Азбука на игранка (извадок)

Извадок од книгата „Азбука на игранка“ од Бранко Прља.

 

 

 

Ѓубре (пред врата)

– Се забранува фрлање или оставање на отпадоци, ѓубре и нечистотија во на скалите или други заеднички простории. – од „Куќен ред на заедницата на сопственици“, член 16, став 1.

Азбука на игранка 2Ѓубрето немо седеше пред вратата на еден стан во една зграда. Неговите кутри очиња погледнаа тажно кон бројката која висеше над нив како лош предзнак – 13.

Од другите кеси имаше слушнато за осаменоста, чевлите кои ги одминуваат и се преправаат дека кесите не постојат, за изгубената надеж и сонот за раце кои посегнуваат по нив. Но, ништо не можеше да ја подготви за она што доаѓаше.

Деновите изминуваа, а храната во неа почна да скапува, миризбата беше толку неподнослива што со секој здив таа се задушуваше. Залудни беа криците, молењето, посегнувањето кон чевлите кои доаѓаа и заминуваа. Заборавена, осамена, борејќи се против сопствените мисли и часовите кои изминуваа како денови.

Заминувањето на денот носеше надеж.

Тогаш во темнината можеше со радост да ги пречека бубачките кои сè уште се интересираа за неа додека весело чепкаа по остатоците од храна и полните детски пелени. Ах, каква радост! Но, каква горчина носеше изгрејсонцето, колку печеа првите зраци кои живот за сите други значат. И потоа – отклучувањето на вратата, бавната смрт на надежите… Кога глеј! Раката се придвижи кон неа и радоста го исполни нејзиното скапано срце.

„Што правиш, кулираш тука, а?“ рече другата кеса со ѓубре и задоволно го смести сопственото полно тело веднаш до неа, без никаква почит за приватен простор.

„Ах, ова ќе биде долга недела,“ помисли нашата кеса и потона во сопствените мисли.

Живуркање

Да живееш скудно и одвај да наоѓаш средства за живот.

Азбука на игранка 3Животот во еден свет и не е толку лош за обесправените. Таму постои агенција за вработување на питачите. Кој успее да помине, облека скината добива и обука за однесување поминува.

Од 9.30 часот наутро, до 5.30 часот навечер тие се на терен, на раскрсница или на улица. И никој прозорец не им затвора, ниту со зборови лоши ги нагрдува, да, тие во овој свет имаат достоинство и ги сметаат за вредни сожители.

Колку само муабети корисни се случиле на раскрсниците во тој свет, во таа куса минута патникот дур чека зелено да засвети, питачот со неговите зборови знае да го просветли. Патникот се насмевнува и питачот го наградува, додека бурната река од коли го продолжува својот тек само за момент сопрена во времето и просторот.

 

 

Игротека

Кованица од термините „игра“ (активност без практична причина) и „дискотека“ (клуб во кој се танцува на музика и честопати има кичест декор и пренагласено осветлување).

Азбука на игранка 4Итно соопштение за родителите:

Постоеше едно време кога немаше игротеки, организирана забава од-до, со нарачан кетеринг и забавувачи,

365 родендени годишно, пластични торти и кловнови со нацртани насмевки… и сè сервирано, само да биде практично. Родителот нека да плати сè, а ти дете, колку сакаш на клацкалката клати се!

Во тоа време заборавено, чиниш пред илјада години изминато, само добро друштво требаше и ништо повеќе. Сок за пиење, а грицки за јадење, музика за секој, за забава сите во строј. Игри измислувај, смешки кажувај, слободно и без сценарио, нема прв и втор чин, без „татин син“, или „мамина маза“, права детска оаза.

„Веднаш ќе се скараат,“ велите, но не!

Кога детската фантазија живее слободно, секое дете е среќно!

 

 

 

Љубомора

Чувство на завист кон некого поради нешто.

Љубомората еднаш ме чинеше скапо, а сега ќе дознаете и како.

Стариот морски пес со изострен слух за проблемите на бродот, Капетан Петко, беше човек од аристократско потекло кој во младоста се бунтувал против авторитетот и неправдата која неговите богати претци им ја нанеле на сиромашните.

Со една вреќа алишта врзана на стап и една корка леб заминал во белиот свет. Во потрага по работа завршил на еден трговски брод и го заобиколил тогаш познатиот свет. Но, иако постар и поискусен тој сè уште бил разочаран од животот. Го напуштил светот на богатите за повторно да им служи како морнар на брод кој се бори со бурите и опасните морски ѕверови за да ги задоволи себичните потреби на истите вампири.
Азбука на игранка 5
И токму кога неговото незадоволство го достигнало врвот бродот бил нападнат од пирати. Нашиот херој, привлечен од смелоста и слободниот дух на пиратите, им се придружил. Така започнала сагата за овој легендарен пират кој генерации морнари ќе го паметат како своевиден Робин Худ на морињата кој целото богатство грабнато од аристократските бродови го делеше на екипажот и сиромашните. Народот на пристаништата го пречекуваше како Дедо Мраз.

На неговиот брод, иако беше населен со разбојници, владееше совршен ред. Морнарите се почитуваа и помагаа, ги негуваа правилата на доброто однесување и културата беше на високо ниво.

Поради тоа воопшто не ме зачуди кога бев избркан од таму поради моето парадирање на палубата во скапа облека и блескав накит. Капетанот ме испрати со пораката: „Ако ја преферираш сопствената комотност пред добросостојбата на бродот, твоето место е во морето со ајкулите.“

Тогаш верував дека само ми љубомори, но многу години подоцна дознав дека не бев во право. Што и да беше вистината, тоа беше крајот на моите морски авантури.

Од „Дневникот на еден морски пес“

 

 

Мобилен телефон

Апарат кој може да прима и предава телефонски повици преку радио врска во движење. Првиот мобилен телефон потекнува од 1973 г.
Азбука на игранка 6
Мамооо! – Дете плаче, татко за глава се фаќа, мајка збунето гледа – дома настана права врева. Мобилен мора да се има, најнов модел, фраерски цел, прашање е на гордост, инаку брука ќе пукне, а можно е и глава да напукне – училишната толпа не му простува на оној кој не се вклопува. Родителот за карактерот на сопственото дете се грижи, каков пример ќе му даде ако му дозволи по предмети да се залуди и да има сè што сака и од другите потврда за тоа да бара. „Нека се скара, заби нека покаже,“ за’ржа таткото. „Во болница ли сакаш да го гледаш, аптека менза да му биде, леле детето ќе ми го уништиш!“ зацимоли мајката и така додека семејната драма се одвива, Рекламната Индустрија зад сцена од смеа се кине, прирачникот кој во рацете го држи го затвора, станува, врз столот го остава и заминува.

Доцна вечер. Преставата заврши и стариот чистач кој ги собира остатоците од нечии некултурни навики помеѓу две седишта најде една заборавена книга. На корицата пишуваше:

„Скапа цена на среќата, прирачник за тоа како производите и предметите да ги заменат ѕвездите и идеите.“ Ја отвори книгата и зборовите заиграа пред неговите очи:

„Цивилизациите на антиката се изградени на обожувањето на ѕвездите. Да, човекот е како дете, сака светкави нешта и ние, градителите на новиот свет, најдовме начин да му ги обезбедиме…“ И понатаму: „Смртта на духот е нешто што треба да се негува уште од најрана возраст. Заедно, со безумниот сјај, ние ќе изградиме потрошувачки рај!“

Придушен пукот. Чистачот се струполи наземи.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *