Извадок од романот „Бело и црвено“ на Михајло Свидерски.
Август 1918 – Киев
Никита работи како писар во затворот. Ги запишува имињата на новодојдените заробеници, денот на нивното доаѓање и отпуштање. Но отпусната листа е секогаш пократка и секогаш помалку излегуваат, така често знаеше да се пошегува, ги нема оние што ја испуштиле душата меѓу решетките, паднати на влажниот под, вкочанети како смрзнато месо.
Така ми се скратува работата па не мора по цел ден да ги пребројувам и да ги препишувам. Ним им се скратува животот, мене ми се скратува работата. Јас ги дочекувам и ги испраќам, а секогаш ми изгледаат како различни луѓе. Лицата секојдневно им се менуваат и никој не изгледа како претходно. Само неколку недели од приемот, почнуваат да се топат како восок.
Силата им ослабнува, им се забрануваат мислите, им се одзема умот и ги напушта надежта. Тогаш почнуваат да се движат како духови невидливо по ходниците, од лелекања и крикови стражарите не можат да се напијат чај на раат. Мора да работат, да ги претепуваат, да им ги дробат забите, да им ги кршат прстите на рацете, да им ги раздрмаат вилиците, да им ги помодрат телата, за да заборават каде се родиле и која им е мајка. Само го чекам мигот кога истото ќе ни го прават и нам. Велат дека Црвените сѐ посвирепи од сè што може да се замисли. Пожестоки се од огнот, постудени од зимата. Нема да поштедат никого.
Не верувам дека ќе дојде до тоа, отсечно го прекинувам. Можеби само не сакам да поверувам во овие негови зборови, се спротивставувам само затоа што длабоко во себе не сакам да се случи она од кое се плашам.
Верувал ти или не, тоа е сѐ поочигледно. Татко ми велеше дека животот е тркало, Тихон. Вујко ми пак, секогаш кажуваше дека историјата се повторува, значи и историјата и животот се круг, заклучувам јас. Не сакам веќе да работам во затворот. Тоа е ужасно мачилиште. Секој ден фрламе лешеви како кучиња. Ги товариме на колата и ги праќаме од каде што дошле. Многумина не успеваат да го дочекаат крајот на својата казна. А најголема казна е да гладуваш. Од глад се полудува или се умира. Тоа е најпонижувачкото нешто што човек може да го доживее. Ние мора да ги казнуваме зашто владее сеопшта глад, па измислуваме дека сториле нешто ужасно, дека работат со пропагандна дејност меѓу затворениците, дека не го почитуваат редот, дека премногу спијат. Ете така сите гладуваат со месеци. Умираат по стотина на ден.
Барем им завршуваат маките, оти поужасно е да се преживува во затворот отколку да се умре. Да се умре значи да се живее вечно, вели и се прекрстува три пати. Јас седам потпрен на масата и му климнувам со главата.
* * *
По неколку дена разбрав дека Никита е регрутиран од Белите. По само еден месец Никита се врати од борбите. Но не е веќе истиот. Главата му е повредена, окото преврзано и секој ден го преврзуваат со завој. Но најлошо од сѐ е што тој не е оној стариот, не личи на себеси. Се отчовечи. Докторите велат дека има параноја. Мене постојано ми кажува како некој го следи, во доцните часови му влегува во собата и седи покрај него до креветот.
– Го бркам ама не сака да си оди. Седи по цела ноќ покрај мене и ме набљудува. Не можам да спијам. Имам болки во главата.
Наеднаш прснува да плаче како дете во моите прегратки. Јас онемувам пред овие зборови. Не знам што да му кажам. Немам зборови за утеха. А што можам да му кажам кога тој живее во друг свет, а овој не го разбира. Туѓ му е. Нашите светови не се пресретнуваат. Тој не го гледа она што го гледам јас, ниту јас гледам она што нему му се појавува. Не е долг мостот помеѓу реалноста и имагинацијата. Човек за малку може да премине од еден во друг свет, од видлив во невидлив. Не требало долго време за да го изгуби паметот. Привиденијата му зачестија и речиси по цел ден плаче испуштајќи крикови, се препелка во градината зад куќата, фрла камења по кучињата и завива како волк.
Го изгубив и својот пријател, сега нема на кого да се потпирам во тешките моменти. Такви има којзнае колку.
Неговата болест од ден на ден напредуваше.
* * *
Ноќва заробивме триесетина комунисти. Понижени лежат со рацете врзани и лицето кон земјата. Некој од нашите ќе помине и ќе му стапне на некој несреќник со ногата врз главата. Тој ќе вресне и од носот му бликнува крв. Најсвирепи во своите вештини беа Максим и Павел. Во импрозивираниот затвор од едно селско училиште, Максим и Павел беа командири на смена, а јас како чувар на дежурство се згрозив од нивната свирепа природа. Ноќта кога дежурав донесоа двајца комунисти. За да прозборат, Максим им ставаше вжештени игли под ноктите, а тие паѓаа во несвест од болка. Едниот се исправи и се обиде да замавне во знак на одбрана. Павел го извади ножот и му го пресече носот. Подот беше вир од црвенило. Човекот се превртуваше како риба на суво и се тресеше сè додека не искрвари. Другиот плачеше како дете и молеше за милост. Е тука нема никаква милост, му рече Павел смирено, земајќи ја својата вечера. На ова место милоста е отсутна. Тука јас делам милост и смрт. По вечерата, двајцата се испијанија до лудило. Максим заповеда веднаш да се доведат пет затвореника.
Се наредија во редица. Настана молк.
– Што да правиме со овие? – праша Максим.
– Тоа што заслужија, – се насмевна Павел, вперувајќи го пиштолот кон првиот во редицата.
– Како се викаш?- го праша.
– Сергеј.
– Види, Сергеј, го удостојувам Максим да ти пресуди.
Максим подиве. Го извади ножот, хистерично рикајќи и бодејќи го во стомакот. Тоа го правеше со задоволство и страст. Не знам колку убоди му нанесе, сѐ додека не му го распара стомакот. Најпосле ножот му го забоди во черепот и му ги извади очите. Насекаде по ѕидовите прскаше крв.
– Ти си на ред, – ми вели Павел.
– Не можам, – реков, и двајцата прснаа во смеа.
– Ајде, – ме подбуцнува Максим со ножот во рамото. Прободи му ја главата на овој несреќник. Ми ја зеде пушката од раце и бајонетот го заби во телото на комунистот.
Тој воздивна и се струполи на земјата како камен. Крвта му протече до моите чизми, а јас нервозно почнав да ги бришам од подот. Наеднаш ми се заврти во главата и добив нагон за повраќање. Не сум видел поголемо изживување и посвирепи ѕверства.
– Другите вратете ги назад, – заповеда Максим. Нека има што да убиваме и утре.
– Тебе како ти е името? – ме праша.
– Тихон, – одговорив.
– Ти си плашлив, Тихоне. Не можеш ниту да убиеш еден безвреден живот. Тоа е кукавичлук.
Не одговорив ништо. Тој ништо повеќе не ме праша, се врати на масата каде што Павел го чекаше со ново шише вотка. Продолжија да наздравуваат за злосторствата. Да се убива е страст, исто толку колку и злосторство. Методите од ден на ден сè повеќе се усовршуваа, а касапите стануваа повешти во своите способности и во своите дела. Овде се случуваше нешто што ни најболните умови не можат да го замислат. Еднаш Максим доведе затвореник, му ги врза рацете на половината, го клекна на колена, му ги отвори очите и му забоде игла. Затвореникот се онесвести од болка, а телото непрекинато му се тресеше.
– Но, тоа не е сѐ, – му рече Максим, а од фиоката извади сол и му ја истури во очната дупка од која линееше крв.
Кутриот, вриштеше со последните сили. Се згрозив и почнав да треперам. Мислам дека ги изгубив сите сетила. Како да лебдев во воздухот. Овде е пострашно и од пеколот.
– На сите ќе ви ги ископам очите. На сите до еден. Да видам после дали ќе остане еден комунист! Што велите? Сè уште ли му се поклонувате на Ленин? О, зарем тој никаквец ве чини едно око?
Најмладиот во редот го зграпчи за главата и го удри од ѕидот.
– И ти млада сило, зарем и ти си комунист? Предлагам да ти го пресечеме јазикот со ножица. Колку сум среќен кога гледам како еден по еден ве снемува, како чад. Во тие мигови дури и се плашам да не престане да ми чука срцето од толку радост. На најзакоравените комунисти, едноставно им ја сечам главта. Толку се безвредни, и тоа им е многу. Но мора некој да ја изврши казната.
– Што гледаш Тихоне? – ми се обраќа Максим. – Уживаш, нели?
Јас не одговарам, само се плашам да не ми нареди да учествувам во овие ѕверства, од кои се гадам, а тој ужива. До каде отишол човекот? Ѕвер и убиец. Ладнокрвно сече глави, вади очи, сече јазици, дере кожа, ги прегладнува до смрт заробениците, им пука со пиштолот во телата и ги остава телата да скапуваат заклучени во ќелиите.
– Утре со Павел ќе организираме натпревар. Кој ќе убие повеќемина, тој ќе го земе златото, смирено се смешка Максим.
Во ормарот имавме заробено златни парички, накит или стари кованици, за кои мислевме дека Црвените ги украле од аристократијата и кнезовите. Но во ова безредие никој не мисли на златото. Секој гледа да си ја спаси главата. Златото е најбезвредно кога животот е безвреден и нема смисла. Доведоа уште еден, кој не сакаше да прозбори ни збор. Му се восхитував на храброста. И покрај сите мачења незамисливи за човечкиот разум, тој не изусти ни збор.
Не зборуваш а? – праша Максим. Овој молчи.
– Ако не зборуваш, ќе морам малку да те просветлам. Така ќе ти се отвори устата, ќе ти протечат мислите.
До масата имаше секира, ја зеде и со сета сила го удри по главата со задниот дел. Од ноздрите му протече крв по усните, надолу по вратот, по кошулата.
– Ајде сега да видеме дали ќе ти текне или сѐ уште не се сеќаваш на ништо?
Затвореникот веќе беше мртов.
– Ајде сега потсети се. Не ти текнува, нели?
Максим нервозно го клоца со чизмите по стомакот.
– Изнесете ги сите надвор, – нареди Максим.
Така и сторивме. Мачењата и убивањата зачестија кога веќе беше извесно дека ја загубивме и последната битка. Поразени и гневни од својот пораз, убиваат сѐ што може да се убие. Сѐ што дише, сѐ што не е на наша страна. Имаше две жени кои претходно работеа како чистачки на училиштето. Максим ги задржа на работа, но сега добија нова задача, да ја чистат крвта од бетонскиот под, што ја пролева во секој ќош. Тие, со четки во рацете, со кофите се преместуваат од место на место, ги собираат остатоците од отсечените органи. Потоа со сува крпа го пребришуваат подот, треба да свети како мермер, како што вели Максим. Тука сѐ работи беспрекорно, како да се работи за сериозна институција со воспоставен ред, распоред на стражите, сменско работење на чуварите и упис на затворениците. Внатре се случуваше нешто ужасно. Ако човек не види со свои очи, безвредно е некој да му раскажува.
* *
Јас сум невин. Нема кому да му ја докажам својата невиност. Бидејќи сум осамен и никој не ме слуша, почнав да се молам секоја вечер и секое утро.
Одново почнав да верувам во Бога.