Балкански жртвен јарец (извадок)

Извадок од романот „Балкански жртвен јарец“ на Луан Старова.

5

Не мина многу време, кога стаса абер и од Брисел. Марио Дукаѓини беше примен за советник на мисијата Феникс, со сите можни позитивни поени, но и со специјална пофалба. Последните подготовки, пред заминување, требаше да се извршат во римската централа на мисијата Минотаур.

Марио, сепак, уште еднаш се сретна со професорот Маврицио Арбрини кој му даде нови документи за жртвувањето на Балканот. Меѓутоа, и на обајцата им беше јасно дека нивните идеи не се совпаѓаа докрај со строго утилитарните цели на професионалните хуманитарци. Повеќемина од нив беа појдени во балканскиот пекол да закачат уште по некој медал на градите. На Марио му преостануваше најтешкиот, практичниот дел на мисијата.

По долгите подготовки, беше закажан и денот за конечното составување на екипата.

Во салата за свечености на централата Минотаур, Марио Дукаѓини препозна неколку хуманитарци од испитот, а беа дојдени и некои од оние кои не го положиле испитот, со надеж дека некој од примените може да се откаже во последниот момент. На челната маса беа седнати раководителите на мисијата Миношаур. Среде беше лордот Џон Брајтон, потоа претставникот на Европската унија, амбасадорот Андре Сандстром, а крај него седна и секретарката која ги носеше досиејата на примените членови во мисијата. Прв се огласи амбасадорот Сандстром:

– Почитувани хуманитарки и хуманитарци, ве поздравувам од името на Европската унија во овој свечен и работен миг кога се составува екипата. Секоја наша мисија на Балканот кој е во пламен, може да биде од историско значење за нашиот континент.

Војната се проширува, расте бројот на невините жртви, но таа се заканува да ги мине балканските граници. Меѓутоа, вие, сепак, останувате само чесни и храбри хуманитарци, а вашата основна задача е испорака на хуманитарна помош за настраданите, особено во регионите на кои таа им е најмногу потребна.

На Марио Дукаѓини, седнат во последниот ред, почетокот на говорот му се виде патетичен. Хуманитарците од првите редови го поздравија со аплауз говорот на амбасадорот, Охрабрен, тој продолжи:

– Јас, почитувани хуманитарци, не би сакал подолго да се задржувам на целите на мисијата, Вие нив добро ги осознавте во текот на исцрпните подготовки, а многумина од вас имаат и поголемо хуманитарно искуство. Но, сега, би сакал да ги претставам членовите на мисијата.

Најнапред, имам чест да ви го претставам командантот, колонело Салваторе Бахамонте.

Претставениот стана, како по заповед, вистински колонело. Отпоздрави војнички и стоеше простум додека амбасадорот го дополнуваше претставувањето:

– Нашиот колонело Бахамонте, прославен хуманитарец од многу воени жариште во светот, сега го очекува можеби најтешката мисија. Тој многу добро ги познава Балканците. Ние имаме голема доверба во неговата професионална етика, По оваа мисија, нашиот колонело заминува во заслужена пензија.

Колонело Бахамонте и натаму стоеше простум, како пред свој генерал, а кога заврши претставувањето, тој повторно војнички отпоздрави.

– А сега, дозволете ми да ви ја претставам – продолжи амбасадорот Сандстром, – хуманитарката Корнелија Балдини, Нејзините гради ги красат медали од повеќе мисии во светот, Каде и да беше, таа често била изложувана, како и самите жители, на заканите и на стапиците на смртта.

Корнелија Балдини се поклони достоинствено, а во салата се разлеа силен аплауз.

– Да ви го претставам, сега, – се огласи амбасадорот, Марио Дукаѓини, од Калабрија, избран за советник за антрополошки прашања.

Некои од хуманитарците се погледнаа зачудено меѓу себе.

„Што бара сега овој млад човек, уште и антрополог, меѓу нас?“ – му шепна колонело Бахамонте на хуманитарецот до него.

Амбасадорот Сандстром како да ја насетуваше дилемата во салата при споменувањето на антропологот Марио. Тој продолжи:

– Вие сигурно се прашувате: зошто е избран антрополог во мисијата? За изборот се определивме од две при- чини. Прва цел на мисијата, како и досега, останува доставувањето хуманитарна помош. Но ние мораме да ги откриеме реакциите на Балканци во војна. Треба да го откриеме менталитетот на страдалниците, но и на тие што ги предизвикуваат нивните страдања.

Има укажувања од врвни раководни кругови на Европската унија, за среќа маргинални, според кои, Балканците, во меѓусебната војна, не го заслужуваат нашето поголемо внимание и военото ангажирање. Според истите кругови, најдобро е тие да се изолираат, да се остават со нивното архаично минато, да се остават со нивниот порив кон жртвувањето. А кога ќе се исцрпат од тоа, тогаш ние ќе им пристапиме, мирно, и ќе им ја пренесеме нашата европска цивилизација.

На Марио Дукаѓини му беа добро познати овие ставови и од разговорите со професорот Арбрини. Но, сега, го слушаше со сето внимание амбасадорот зашто неговите кажувања беа многу поотворени и поостри од оние, тивките, на професорот. Чекаше амбасадорот да заврши со своето говорење и да продолжи со неговото претставување. Меѓутоа, Сандстром си ја следеше својата мисла:

– Но, ние, поголемиот дел од раководството, не ги прифаќаме овие екстремни гледиште. Нашата стратегиска цел, на Балканот, сепак останува во првата фаза, строго хуманитарна, со што би ги направиле страдањата поподносливи.

Да им покажеме на овие луѓе дека Европа не ги заборавила! Ние мораме докрај да ги разбереме Балканците за да можеме да се разбереме подобро и самите себе. Да ја разбереме комплексноста на нивните менталитети, драмата на нивните животи, со сите разлики…

Во Европската унија, во согласност со нашите сојузници од НАТО, не е исклучена и воената интервенција, доколку не престане да се шири фашизираната националистичка агресија.

Меѓутоа, да се разбереме добро: Европа, сепак, се стреми кон мирна разврска на конфликтите на Балканот. Сега можеби ќе ви биде појасно зошто во вашата мисија имате и хуманитарец за антрополошки прашања!

Марио и понатаму стоеше на своето место. Го очекуваше крајот на своето претставување:

– Веруваме дека младиот Марио Дукаѓини, ќе биде достоен за мисијата, како прв антрополог во нашите хуманитарни акции на Балканот. Трудот што го изработи за прием во мисијата стана позитивна референца за вклучување на вакви профили во нашите хуманитарни мисии.

Амбасадорот Сандстром продолжи со претставувањето:

– Меѓу примените хуманитарци се и доктор Жерар Палмие, од Франција, и доктор Петер Нојман, од Германија.

Прв стана Жерар Палмие срдечно поздравувајќи ги присутните.

– Не беше тешко – рече амбасадорот, – комисијата да го избере Жерар Палмие, универзитетски професор и специјалист по невропсихијатрија. Тој многу добро го познава Балканот, особено јадранските брегови. Во Франција организирал прифаќање на многу настрадани Балканци, спасени од масакрите, особено на деца останати без своите родители.

Додека аплаузот наменет за Жерар Палмие не престануваше, амбасадорот Сандстром продолжи со претставувањето:

– Бриселската комисија се определи за изборот на Петер Нојман, од повеќе причини. Макар што и тој е учесник во неколку хуманитарни мисии, за неговиот избор за член и на оваа мисија беа пресудни и неколку дополнителни квалитети. Нашиот хуманитарец е философ, голем познавач на Емануел Кант, но се смета и за еден од најдобрите познавачи на европските птици. Воден од оваа пасија, неколку пати ги крстосувал и балканските планини.

И, на крајот, да ви ги претставам и пилотите на хеликоптерот на мисијата Феникс, доктор Џузепе Ломбарди и Алберто Риналди.

Прв стана пилотот Џузепе Ломбарди. Имаше херкулска става и енергичен поглед. Носеше кожена пилотска униформа, чиниш спремен да полета.

– Тешко ќе поверувате – се надоврза амбасадорот, – кога ќе ви кажам дека нашиот пилот е и прославен лингвист, Ги говори главните европски, како и сите балкански јазици, со нивните главни наречја. Откако успешно ја заврши својата универзитетска кариера, се препушти на своите две пасии: пилотирањето и хуманитарните акции. Макар навлезен во осмата деценија од животот, тој не само што не престанува да пилотира со мали и со големи авиони и со хеликоптери, туку често учествува и на спортски авионатпревари, каде што ги восхитува присутните со своите акробатски подвизи на небото. Во салата настана пријатна атмосфера и одекна силен аплауз.

На крајот, беше претставен и помошникот пилот и механичарот на хеликоптерот Алберто Риналди кој не само што беше воздухопловен машински инженер, туку и пријател на Ломбарди, негов копилот во многу други заеднички хуманитарни мисии.

Амбасадорот Сандстром, со одбрани зборови, го заврши претставувањето, проследено со бурен аплауз од присутните. Сите беа на нозе и не престануваа да ракоплескаат. Во салата влегоа келнери, со подавалници, полни со чаши шампањско.

Лордот Брајтон прв позеде чаша и рече:

– Драги мои хуманитарци, да наздравиме за успехот на вашата мисија на Балканот и на надежта што им ја носите на луѓето зафатени со страдањата од крвавите судири.

Од сите страни се слушна чукањето на чашите и жагорот од наздравувањето.

Лордот Брајтон, откако испи од шампањското, продолжи:

– Вие, од денес, почитувани хуманитарци, претставувате мало одбрано европско семејство, во значајна мисија што треба да ги покаже нашата моќ и нашето единство кога е во прашање помошта што траба да им ја укажеме на тие што страдаат…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *