Извадок од романот „Бабаџан“ на Живко Чинго.
2. Децата што сакале блази работи
Среќлии, – рече Мајсторот, – не остана многу, вечерта на младо месечинче ги натоварија на лаѓата и си го продолжија патот. Ама дента цел ден преседаа тољку, колку за Солун да го запаметат додека се живи, што се вели, и да имат и за внучињата и за правнучиња да се кажува Големи, големи и мачни се македонските истории луѓе, не се докажуваат. Ка Галиба среќлии, рековме, галиба им се погоди денот, сатот што велат, тој ден да бидит некој голем турски празник, ја Курбан Бајрам, ја денот на Сазри Алија Војнствениот, зетот на Мурат, најблизок до Мухарем, а најблизок до Алах. Гледаат тука лаѓи, бродој, чуда, а од градов со свирки со музики се робој и робинки, слугинките измеќарите, а галиба и самиот Султан бил излезен на екскурзија низ Егејцкото море, подоцна тоа ќе го докажит Бабаџан Петиот, оти ќе бидит спасен од една царска лаѓа, и како се спријатели со Султанот, како стана негов службеник во харемите. Значи, не галиба, туку навистина султанот бил излезен на прошетка, а секогаш за Курбан Бајрам по рамазанот тој излегувал низ Егејцкото море оти испоснат и ослабен, а морската ава многу му го враќала куфетот и здравјето, егејцкиот ветар многу му ја закрепнувал и снагата и душата. А и по друго осетија мајсторите оти е голем празник и оти сигурно ја султанот ја големиот везир се дојдени на гости низ мачедонската земја, оти од сабајле кога втасаа на пристаништето, пак од квечерината, од месечинчето кога излезе и сите тие бели и убави лаѓи испловија сосе слугите и да течат со музика и свирки, прво се слушат по сиов град и миризби чудни и слатки, топлина мерак едно ветерче мирисат на море, на смокви, на перунија, на карпузојна, на сусам печен, на кафе, на маслинки на смола, на горко, на благо, само од мирисите да ти се засити душата, на печено овчо месо, на печено телешко, сиот Солун опојно мириса, на благојна, на шербетојна, умот да ти се сашчиса. Почна едно време на слугите коли карпузи пусти карпузи еден над триесет ока, божја земја, камен да посадиш ќе никне, тие пепуни како бебиња, одвај секој слуга по еден пепун и тоа јадри мажи, ебашки, црни луѓе, првпат тука видоа таква боја луѓе, едни кадифени очи, насмеани, семиња да се топат в уста, таков бостан. А кај нас тек тук по некое сливче аку беше цутено кога тргнаа луѓето, а таму зрело, втасано, ај карпузите и пепуните, кога почнаа портокали со кошници, табли на главата портокали, лимони, урми, суви смокви, табли со симитчиња, со бели лебој, зркнаа луѓето аманте не гледајте, не кревајте глава, не будалкајте се, ама која душа ќе истрае на царска гозба не виделе толку јадење и чуда, блази, шекерпарина, такви печени бутови овчи, телешки.
Од пиле млеко, што е на веков, царска гозба, нешто и на сон што не си видел.
– Исто, – рече Ристо.
– Не влегувај ми, де, во зборот, сега идат блазите да не ви зборувам за турски блага!
– Исто, пак тој.
– Исто, што бре Ристо исто, ти збор поинаков муабет не знаеш!
– Исто, велит Ристо, нека еф, нека кажат луѓево!
– Исто, велат први овчарите.
– Исто, потврдија и камнарите.
– Исто, ки ки, исто!
Нејсе, се насмејавме, ај сега да видиме колку е исто, ама и полошо. Кога дојдоа на ред тие пусти со златни сребрени чинии полжај, а децава зркнаа, полжај, какви полжај, бре будалишта, капени недокапени. Ами не знајме што се полжај, веќе дотолку не правете нѐ будали, туку сте однесени, полжај ќе јадит султанот. Ами што се, Ја опулете се двете четири кога содит човек на гурбет, Очи јагнешки, од цицалчиња и мозочиња со зачини, миризливи, нејсе тоа кога помна симичиња друзи, о, симичиња и бели лебчиња, децава веќе откавтија чи, Што е она, Симиче, Леле симиче, Настрана така стоеше тој султанскиот поет со еден многу побожен оџа, и ова му падна в очи и на едниот и на другиот. Дур му велат на чаушот, чаушот застана, а му рекоја нешто со дикат, на турски, на солунски никој да не дует и тој пеки, му се поклона на алаховите луѓе и му нареди на тие што носеја симичиња да му дадат на децата, деца како деца кога се зграбија, кога се здавија, а после од блазите, Немојте бре не лакомете, не земајте, ќе се отруете. Не бре, брате, едно дете од Благојче, од Блажескине, од ебанине, што ги кажуваат, Мене да ме запреташ во благо не се наситувам. А се посравме од гурбетот, рекоја мајсторите, зборви Марко, му велат на Марка мајсторот, тој нем, го касна змијата. Отука како што му покажаа поетот и оџата си одбра едно седумосум милосничиња а на другите му го сврте камшикот.
Вака се ранат јагнињата ѓурѓовденски, со леб и шеќерче, ај ќе дојдит ден ѓурѓовден ќе му го ставиш ножот, ќе го заколиш – една мака, ами вака цел живот да те колат, и пак недоклан, недоклан што те печат.
Кај ги однесоа, прашуваат. Ами ваму, го однесоја, на бања, го однесоја, тие недоискапени го однесоја на бања да ги доискапат.
Ќе се вратат, брат му. Ќе се вратат, ќе се вратат, како не, само да ги дотераат, да ги избањаат.
– Е аку е за тоа, аку, нека ги избањаат, што, добри луѓе овје како други турци!
– Други, други ќе видите до вечерта!
Квечерината баш почнаа да втасуваат затворените коли со срмените коњи, срма со злато, и од нив були во вереџиња и секоја галија по едно дветри кочии со анамчиња, Најпосле втаса една кола, сите убај буличиња, како од бостан со проба, со чукање што се велит кинати, ама од ова кола едни буличиња, една личотија, миризба тренфаилојна морисат, во едни бели прозиетни телцата, со извинение гашчиња искаиле, ги исчистиле, што се велит, му сирејот мајчин му го мениле, нежни крвки телца, бели и ичтав да ти дадат, да не се мачит светло султанско око.
– Кој се овие ороспивчиња, некое будалиште праша.
– Ороспивчиња се децата наши што беа толку мераклии на блази работи,
– Ами тие!
– Тие се ами кој, не гледате, како одат, му ги фрлиле инчињата, го облекле во сандалчиња, со едни пувки како трендафили црвени, гледајте како одат кутрите!
– Да се ќердосаат, ни ги запустија децата.
Блага работа, едно од Сосивци кога чул а и тој беше каснал некоја тулумба, одма на лице место, и дури беше жив во куќа нивна ни за свадби ни за крштавање слатко или мрмалад не оставаше да се варит, емиш не ти каснуваше, ништо благо, киселина и сол, јогурина, коркут ама нешто благо да не видит и да не му спомниш, целиот пат и сиот гурбет цревата си ги искина, а младич, седумнаесет осумнаесет години само што беше пред гурбет да одит и свршена остана вдојца несреќната. Истории нејсе.
Тоа ништо, тоа пусто по Блажевски братот, Луѓе, братот ми го зедоја, луѓе спасете ми го братот, Брате Благојче, на глас, мерме Јави се, како ќе се јавит после по Бабаџан V ќе видиме, оти тој го чул брата си, оти ќе се сретнат после, нејсе, ама устите му биле врзани, и не можел да му врати, кој ќе одговори јазикот ќе му биде пресечен, а виделе таму едно што припискало еким берберот од бајната оти пискотници и тој пред нивни очи со брич лесно му го откинал јазичето и парчето од јазичето му го покажал со рака, свите од близу да го видат, и не можел од тој страв да му се јавит на глас, најпосле така и ќе го убиет подоцна, во харемот како од сон глас го скорнал и не видел кај оди и што оди, глеми истории. Мајсторе, му се обеси да се прпелкат како гуштерица врати ми го братето, а кај ќе му го врати, отпловија галиите и се чуја пукања, двесет и четири гулиња, ги бројаја, се фрлија во морето, султански знак.
Тогај, по еден саат време, ги натоварија во трговскиот нивни брод, бродиште едно, долу една широка просторија во една темница, не како денешниве со италијански најлуксузни бродој и за секого кревече, кој сакат да јадит и пиет, па игранки, филм да гледат, да играт бало на бродот и да правит секакви будалии. Секој за куферчето счипчен и главата на куфер како на перница, нити ги сече, ни оти ги боли тоа место, молчат. Почна на сите да им свирит во ушите, да им пиштат змија како кога гори на оган. Од свекоја болест имат лек, за свирене .уши што лек, тоа многу го замисли Мајсторот Марко.
– Кога ќе ти дојт најтешко на душата, во таков час ќе го соопштиш аманетот, – му паднаа на ум зборојте од деда му Марка, на него беше крстен, тој го заучи за гурбет, тој го порасна и од него писмо и јазици изучи и да читат, и арапско писмо да толмачит и арапско писмо да пишува. Тешко му беше првпат на врвот на една џамија, ја заѕидаа, ја ѕидаа со песна, ама којзнае како, кога најгоре дојде, еден од мајсторите низ скелињата се лизна и кога го виде како парталец му се сврте умот и довечерта додека го чуваа, не што го чуваа, не можеја да најдат кај да го закопаат, толку измија, толку издија сега за едно гробче за нивниот човек немаше место во цела Бурса, тогаш сакаше првпат да изусти, да го спомне да го кажи аманетот. Историја, пак се сети, на дедо му. Повеќе пати ќе ти дојт тешко, немој да прелажиш, тешко човечки кога ќе ти дојдит, за нешто човечко тогаш аманетлиска работа се кажуват, тогаш фаќат нишанот, немој инаку, клето проклето. Сега некако човечки најпонижен, најнавреден, најздробено срце, му поминаа што на кол луѓе, на галија робје, војски, војници, деца во лулка како карпувчиња кај му ги сечат главите, и многу друзи работи, изгорени живи, недогорени, давени недодавени, од свите маки што ги виде мајсторот Марко во својот гурбетлиски век овеа мака сега му се виде најнечовечка, најстрашна. Човечко и ќе ја кажиш тога вистината, и нему му засвире во ушите од честа, од лажната човечка слава.
– О, господи, – рече Мајсторот Марко на глас, тих човек, а сега така на глас, о господи мој златен, од сѐ покусо од живи богатства, од берикет, од печалба, од имање, од животот, од млади години, од сѐ, само во едно господи, те молам, не оставај ме покусо, во човечкото, во теа! Си ја рече молитвата и ги собра свите деца, старо младо, како пилци, околу себе, му се врати некако душата и ушите му престанаја да потивна – Гајрет, рече, ајде сега да ја чуеме тајната на турското изворче, да ја видиме вистината, овја е сатот, синковци Амин!
Во темницата бродска само одвреме-навреме како светилки од очите во летно време а ќе се јави една, а друга ќе светне, а Марко, мајсторот вака почна:
– Слушајте сите луѓе мој а и ти Силко мој! Слушаш. Слушам. Е, вистина оти ова е вистината сега што ќе ја чуеш за турското изворче, а не кривата Муратова слива…