Извадок од книгата „Азбука за нефизичари“ на Бранко Прља.
Бар[1]
Во бар, на дивиот Запад: „Што ќе се напиеш, странецу?”
„Еден лимон цеден, со мраз” странецот низ заби процедил и сите ги заледил.
Базалт[2]
„Ако веќе свирите метал, збогатете го со малку магнезиум” се обраќа нутриционист на металци кои бледо го гледаат.
Брзина на светлина[3]
„Наутро во домот на фотоните нема караници пред вратата на тоалетот. Аргументот ,не можам побрзо‘ секогаш победува.” од книгата „Животот на фотоните”.
Брауново движење[4]
„Работата во новинската куќа беше многу стресна. Постојано рокови, никогаш доволно време, уште и клинецот, го викаа Браун, кој ме вадеше од такт, а ми го дадоа да чиракува кај мене, некој татин син, глупав к’о маса за пинг-понг. „Господине, Вордот не сака да ми испечати еден документ!“ Глупаво детиште, вклучи го прво печатарот, па може честичките ќе заиграат на хартијата!“ (Од прирачникот за новинари со наслов За тоа како еден Браун ми го уништи животот)
Големата експлозија (Биг бенг)[5]
Едно утро г-дин Екс станал од креветот, тргнал кон бањата и чукнал на вратата. „Зафатено” слушнал од внатре. „Кој е внатре?” „Јас” „Кој јас?” „Ти.” Господин Екс се вратил во креветот, легнал и заспал. Сонувал дека целиот негов живот бил грабнат од неговиот двојник. Колку и да се трудел да направи нешто оригинално, неговиот двојник веќе го имал направено. Сѐ додека тој не станал неговиот двојник.
Галилееви сателити (месечини)[6]
„Галилео… Галилео… Галилееееј!” „Да!” се појавил Галилео на прозорецот, кога камен „Туп!” По глава. „Ах, тие геоцентричари,” изустил тој низ заби и на науката се вратил.
Галактичко јато[7]
Еден ѕвездичко заталкал на галактичка вечера, па сите го гледале попреку, големи и важни се тие, а тој мал и неугледен. Но, тој со живот зрачел, па сите со својата појава ги пленел и набрзо тоа Сонце и во ова друштво се вклопило.
Гравитациска леќа[8]
“Мори Мацо, каракацо, зарем само кора врз кора, а глувче одозгора јадеше кај вујче на гости?” го праша мајка му мачето. “Не, имаше и една леќа,” одговори мачето не знаејќи дека леќата светлината ја искривува и јадењето привидно го зголемува.
Електромагнетски спектар[9]
Њутн погледнал низ призмата и во тој момент пред него поминала неговата млада и привлечна слугинка, а тој ни да ја погледне, само во призмата гледа и, како дете, на боички шарени се радува.
Елипса[10]
Во светот на кружниците: “Си била една елипса, која јајце ја викале, а таа од мака се скршила.”
[1] Единица мерка на атмосферски притисок. Еден бар изнесува 100.000 паскали.
[2] Генерален термин кој се однесува на темни карпи составени од минерали богати со железо и магнезиум.
[3] Физичка константа. Се однесува на брзината на светлината во вакуум, се означува со „ц”. Нејзината вредност е 299,792,458 м/с и тоа е максималната брзина со која енергија, информација или материја може да патува. На светлината од Сонцето & требаат 8 минути и 20 секунди да пристигне до Земјата.
[4] Појава на хаотично движење на супстанции со полесна специфична тежина во некој флуид, гледано под микроскоп. Прв пат е воочена кај полен од цвеќе набљудуван во капка вода. Се објаснува со молекуларно кинетичка теорија. Молекулите на водата во течна состојба осцилираат хаотично и ги удираат другите молекули.
[5] Моделот или теоријата на Големата експлозија е широко прифатена (и потврдена со експериментални докази) космолошка теорија според која вселената започнала од сингуларитетот („точка” со бесконечна густина и температура) пред 13,7 милијарди години. Тогаш се случила големата експлозија и од тогаш вселената се шири. Џорџ Леметр, свештеник од католичкиот Универзитет во Лувен ја предложил оваа теорија, а истражувањата на Едвин Хабл укажуваат дека сите галаксии се оддалечуваат една од друга, т.е од одредена точка, што е потврда за оваа теорија.
[6] Името на четирите најголеми месечини на Јупитер, Ио, Европа, Ганимед и Калисто. Тие биле откриени независно од Галилео Галилеј и Симон Мариус.
[7] Компактно јато од повеќе галаксии. Се разликува од група галаксии по тоа што има повеќе галаксии, тие се покомпактни и имаат поголема брзина, како и меѓујатен медиум (Интрацлустер медиум или ИЦМ) – гас помеѓу галаксиите со температура 7-9 келвини. Се разликуваат од ѕвездени јата, отворени јата и глобуларни јата.
[8] Искривување на светлината од страна на силно гравитациско поле додека патува кон набљудувачот.
[9] Целиот опсег на различни видови бранови должини на електромагнетското зрачење вклучувајќи ги гама и икс брановите, ултравиолетовите, видливата светлина, инфрацрвените и радио брановите.
[10] Издолжена кружна форма. Јохан Кеплер открил дека орбитите на планетите се елипсоидни, а не кружни.