе го кажам само еднаш! Ќе ти понудам нешто што не можеш да го одбиеш! Сем, свири го тоа повторно Сем! Значи, ќе ти понудам нешто што не можеш да го одбиеш, затоа што драг мој Тото, јас и ти веќе не сме во Канзас, туку во Скопје. Затоа дечко, ајде, исполни ми го денот! Нека силата биде со тебе, ама јас го сакам мирисот на напалм од сабајле. Молам? Што? Мене ми збориш? Јас не гледам никој друг тука, значи мене ми збориш? И запамти, после сѐ, утре е нов ден! Мама секогаш викаше, животот е како кутија со чоколада, никогаш не знаеш што ќе добиеш, а знаеш и сам, мајката е најдобар пријател на секое момче, да не биде после, ај си дет пипл. Не ме терај да ти кажам, ал би бек. И сам знаеш, никој не е совршен. Утре ќе се запрашаш, дали сум среќен, така ли е ѓубре, а јас ќе ти речам, сеј хелоу ту мај литл френд и шоу ми д мани! Шоу ми д мани!!! Ха, ајде, не се плаши! Ајде, ајде, И Ти гоу хоум! Гледам јас дека ова ќе биде почеток на прекрасно пријателство! Аста ла виста бејби!

Доста халуцинирам филмски реплики, си рече. И Виктор влезе дома.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *